Култура
„Мајка“ на Теона Стругар Митевска со триумфална светска премиера во Венеција
Со долг аплауз и стоечки овации, долгоочекуваниот филм „Мајка“ на режисерката Теона Стругар Митевска беше премиерно прикажан на 81.
Венецискиот филмски фестивал во преполната Sala Darsena, отворајќи ја престижната селекција „Хоризонти“.
Филмот раскажува интимната и драматична приказна за младата Тереза во Калкута, 1948 година – во мигот кога таа чека одобрение од Ватикан да го напушти манастирот и да основа нов ред. Во главната улога блеска светски познатата актерка Номи Рапас, која ја толкува идната Мајка Тереза како сложена, човечна и противречна личност – исполнета
со амбиција, сомнежи и силна жед за слобода.
Актерската екипа ја сочинуваат и Никола Ристановски во улогата на отец Фредерик, Силивија Хукс како сестра Агнешка, како и Екин Чорапчи, Марајке Пиној и Лабина Митевска. Сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарaгиќ, додека зад камерата стои наградуваната белгиска директорка на фотографија
Виржини Сен-Мартин (SBC).
Првите критики по премиерата во Венеција го оценија „Мајка“ како „смело и современо филмско портретирање“ и „најкомплексното остварување на Митевска досега“. Овој исклучителен прием претставува уште еден голем успех за македонската кинематографија – во Венеција беше прикажан филм што се наметнува со интернационален јазик, естетика и релевантност.
„Мајка не е класичен биографски филм, туку обид да се прикаже една жена – Мајка Тереза – како сложена, повеќеслојна личност, далеку од клишеата на насмеаната светица.
Доаѓајќи од истата земја и град, чувствував длабока поврзаност со историскиот лик – и восхит кон нејзината храброст и решителност. Но, се запрашав: зошто мажите во историјата сме ги претставувале во најразлични светла, славени и во нивното добро и лошо, а жените речиси секогаш еднодимензионално? Со „Мајка“ сакав да дадам нова
перспектива, и да портретирам женска историска фигура прикажана без идеализации, туку со својата автентична сила, амбиција и противречности.
Во таа смисла, „Мајка“ е филм за слободата – и за храброста на една жена да биде различна, и покрај сите ограничувања на своето време.“ – изјави Теона Стругар Митевска за време на пресс конференцијата во Palazzo del Casino.
Номи Рапас, пак, рече: „Прифаќањето на оваа улога беше неверојатен предизвик и патување. Со месеци живеев со „Мајка“ во мене, низ многу емоции и внатрешни битки. Се нурнав во нејзиниот свет преку истражувања – читав многу, и позитивно и негативно, ги проучував нејзините писма, Библијата и Куранот, се обидував да го разберам времето и
местото во кое делувала. Она што го гледате на екранот е мојата Тереза – не копија, туку обид да ја пронајдам вистинската личност зад митот.
Соработката со Теона беше апсолутно прекрасна. Имавме искрена и силна врска, работевме без его и ја создадовме нашата Мајка Тереза заедно. Тоа беше двегодишно патување кое ми донесе нови перспективи и длабоко ме збогати.“
Уште пред премиерата, „Мајка“ беше продаден за кино-дистрибуција во над 15 европски земји, меѓу кои Франција, Германија, Италија, Шпанија, Данска, Шведска, Норвешка, Полска, Чешка, Финска и Белгија.
Од 3 декември, филмот ќе започне со кино-прикажување низ Европа – ретко и извонредно достигнување за македонска продукција.
„Овој извонреден интерес е доказ дека филмот има потенцијал да стане едно од најистакнатите европски остварувања оваа година,“ истакнуваат од француската агенција Kinology, задолжена за светска продажба и дистрибуција.
По премиерата во Венеција, филмот продолжува на своето фестивалско патување низ Европа и светот, а за македонската публика ќе биде прикажан на 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, од 20 до 26 септември во Битола.
„Со оваа премиера, македонската кинематографија уште еднаш направи голем исчекор на светската сцена. Отворени се вратите кон нови можности, а патот кон меѓународен успех е трасиран – не само за филмовите на Теона, туку и за новите млади генерации кои доаѓаат” – изјави директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.
„Мајка“ е копродукција на Северна Македонија, Белгија, Шведска, Данска и Босна и Херцеговина, во продукција на Лабина Митевска и Себастиен Делое, со извршни продуценти Номи Рапас и Силвија Хукс. Проектот е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Шведскиот филмски институт, Данскиот филмски институт, Центарот за кино на Федерацијата Валонија-Брисел и повеќе европски фондови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

