Култура
„Македонскиот јазик е наш идентитет“ одекна во Хрватска – Рацин, Шопов и македонскиот правопис во фокусот

Го имаме Рацин, кој е всушност канон, значи дека постоиме како култура, како јазик, како нација! Почетокот на официјализирањето на македонскиот јазик на Првото заседание на АСНОМ и градењето на нацијата не се без корен иако нашите соседи и од југот и од истокот упорно се обидуваат да се убедат себеси, но и Европа и светот, дека македонската нација е накарадно посадена во една новоформирана бившојугословенска република од страна на југословенскиот диктатор Јосип Броз Тито. Првата книга на македонски јазик во слободна Македонија, напишана од Ацо Шопов, не е само резултат на борбата, туку и самата, тогаш сѐ уште е и борба – борба со збор, но и со културолошки и општествен чекор, што го распламтува македонското постоење како факт, но и како конкретно остварен, легален и легитимен чин наспроти претходното третирање на употребата на македонскиот јазик за илегалност. Со книгата објавена во 1944 година Шопов и ја остварува литературнојазичната заложба на Крсте Мисирков на дело.
Ова се некои од пораките што беа упатени на манифестацијата „Македонскиот јазик е наш идентитет“, што се одржа во преполната сала на Градската библиотека во Самобор, со финансиска поддршка на Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска. Во централниот дел на манифестацијата учествуваа Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Голем број Македонци, студенти и ученици што го изучуваат македонскиот јазик, книжевници, музичари и други важни фактори на хрватската општествена стварност, со оваа манифестација чествуваа неколку значани јубилеи: 85 години од објавувањето на „Бели мугри“ од Рацин и тоа токму во Самобор, 80 години од одлуката на АСНОМ македонскиот јазик да е официјален во македонската држава и 80 години од објавувањето на првата поетска книга на македонски јазик во слободна Македонија – Шоповата „Песни“. Носител на проектот беше македонското културно друштво „Охридски бисер“ од Загреб под координација на македонистката што живее и работи во Хрватска, Ивана Брезовец, која напоменува:
„Манифестацијата ‘Македонскиот јазик е нашиот идентитет’ првпат се одржува оваа година. Нашиот јазик и книжевност имаат свои значајни личности и датуми, кои заслужуваат достојно да бидат одбележани и надвор од границите на нашата земја. Мојата желба беше Самобор и Рацин да нѐ обединат и да бидат мостот што нѐ поврзува. На исто место на македонски јазик да зборуваат најзначајните проучувачи, кои посветено работат во промовирањето и проучување на делото на нашите основоположници, на нашите инспиративни поети, писатели, критичари, научни работници.
„Силно светнал ден“ беше насловот на предавањето на истакнатиот рацинолог Весна Мојсова-Чепишевска во кое првпат на таков начин се презентира толкав корпус зачувани сведоштва, архивирана документација и сеќавања за објавувањето на книгата „Бели мугри“ од Рацин, со осврнување и кон досегашните научни согледби. Во исто време таа се осврна и на книжевната генеза на „Бели мугри“, но и воопшто на релациите на Рацин со Хрватска.
„Ако се согледа во целост Рациновиот творечки опус, нè вџашува фактот дека тој главно е објавен токму во Хрватска. Некои од тие трудови, како расказот ‘Во каменоломот’, кој победува на литературниот конкурс на загрепското списание ‘Литература’ во 1932 година, или песната ‘До еден работник’ како прва авторска песна објавена на македонски јазик во XX век, конкретно во април 1936 година, во загрепското списание ‘Книжевник’, и особено поетската збирка ‘Бели мугри’ и визионарскиот манифест за раѓањето на новата македонска книжевност со наслов ‘Развитокот и значењето на една нова наша книжевност’, повторно објавено во Загреб 1940 година, сите тие се од исклучителна важност за развојот на македонската книжевност и тоа од повеќе аспекти – литературно-историски, уметнички, јазички и теориски“, нагласи Мојсова-Чепишевска.
