Економија
СДСМ: Владата помага со 550 милиони евра, следува четвртиот пакет антикризни мерки
Владата им помага на граѓаните и стопанството со 550 милиони евра, следува четвртиот пакет антикризни мерки, велат од СДСМ преку соопштение.
„Владата предводена од СДСМ, по избувнувањето на пандемијата со коронавирусот, реагираше веднаш со три сета, навремени и сеопфатни антикризни мерки, кои на стопанството и на граѓаните им обезбедуваат поддршка при справување со кризата.
При креирањето на трите пакети мерки, за чија реализација се резервирани околу 550 милиони евра или 5,5% од БДП, владата се водеше по начелото на социјална правда и солидарност, а така ќе продолжи и четвртиот сет на мерки за уште поголема поддршка на граѓаните и компаниите.
Како дел од третиот пакет мерки 87 компании, кои планираат да реализираат проекти во вкупна вредност од околу 3 милиони евра, се избрани во финалната селекција од повикот за ко-финансирани грантови за брзо прилагодување од КОВИД-19.
Со оваа мерка се обезбедува финансисика подршка за технолошки развој на претпријатијата и приватните здравствени установи за надминување на последиците од КОВИД–19 , со цел претпријатијата, да воведат нови методи и технологии во своето работење, како и мерки за заштита на здравјето на вработените и клиентите, за да можат да одржат задоволително ниво на продуктивност, генерирање на приходи преку нови канали на продажба, воведување на нови производи или услуги.
Во рамките на мерките за помош за стопанството, со бескаматната кредитна линија КОВИД-1, преку Развојната банка, во стопанството се вбризгани свежи финансиски средства од 5 милиони евра на 737 компании, кои вработуваат 6.509 лица, од најпогодените сектори: туризмот, угостителството и транспортот на патници.
Развојната банка пласираше и кредитна линија КОВИД-2 во износ од 8 милиони евра, која беше наменета за сите дејности. Преку оваа кредитна линија, вкупно се одобрени 639 кредитни апликации на домашни компании кои вработуваат 11.325 лица.
Компаниите од овие сектори, но и сите други кои бележеа загуби ја искористија поддршката за исплата на минималната плата од 14.500 денари по вработен, при што просечно во трите најкритични месеци, април/мај/јуни беа поддржани околу 20.000 компании со околу 120.000 вработени.
Како дел од третиот сет на мерки беа и платежните картички за невработени лица, лица со ниски приходи и учениците и студентите, како и ваучерите за туризам, кои директно влијаеа на зголемување на приватната потрошувачка и помош и заживување на најпогодените сектори – угостителството и туризмот.
Вкупно беа подигнати 309.000 картички во вредност од 26.8 милиони евра. Дополнително, 117.000 граѓани добија ваучери за туризам во вкупна вредност од околу 12 милиони евра со цел да се поддржи домашниот туризам.
Мерките од третиот пакет сеуште се спроведуваат и нивната цел е да се зачуваат работните места на граѓаните, да обезбедат дополнителен развој, да им помогнат на компаниите да се вратат на патеките на раст и проширување на нивните капацитети.
Граѓаните и стопанството се и остануваат во фокусот на поддршката на Владата предводена од СДСМ“, наведе владејачката партија во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.