Култура
Лауреатот на Златна камера 300, Камински со порака на „Браќа Манаки“: Едвај чекам да се видиме во Македонија
На синоќешниот настан за одбележување на 41. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој се одржа во Музеј и завод Битола пристигнаа почитувачите на фестивалот од Битола, министерката за култура, Ирена Стефоска, директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, филмски професионлаци, претставници на дипломатскиот кор, љубители на филмската уметност. Пред присутните гости се обрати покровителот на фестивалот, Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој рече дека „Браќа Манаки“ е еден од најзначајните културни настани во нашата земја, настан во кој е вткаена богата историја, многу ентузијазам и љубов кон филмската уметност.
„Благодарение на овој фестивал, Битола и нашата држава се препознаени во светот на седмата уметност. За жал, годинава го нема црвениот тепих и препознатливиот гламур пред Центарот за култура во Битола, ги нема филмските проекции и полната киносала, ги нема драгите гости од светот на филмот. Пандемијата со Ковид-19 ги промени сите планови и предвидената програма за 41. издание на „Браќа Манаки“. Сепак, традицијата продолжува, и во скратена и во изменета форма фестивалот и понатаму живее“, рече претседателот Пендаровски.

Тој им честита на годинашните добитници: Јануш Камински, лауреат на Златна камера 300 за животен опус и Столе Попов, кому му беше доделена наградата на ДФРМ „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.
„Токму деновите на пандемијата ни покажаа колку е важна уметноста и, особено, која е моќта и улогата на филмот. Се разбира дека искуството на гледање филм на големото филмско платно е незаменливо и верувам дека со нормализирањето на состојбата, повторно, со зголемен ентузијазам и со љубопитност ќе се вратиме во кината“, додаде претседателот Пендаровски.
Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска говореше за тоа дека фестивалот „Браќа Манаки“ го одржува пулсот на градот Битола. „Во градот во којшто катадневно се случуваат низа настани, кој постојано живее со културните настани, градот којшо ја чува уметностао д античко време, од Хераклеа до секоја фасада во нашиот град. Токму во овој град може да се спакуваат низа животни ситуации и да претставуваат мотив за следни кинематографски изданија. Сето ова е длабок мотив да го сочувате фестивалот, дури и во вакви околности во кои се наоѓаме, како што е пандемијата. Сето ова е мотив повеќе и ние да оставиме нешто за следните генерации“, рече Петровска и им честита на годинашните добитници на наградите, какао што рече, „со многу повеќе верба во следното“.

Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмски работници, годинава му припадна на една од најистакнатите личности на македонската кинематографија, режисерот Столе Попов. Наградата свечено му ја врачи претседателот на ДФРМ, Игор Иванов, кој истакна дека во филмската уметност повеќе од која било друга националниот предзнак е исклучително важен.
„Кога настапуваме на фестивали, го пишува на земјата и таму се вее знамето на нашата земја Македонија, Република Северна Македонија. Ако треба со некое име на автор да ја означам нашата кинематографија, македонската кинематографија – тоа несомнено е Столе Попов“, рече Иванов потсетувајќи на најважните награди признаија на Попов која кулминираше со номинацијата за Оскар за документарен филм во 1979 година, за „Дае“.
„Филмовите на Столе Попов не излегуваа од киносалите, репликите од неговите филмови се дел од урбаниот живот и жаргон на скопјани, на луѓето од Битола, на сите кои живееме овде. Тој е несомнено еден од најголемите културни дејци на времето кое го живееме и во годината во која нашето Друштво на филмските работници на Македонија ја одбележува 70-годишнината од своето постоење, исклучително ми е драго што нашето најголемо признание „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ ќе му ја доделиме на Столе Попов“, рече Иванов.

Заблагодарувајќи се за наградата Попов рече дека секоја награда со годините може да се релативизира, но сепак има два типа на признанија кон кои не може да биде индифирентен и ги прима со голема радост, а тоа се наградите од публиката и од колегите. „Секој што се занимава со филм знае за тешкиот и макотрпен пат да се дојде до филм, тоа се илјадници помали и поголеми битки, од најтешката битка со самиот себе си за да се оствари визијата која ја носите во себе и на најсугестибилен начин да ги придобиете соработниците со кои работите за да од практично ништо направите нешто што публиката ќе го засака и ќе го гледа и тоа нема да се изгуби со текот на времето. Моите филмови главно се занимаваат со вечната тема во кинематографијата, тоа е пред се’ слободата и љубовта. Нема ништо поиманентно за слободата од идентитетот на човекот, неговиот јазик, неговата култура, неговата духовност и духовноста на средината во којашто живее. Би сакал да скренам внимание на луѓето кои се занимаваат со политика да не забораваат и да не ги занемаруваат тие фундаментални вредности на светската кинематографија и демократија, кои се’ почесто се занемаруваат и губат. Да имаат една работа на ум дека со сила и на сила убавина нема”, рече Столе Попов.