Во дел од предавањето таа и напомена:
„Кочо Рацин е канон. Со неговата збирка ‘Бели мугри’ се удираат темелите на современата македонска поезија. Рацин со помош на креативната корекција, која е манифестирана преку напуштањето на поетиката на експресионизмот и ослободувањето од српскохрватскиот, односно српскиот јазик, се издигнува во канон. Потврда за Рацин како канон во македонската современа книжевност претставува и влијанието што тој ќе го изврши врз хрватскиот поет Јуре Каштелан, кој во 1948 година во Хрватска ја објавува книгата ‘Македонски народни песни’, што претставува прв повоен препев на македонската народна поезија на хрватски јазик и воопшто на некој друг јазик“.
Лингвистиката Елка Јачева-Улчар одржа предавање со наслов „Претходниците и историјатот на македонскиот правопис – од одлуката за неговото донесување на 2.8.1944 до денес“, во кое се осврна на повеќе важни прашања од историјата на македонскиот јазик и за актуелните состојби.
„Покрај пишувањето на македонски и за македонскиот јазик од нашите преродбеници и учебникари во 19 век, како Константин Миладинов, Ѓорѓија Пулевски, Димитар Македонски и др., македонскиот јазик речиси истовремено со излегувањето на Пулевската ‘Славјанско-маќедонска општа историја’ (1892) ја добива својата научна потврда за своето постоење. Станува збор за првата одбранета докторска дисертација за македонскиот јазик на тогашниот Дерптски универзитет (денес ‘Тарту’) во Естонија. Докторандот е балто-германскиот лингвист Леонард Готхилф Мазинг, кој исто како и Крсте Мисирков бил ученик и пријател на Иван Александрович Бодуен де Куртене, кој бил и поддржувач на тезата за засебноста на македонскиот јазик: македонските говори, кои ги истражувал во 1877 г., ги изделил како посебна словенска гранка“, нагласи Јачева-Улчар.
Во однос на некои прашања од понов датум таа го издвои и заговарањето од една група писатели во раните 90-ти години непосредно пред осамостојувањето на Македонија за внесување буква за бележење на темниот вокал со употреба на нацртот од старослвенската кирилица за т.н. јор или голем ер за бележење на полувокалот од заден ред.
– До тогаш заговараната реформа, за среќа, не дојде. И тогаш како и денес сметам дека тоа што фатило корен во нашата писмена традиција не треба да се менува. Поинаку, може да се предизвика уште поголема неписменост при веќе постоен голем процент на неписменост, дотолку повеќе што внесување на нова графема во азбуката на еден јазик значи голема правописна реформа која не можат да си ја дозволат многу поголеми и побогати држави од нашата… …Конечно, во македонистиката имаме толку многу празнини кои чекаат на нас да ги пополниме, така што реформа во азбуката што ќе повлече и реформа во правописот е последната работа со која треба да се занимаваат македонските лингвисти.
За првата поетска книга во слободна Македонија, говореше Иван Антоновски, којшто важи за познавач на творештвото на Ацо Шопов, при што овојпат, поезијата на македонскиот класик беше ставена и во дијалог со творештвото, идеологијата и визијата на Рацин.
– Некој можеби и ќе рече дека ако „Песни“ не се случела во таа, 1944., имајќи ги предвид натамошните творечки остварувања на Шопов, сигурно би била пообемна и поетички покомплексна. Но, очигледно, таа се случува тогаш и како резултат на свесноста дека е нужна, неопходна и за самиот развиток на македонскиот литературен јазик. За да биде и книжевен браник од тогашните и натамошните напади и нелингвистички негирања упатени кон него, за кои несомнено, Шопов бил повеќе од свесен, и затоа, неколку години подоцна, во 1950 година, Шопов отворено ќе порача: „Инфорбировците од Бугарија можат да го одречуваат македонскиот јазик колку што сакаат. Нивно е да се нервираат и псуат. А ние сигурно одиме по правиот пат во развитокот на нашиот литературен јазик“. Се чини, истово важи и денес, за наследниците на инфорбировците, по не малку минати децении од тој непрекинат развиток, кога Шоповата „Песни“ е една од неговите почетни точки – книга во која официјално се остварува нашиот народен јазик слободно, и пред да се случи процесот на кодификација, нагласи меѓу другото, Антоновски.
Инаку, на овој дел од манифестацијата, пред присутните, со поддршка за настанот се обратија и Маја А. Балабурски, ополномоштен министер во македонската амбасада во Хрватска, Миран Шиоќ, претседател на Градскиот совет на Самобор, директорката на Градската библиотека, Мирјана Димњаковиќ и претседателката на „Охридски бисер“, Виолета Штерјова.
– Во проектот ги вклучивме и училиштата од Република Хрватска во коишто се изучуваат македонскиот јазик и култура. Воспоставивме соработка со Детските Рацинови средби во Велес, распишавме поетски конкурс за учениците во Хрватска со тема „Рацин во моите очи“. Ученичките Јана Димовски, Ева Русевски и Александра Мерпушкоски како наградени учесници ќе ги посетат градот Велес и родната куќа на Кочо Рацин, како и манифестацијата „Детски Рацинови средби“. Дел од проектот беше и јазичната работилница „Учиме македонски јазик“ која се одржа во Градската библиотека во Самобор, во детското одделение. Учесници беа ученици од четврто одделение во ОУ „Богомил Тонија“, напомена Ивана Брезовец.
Во рамките на централниот настан на манифестацијата, покрај предавањата на истакнатите истражувачи, со учество на најмладите се рецитираше и поезија, на македонски и во препев на хрватски јазик. Свои стихови читаа учениците Петар и Павел Богатинови, а стихови на Рацин и Шопов, средношколките Ева Матишиќ, Исидора Спиркоска и Александра Мерпушкоски. Програмата ја збогатија музичките ансамбли „Езерки“ и „Моми бисерни“, при што македонската народна песна одекна во Самобор.
Во текот на манифестацијата со учесниците од Македонија беа одржани работни средби во македонската Амбасада и во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб. Македонското културно друштво „Охридски бисер“ ѝ подари триесет книги од издаваштвото на Заедницата на Македонците во Република Хрватска на Градската библиотека во Самобор.
„Ова за нас е прва манифестација од ваков вид и се надевам дека ќе прерасне во традиција, а дека Самобор и Загреб ќе продолжат да будат едни од најзначајните центри на македонистиката“, истакнува Брезовец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Ова се добитниците на наградите на фестивалот „Војдан Чернодрински“

Со врачувањето на наградите во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, синоќа заврши 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Аплаузи, воздишки, силни пораки за изградба на нов театар и реновирање на зградата на постоечкиот што е затворен, но и за одличната организација на фестивалот чиј квалитет кој од година в година расте.
„Прилеп е град театар, Прилеп е местото на фестивалот, Прилеп е фестивалот. Прилеп треба да има театар, тоа повеќе не е ниту прашање ниту тврдење, туку насушна потреба“, рече Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот и селектор на програмата на затворањето на фестивалот.
„59. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп од вечерва оди во нашата колективна меморија. Го затвораме со едно чувство на мир и исполнетост на сите зададени цели и визии, како може покрај сите предизвици да се смееме и осмелиме на сето тоа во и околу нас. Ова е фестивал на сите театри во Македонија и дека заслужува да биде третиран како таков. Ова е местото што ги спојува сите идеи, креативни процеси, конструктивни дијалози, ова е платформата на заедничкото театарско живеење. За жал, сѐ уште не сме дојдени до реализација на таа идеја – сите да работиме за уште поуспешен фестивал“, рече Стојаноска.
Таа се заблагодари на публиката за секој знак поддршка, за секоја посетена претстава, за секој осведочен настан на нашиот фестивал, на својот тим, на Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, сите пријатели на фестивалот, сите медиуми што нѐ поддржаа, новинарките што ревносно ги следеа сите настани, домаќините на фестивалот, актерите и театарските креативци од Прилеп што се секогаш наша поддршка.