Преку видео порака се вклучи Кеес ван Острум, новоизбраниот претседател на ИМАГО, меѓународната асоцијација на кинематограферите, која во фестивалот „Браќа Манаки“ препозна свој партнер уште од 1995 година. „Извонредно е тоа што членовите Друштвото на филмски работници се’ уште го одржува атво добра форма“, рече ван Острум.
Возбудлив момент на ова одбележување на 41. издание на „Браќа Манаки“ беше обраќањето на годинашниот лауреат на Златна камера 300 за животен опус, оскаровецот Јануш Камински, големиот полско – американски и светски кинематографер, кој своето обраќање го почна на македоски јазик:

„Здраво пријатели, како сте? Огромна чест ми е што сум добитник на Наградата за животно дело од Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Се чини дека сум најмладиот добитник. Сепак, се вели дека годините се само бројка.
Би сакал да им честитам и на сите филмски професионалци признаени од фестивалот за нивната работа. Ви честитам.
Едвај чекам да ја посетам Битола, едвај чекам да се сликам пред споменикот што ги прикажува браќата Манаки. Какви изумители! Какви иноватори! Ја создале современата кинематографија! Освен тоа, не можам да ви опишам колку ми е мерак што ќе ја посетам Македонија,и ќе пијам Мастика. Не дека сум некој голем пијач, но сакам да дегустирам различни видови алкохол.
Од друга страна, на полично ниво, морам да се пофалам каква среќа имам што сум кинематографер. Мислам дека тоа е најчудесната професија на светот, да можеш да се изразиш себеси естетски и уметнички преку светлината и сенките. Тоа е уметничка форма што полека, но сигурно исчезнува. Би сакал да ја нагласам важноста на визуелното раскажување. Би сакал да ја нагласам важноста на сенките и светлината. На сите млади кинематографери што ме гледаат им порачувам – мора да работите на вашата уметност, мора да работите на вашиот занает. Работата не е во тоа само да покажете слика, поентата е во визуелните метафори, во раскажувањето приказна преку композицијата, движењето на камерата, и светлината и сенките.
Ви посакувам добра среќа на сите. Уште еднаш ви благодарам за оваа награда. Како што веќе кажав – Едвај чекам да се видиме во Македонија“, порача Камински.
Амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнс рече дека е достојно за почит се одржува наследството на браќата Манаки и овој фестивалот.
„Г-дине Камински, со вашата неприкосновена исклучителност направивте едни од највпечатливите и најважни филмови во последниот четврт век да бидат доживеани на филмското платно. Г-дине Попов, со вашата исклучителна работа придонесувате не само за афирмацијата на националната кинематографија, туку придонесувате и кон светското филмско богатство. Во последните неколку месеци, додека ја живеевме новата реалност на карантини и полициски часови, всушност филмската уметност во сите свои различни форми и која ја гледаме на различни начини беше она што успеа да не’ одржи во некаков вид на нормалност, успеа да ни ги одвлече мислите, да не’ занимава и да ни даде надеж. А всушност, луѓето на кои им е посветен овој фестивал – кинематограферите, се срцето на оваа уметничка форма. Тие се оние луѓе што стојат зад камерата и кои што ги оживуваат приказните, преку кои што понатаму ние можеме да се поврземе“, рече амбасадорката Брнс.

Од името на фестивалот зборуваше директорката на “Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска, која кажа дека веќе се подготвува следното издание на фестивалот.
„Подготвуваме квалитетна програма за да поканиме филмски уметници кои ќе бидат вистинските јунаци на новите слики, да ни дојдат гости и посетители од целата наша земја, регионот, како и што се случуваше во последните години. Би сакала да им се заблагодарам на сите што го сакате фестивалот, што го поддржувате, и ја поддржувате филмската уметност, колку и да е интересна, колку и да е, можеби, комплексна, но се обидувате секогаш да навлезете во нејзината слика како да сте вие дел од неа. Многу ќе ми недостасуваат, и мислам дека на сите ни недостасуваат, тие осум дена полни со адреналин кога трчаме од едно до друго кино. Знам дека целата оваа година, на идното издание догодина, ќе им ја раскажуваме на нашите гости, кои што ќе ги пречекаме овде во Битола, а тие ќе бидат растрчани од Центарот за култура, до Малата сала, до Големата сала, до Магазата, до Пациото и до новото Кино Манаки, кое што Општина Битола, сепак, успеа да го направи. Драги мои пријатели, многу ви благодарам што овој еден час, овој драгоцен час за нашиот мал тим, бевте со на“, рече Теодосиевска.