„Мојот најсилен аплауз е за овие млади луѓе во црвени маички што осум дена го шаренееја Прилеп и ни помагаа на сите нас. Драги волонтери, вие го правите нашиот фестивал најубавото место за дружење. Мојата листа со прекрасни нешта за крај: Прилеп наутро додека се буди градот, волонтерите на сите страни, смеата на тимот и сите осмелувања и решавања на предизвиците, прекорот кај оние што треба да ни кажат какви сме, радоста во очите на дечињата на детска зона, прегратките меѓу нас, благодарната публика, отвореноста да создаваме уште повеќе. Се гледаме на 60. јубилејно издание!“, рече Стојаноска.
Големи аплаузи им посвети публиката на волонтерите, кои се многу важна нишка за да имаме подобар фестивал. Поголемиот дел од лауреатите пристигнаа синоќа во Прилеп за лично да ги подигнат своите награди. Меѓународното жири, составено од Лилија Абаџиева, претседател, Иван Меденица и Нела Оташевиќ ги одбра наградите. Абаџиеца и Меденица ги читаа наградите на македонски јазик.
Награда за кореографија и сценски движења ја доби Васил Зафирчев за „Рацин“.
„Необично сум возбуден поради големата чест за ова награда, а второ, среќен сум што ја примам на 13 јуни, 82 години од погибијата на Рацин. Како велешанец, за мене тоа е големо. За вербата на оваа визија им благодарам на Дејан Пројковски и Сашо Димоски, се разбира, и на публиката“.
Наградата за најдобар рекламен материјал ја доби Медина Хоџа за „Слепци“ и рече дека истата е поттик за младите уметници.
Музичарот Сашко Костов награден за најдобра музика во „Рацин“, рече:
„На 13 јуни беше убиен Рацин и на оваа дата тој воскресна го Прилеп. Ова е моја прва награда по 14 год во Велешкиот театар. Голема благодарност до колешката Орхидеја Дукова за наградата. Извини што бев напорен и строг додека работевме. Им благодарам на мојата сопруга и на мојот син Олег за поддршката, зашто во последните 3 години не сум прибран дома“.
Валентин Светозарев примајќи ја наградата за најдобра сценографија, рече:
„Мојата професија е архитект. Може никогаш не направив куќа со високи шимшир порти, ама по некоја сценографија направив“.
Актерот Атанас Атанасовски во негов дух рече дека пред 10 години ја добил наградата за млад актер и дека овој гест на жирито значи дека не старее.
Слаѓана Вујошевиќ, примајќи ја наградата за најдобра млада актерка, упати силна порака до прилепчани.
„Пред 10 години Турскиот театар немаше своја зграда, односно, во тој момент ја изгуби. 10 години подоцна уште ја нема, но има еден ансамбл со големо срце истрајност и гордо изјавувам дека сум дел од тој колектив кој храбро не престанува да твори во секакви услови. Ова е награда за мојот колеги без кои оваа награда немаше да се случи, Прилепчани, не давајте се, бидејќи уметноста ќе победи“.
Оливер Митковски ја прими наградата за најдобра епизодна машка улога.
„Речиси секоја година доаѓам во Прилеп и се чувствувам релевантен да кажам дека од година в година се подобрува нивото на фестивалот. И се надевам дека Прилеп конечно ќе добие зграда во која ќе може да ужива публиката“, рече Митковски.
Актерката Марија Минчева Андонов од Народниот театар од Штип, наградена за главна женска улога, истакна дека ù е чест што ја добива оваа награда.
„Голема благодарност со режисерката Нела Витошевиќ и до Ана Ристоска Трпеноска, до жирито и, секако, до публиката што дише со нас. Оваа награда е доказ дека театарот сè уште има моќ да лекува и дека има прекрасни нешта за кои вреде да се живее“.
На публиката ѝ се заблагодари и Мартин Мирчевски, кој беше награден за улогата на Доне Совичанов во претставата „Црно семе“ на Битолскиот театар.
Примајќи ја наградата за најдобра режија, Ќендрим Ријани истакна дека фестивалот во секоја наредна година станува сè подобро организирам, ама во полоши услови.
„Убаво е што жирито е странско. Наградата му ја посветувам на ансамблот на Турскиот театар. Ова е колективна режија и тие ја заслужуваат повеќе од мене. Ние уметниците понекогаш можеме да правиме нешто добро и без пари, но театарска зграда не може да се направи без ништо. Се надевам дека тие што треба, ќе дадат пари за нова зграда“, истакна Ријани.
И Никола Кимовски, директорот на МНТ, го пофали квалитетот на фестивалот.
„Им благодарам на сите учесници од организацијата на фестивалот. МНТ годинава одбележува 80 години постоење и ова е петта награда што ја добиваме за половина година. Му ја посветувам наградата на целиот ансамбл“.
И режисерот Синиша Евтимов им се заблагодари на актерите во претставата и на својата фамилија.
„Животот кој го создава актерскиот ансамбл на 12 е како филмска сцена во еден кадар – во овој театарски „one shot“ актерите постигнуваат совршена органика, и во партнерството, и во градењето на ликот преку перипетиите на сижето. Секој од овие актери, коишто на различен начин се дел од историјата на современиот македонски театар, сјae со својата посебна автентичност како исклучително актерско присуство“, рече во своето обраќање Евтимов.
Наградата за костимографија ја доби Самка Гери за „Ричард Трети“ на Албанскиот театар. Наградата за најдобра споредна женска улога ја доби Маја Љутков за „Пар-распар“ на Театар Комедија. Наградата за современа сценска драматизација и адаптација ја доби Јелена Цветановска за „Црно семе“. Награда за современ драмски текст со мнозинство на гласови ја доби Ана Ристоска Трпеноска за текстот „Парови“ во претставата „Парови“ во изведба на Драмски театар – Скопје.
Во чест на наградите, Театар Комедија ја изведе претставата „Вистината 2“ во режија на Владимир Јурц.
Покровители на 59. издание на фестивалот се Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп. И оваа година фестивалот има предзнак екофестивал и има соработка со „Пакомак“. Спонзори се: Витаминка, Прилепска пивара и „Diners Club International“.
Култура
Доделени наградите на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

Претставата „12“ во режија на Синиша Евтимов ја доби наградата за уметничко остварување на претставата во целина на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“.
Жирито во состав Лилија Абаџиева, претседател и членовите Иван Меденица и Нела Оташевиќ, ја додели наградата со мнозинство гласови, а на истата претстава ја додели и специјалната награда за колективна актерска игра за ансамблот на МНТ.
На прес-конференцијата што се одржа денес во Центарот за култура во Прилеп, уметничкиот директор Ана Стојаноска се заблагодари на жири-комисијата и на сите што го поддржаа фестивалот.
„59. издание на МТФ беше исклучително интересно, возбудливо со многу предизвици. Се заблагодарувам на жири комисијата. Наградата за најдобра претстава од публиката ја доби претставата „Слепци“ и прв пат имавме оценка 5.00 од публиката“, истакна Стојаноска.
Чест ми е што бев воопшто од оваа комисија, ова е многу важно – мојата работа во театарот многу пати со македонската култура, сум правела претстави овде, во едни од најзначајните театри, колку што ги ценам наградите по светот, толку и наградата за режија што сум ја добила во Македонија, рече Абаџиева.
-Ова не го кажувам за да ве запознаам со себе, ама да кажам дека уметноста гради мостови кои политичарите не можат да ги изградат. Овие културни мостови кажуваат дека уметниците немаме предрасуди – рече Абаџиева.
Таа ја пофали играта на актерите на „12“, но пред се, „режисерот Синиша Евтимов кој создава ситуација“.
-Актерско достигнување на секој еден актер од екипата, дава претстава на системот на Станиславски и методот на Ли Стразберг, за автентичното живеење на сцената, би кажала, по учебник. Екипната актерска работа во претставата „12“ ни говори за театарот тука и сега. Тоа се бескрајно талентирани актери со големо партнерство, но се гледа и борба меѓу нив или со јазикот на филмот – тоа е како да имаме еден филмски кадар. Секој актер е дел од таа исклучителна работа, создава атмосфера и чувство на публиката како да сме воајер – рече Абаџиева.