Битола од ова лето има уште едно, ново кино, на местото на некогашното кино, но пандемијата ја спречи промоцијата на новата киносала „Манаки“. Публиката имаше можност да види видео материјал за оваа нова културна и филмска точка на Битола.
Маја Андоновска – Илиевски, како водител и домаќин на настанот изрази благодарност до ДФРМ, Министерството за култура, Агенцијата за филм, Општина Битола, Кинотеката на Северна Македонија, Вардар филм, Заводот Музеј, Битола, Музејот за современа уметност, Скопје, но и благодарност до пријателите на фестивалот кои и во оваа тешка година се со него: Имаго, МекКен –Скопје, Комерцијална Банка, Тиквеш, Божиновски накит и часовници, Турскиот културен центар – Јунус Емре, Халк банка, Леиц и Вертиго Вижуал.
Годинава УО на ДФРМ донесе одлука дека ИФФК „Браќа Манаки“ нема да се одржи во својата реална форма. Основен мотив за оваа одлука е зачувувањето на здравјето на публиката, гостите и филмските работници во непредвидливата ситуација со пандемијата и негативниот ефект што оваа состојба ни го наметнува во сите сегменти на нашиот социјален живот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Серијата „Адолесценција“ би можела да добие продолжение
Серијата „Адолесценција“ (Adolescence) би можела да добие продолжение, иако првично беше замислена како мини-серија. Стивен Грејам, еден од авторите и актери во серијата, потврди дека заедно со коавторот Џек Торн веќе водат првични, неформални разговори за можна втора сезона.
Грејам, кој во серијата го толкува ликот на Еди Милер, татко на главниот лик Џејми, изјави дека идејата е сè уште во многу рана фаза и дека, доколку дојде до реализација, новите епизоди нема да бидат подготвени наскоро.
„Тоа е нешто што е длабоко во нашите мисли и можеби ќе го извлечеме за три или четири години“, рече Грејам зад сцената на доделувањето на Златните глобуси.
„Адолесценција“ ја следи приказната за проблематичен тинејџер обвинет за убиство на соученичка, фокусирајќи се на последиците од злосторството, семејните односи и психолошките процеси кај младите. Серијата доби бројни награди, меѓу кои и Златен глобус за најдобра мини-серија, како и признанија за актерските остварувања.
Иако нема официјална потврда за продолжение, меѓу фановите веќе се појавија шпекулации дека втората сезона би можела да биде раскажана од нов агол или серијата да прерасне во антологија со нова приказна.
Култура
„Една битка по друга“, „Хамнет“ и „Адолесценција“ доминираа на Златните глобуси
Во неделата беа доделени престижните награди Златен глобус. Филмот „Една битка по друга“ (One Battle After Another) беше прогласен за најдобар филм – мјузикл или комедија, што е една од вкупно четирите награди што ги освои, додека „Хамнет“ (Hamnet) ја доби наградата за најдобар филм – драма.
Тимоти Шаламе триумфираше во една од најконкурентните категории, освојувајќи ја наградата за најдобар актер во филм – мјузикл или комедија за улогата на професионален пингпонг-играч во филмот „Марти Суприм“ (Marty Supreme).
Филмот „Една битка по друга“ (One Battle After Another), продукција на „Ворнер Брос Дискавери“, кој ја следи приказната за група пропаднати револуционери, се смета за фаворит и за Оскар за најдобар филм. На доделувањето, режисерот Пол Томас Андерсон ги освои наградите за најдобар режисер и најдобро сценарио, додека Тејана Тејлор ја доби наградата за најдобра споредна актерка.
Филмот „Хамнет“ (Hamnet) нуди замислена приказна за тоа како Вилијам Шекспир и неговата сопруга се справувале со смртта на нивниот 11-годишен син Хамнет. Историчарите веруваат дека токму оваа трагедија го инспирирала драматургот да ја напише драмата „Хамлет“ (Hamlet).
Бразилскиот филм „Тајниот агент“ (The Secret Agent) беше прогласен за најдобар филм на странски јазик, а неговата ѕвезда Вагнер Моура ја освои наградата за најдобар актер во филм – драма.