Членот на жирито Иван Меденица посочи дека има чувство дека македонскиот театар е во криза и дека за 60.издание треба да се отвори ова прашање. Нела Оташевиќ ја пофали организацијата на фестивалот, волонтерите и целиот тим.
Ова се награди на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“:
1.Награда за рекламен материјал со мнозинство на гласови доделува на Медина Хоџа за рекламниот материјал од претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски театар – Скопје.
2.Награда за кореографија и сценски движења со мнозинство на гласови се доделува на Васил Зафирчев за кореографија и сценски движења во претставата „Рацин“ во изведба на НТ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес.
3.Награда за музика „Филип Стевановски“ едногласно се доделува на Сашко Костов за музиката во претставата „Рацин“ во изведба на НТ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес.
4.Награда за костимографија едногласно се доделува на Самка Фери за костимите во претставата „Ричард III“ во изведба на НУ Албански театар – Скопје.
5.Награда за сценографија едногласно се доделува на Валентин Светозарев за сценографија во претставата „Рацин“ во изведба на НУ НТ „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“, Велес.
6.Награда за современа сценска драматизација и адаптација едногласно се доделува на Јелена Цветановска за драматизација и адаптација на текстот „Црно семе“ во претставата „Црно семе“ во изведба на НУ Народен Театар – Битола.
7.Награда за современ драмски текст со мнозинство на гласови се доделува на Ана Ристоска Трпеноска за текстот „Парови“ во претставата „Парови“ во изведба на НУ Драмски театар – Скопје.
8.Награда за млад актер „Трајко Чоревски“ со мнозинство на гласови се доделува на Атанас Атанасовски за улогата на Оскар Медисон во претставата „Пар-распар“ во изведба на НУ Театар Комедија Скопје.
9.Награда за млада актерка едногласно се доделува на Слаѓана Вујошевиќ за улогата во претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски Театар – Скопје.
10. Награда за женска епизодна улога со мнозинство на гласови се доделува на Маја Љутков за улогата на Гвендолин Пиџн во претставата „Пар распар“ во изведба на НУ НТ Комедија.
11.Награда за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ со мнозинство гласови се доделува на Оливер Митковски за улогата на 10 во претставата „12“ во изведба на НУ МНТ Скопје.
12.Награда за главна женска улога едногласно се доделува на Марија Минчева Андонов за улогата на Мајката во претставата „Сите прекрасни нешта“ во изведба на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.
13.Награда за главна машка улога едногласно се доделува на Мартин Мирчевски за улогата на Доне Совичанов во претставата „Црно семе“ во изведба на НУ Народен театар Битола.
14.Награда за режија со мнозинство гласови се доделува на Ќендрим Ријани за режијата на претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски театар – Скопје.
15.Награда за уметничко остварување на претставата во целина со мнозинство гласови се доделува на ансамблот на НУ МНТ за уметничко остварување во претставата „12“.
– Специјална награда за колективна актерска игра едногласно се доделува на ансамблот на НУ МНТ – Скопје за претставата „12“.
Со врачување на наградите и со изведба на претставата „Вистината 2“ на Театар Комедија вечерва ќе биде спуштена завесата на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“.
Култура
Претставата „12“ на МНТ добитник на три награди на МТФ „Војдан Чернодрински“

На овогодинешниот 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ претставата „12“ е добитник на три награди. Жири-комисијата, во состав: Лилија Абаџиева – театарска режисерка и педагог, претседателка на жирито; Нела Оташевиќ – продуцентка во Црногорско народно позориште и Иван Меденица – театролог и универзитетски професор, ги додели: наградата за уметничко остварување во целина и специјална награда за колективна игра за претставата „12“, како и наградата за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ на Оливер Митковски во истоимената претстава.
Македонскиот народен театар со претставата „12“, по мотиви на Реџиналд Роуз (12 Angry Men), во адаптација и режија на Синиша Евтимов, на 6 јуни го отвори фестивалот и учествуваше во официјалната натпреварувачка програма, во конкуренција со уште осум театарски куќи.
Во претставата настапува извонредна актерска екипа, која ги освои и домашниот и меѓународниот аудиториум: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви/Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.