Стелан Скарсгард го доби Златниот глобус за најдобра споредна машка улога во норвешката семејна драма „Сентиментална вредност“ (Sentimental Value).
„Не бев подготвен за ова, бидејќи, секако, мислев дека сум престар“, изјави 74-годишниот актер на сцената.
Песната „Злато“ (Golden), од анимираниот феномен „Кеј-поп ловци на демони“ (KPop Demon Hunters), беше прогласена за најдобра оригинална песна.
Во телевизиските категории, серијата „Пит“ (The Pitt) ја освои наградата за најдобра ТВ серија – драма, додека „Студиото“ (The Studio) беше прогласена за најдобра ТВ серија – мјузикл или комедија.
Мини-серијата „Адолесценција“ (Adolescence), која ја раскажува шокантната приказна за тринаесетгодишно момче обвинето за убиство на соученик, ја освои наградата за најдобра мини-серија или антологиска серија.
Актерите Стивен Грејам, Овен Купер и Ерин Доерти ги освоија наградите за најдобар актер во мини-серија, најдобар спореден актер на телевизија и најдобра споредна актерка на телевизија.
Култура
„Парусион“ во МКЦ: Авторски фјужн звук во срцето на живиот ритам
Групата „Парусион“ на 28 јануари, со почеток во 20:15 часот, ќе одржи концерт во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, најавувајќи вечер посветена на авторската музика, современиот фјужн израз и ритамот како главен носител на музичката мисла.
Формиран во 2003 година во Скопје, ансамблот „Парусион“ е предводен од Михаил Парушев – композитор и тапанар чија музичка визија се движи низ различни жанровски слоеви, од акустични и електрични звучни пејзажи, преку полиритмија, до современ фјужн пристап што ги спојува импровизацијата, јасната форма и живата сценска енергија. По повеќе од две децении активна концертна работа, „Парусион“ функционира како отворен колектив во кој секој музичар активно учествува во обликувањето на заедничкиот звук.
Во актуелната концертна постава, покрај Михаил Парушев на тапани, како постојан член од 2003 година се издвојува гитаристот Зоран Костадиновски, чиј израз комбинира ритмичка стабилност и експериментален пристап. Останатите музичари се приклучуваат на „Парусион“ во различни периоди, носејќи свои индивидуални сензибилитети и проширувајќи ја звучната палета на ансамблот преку труба, саксофон, пијано, бас и перкусии.
Звучната слика на ансамблот ја надградува трубата на Трајче Велков, која внесува јасни мелодиски линии и динамична боја, додека саксофонот на Петар Колевски се движи меѓу џез-фрази и слободна импровизација. Гитарскиот слој на Костадиновски се движи меѓу прецизна ритмика и истражувачки пристап, а пијаното на Јован Цветковиќ претставува хармонски и структурен столб на ансамблот. Бас линијата на Иван Бејков ја заокружува целината со длабока и стабилна основа, додека Горан Трајков со тарабука и перкусии дополнително го проширува ритмичкиот спектар, внесувајќи етно и ориентални нијанси во фјужн контекстот.
![]()
Роден во 1976 година во Скопје, во семејство на музичари, Михаил Парушев уште од најрана возраст го гради својот однос со ударните инструменти. Ритамот станува негов прв јазик уште на четиригодишна возраст, а на шест години тапаните веќе се негов примарен израз. Своето формално музичко образование го заокружува со дипломирање на Факултетот за музичка уметност во Скопје, што му овозможува стабилна основа врз која развива слободен, истражувачки и авторски пристап.
Неговиот талент е рано препознаен – во 1992 година е прогласен за најдобар тапанар на Скопскиот рок фестивал, а од 1989 година па сè до денес континуирано настапува на домашната и меѓународната сцена, искуство што директно се влева во звукот и сценската енергија на „Парусион“.
Авторскиот фокус на Парушев е потврден и со солистичкиот албум „Агол“, издаден во 2022 година, кој дополнително го нагласува неговиот интерес за ритамот како самостоен, но и фјужн елемент во поширок музички контекст. Во рамки на концертот во МКЦ, ансамблот ќе изведе авторски композиции што постојано се трансформираат на сцена, оставајќи простор за импровизација, дијалог и жив контакт со публиката.
Паралелно со тековните настапи, „Парусион“ продолжува да работи на нов авторски материјал и современи обработки на традиционални македонски песни, истражувајќи ја тенката линија меѓу музичкото наследство и модерниот фјужн израз.
Концертот во МКЦ е наменет за публиката што бара авторска, современа и жива музика – каде фјужнот не е стилска формула, туку процес во движење, а ритамот колективен јазик што се создава во моментот.

