Култура
Меѓународната конференција „Запознај, види, направи!“ во Музејот на македонската борба
Седмата меѓународна конференција „Запознај, види, направи!“ (Meet, See, Do) на Балканската музејска мрежа ќе се одржи на 29 и 30 септември во НУ Музеј на македонската борба за самостојност. Во два работни дена и 14 сесии, 50 професионалци од земјава и од Велика Британија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Албанија, Грција, Косово и од Бугарија ќе дискутираат на тема „За што се музеите? Назад кон основите“!
Конференцијата е во организација на НУ Музеј на македонската борба за самостојност и Балканската музејска мрежа, една од најважните регионални платформи, која ги обединува музеите и професионалците што работат во заштитата на културното наследство од Балканскиот Регион.
Свеченото отворање на конференцијата е денеска со почеток во 10.30 часот. Конференцијата се реализира со поддршка на Министерството за култура како дел од годишната програма и со помош од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Андерфест 7“ – алтернативниот рок фестивал се враќа со уште поголема енергија
„Андерфест“, еден од најпрепознатливите алтернативни рок фестивали кај нас, ја најавѝ програмата за своето седмо издание! Настанот ќе се одржи во петок на 7 ноември во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, а и ова издание ветува вечер исполнета со моќна енергија, автентична музика и врвни настапи.
„Андерфест“ со годините изгради статус на фестивал што ги спојува најдобрите имиња од домашната алтернативна сцена, создавајќи уникатно музичко искуство за сите љубители на рокот и неговите поджанрови.
Оваа година, публиката ќе има можност да ги чуе и види LOST IN REVERIE, АУДИОЦИГЛА, ДИМИШ, ЗАНАДУ, ДЕМЕНСИ, ГОЛЕМАТА ВОДА и НОВИОТ ПОЧЕТОК – бендови кои носат свеж звук, различни емоции и препознатлив сценски настап.
Организаторите најавуваат уште повисоко ниво на продукција, динамична атмосфера и простор каде што ќе се слави вистинскиот дух на независната музичка сцена. За многумина, „Андерфест“ е повеќе од фестивал – тоа е традиција, движење и заедница што ја поттикнува домашната рок култура. Билетите се пуштени во продажба преку drugastrana.mk.
Изложби
Стигнавме ли веќе? Младите фотографи ги бараат патоказите кон Европа
Фото: Арбнора Мемети
Фото изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, ќе биде отворена в четврток, 6.11.2025 година, во 19 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Триесет млади фотографи (18-30 години) од целиот Западен Балкан се собрани на оваа изложба, која покажува како нивната генерација ја гледа идејата за Европа денес, поставува прашања и се поврзува со неа.
Создадена преку истоимениот регионален проект, инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, оваа изложба директно се осврнува на дезинформациите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Додека Западниот Балкан се насочува кон членство во ЕУ, младите луѓе во регионот се соочуваат со спротивни наративи, дезинформации и стереотипи кои често ја замаглуваат вистинската реалност кон пристапувањето во ЕУ. Преку автентично визуелно раскажување приказни, овие триесет фотографи се спротиставуваат на лажните наративи и презентираат вистински гледишта за тоа што значи европската интеграција за нивните заедници, нивниот секојдневен живот и нивната иднина. Изложбата содржи визуелни приказни кои ја одразуваат различноста, креативноста и критичката свест на новата генерација.
Фото: Иво Велчевски
Учесниците на изложбата беа избрани од стручно жири врз основа на јавен повик – по пет фотографи од секоја земја. Овие триесет избрани фотографи учествуваа на онлајн мастер работилница со холандската фотографка Илви Њиокиктјен, а на оваа изложба го претставуваме резултатот од нивната работа.
Македонија на изложбата ја претставуваат авторите: Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски.
Од секоја од шесте земји учеснички ќе биде избран по еден победник кој во мај следната година ќе има привилегија да престојува во Амстердам во текот на неделата на објавување на победниците на најголемиот светски натпревар за новинска фотографија World Press Photo.
Изложбата ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје е во четврток, 6 ноември, кога ќе биде објавен победникот од Македонија што ќе патува во Амстердам на World Press Photo.
Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонски центар за фотографија.
Култура
Солистички рецитал „Звуци на срцето и душата“ – Есенски музички свечености 2025
Дирекцијата за култура и уметност на Скопје известува дека во рамки на 25. издание на „Есенски музички свечености“ ќе се одржи солистички рецитал за баритон и пијано насловен „Звуци на срцето и душата“ утревечер, 6 ноември, четврток, со почеток во 20:00 часот во Салон 19 19 (Културно информативен центар).
На рециталот ќе настапат Берислав Јерковиќ (баритон) и Ана Дадиќ (пијано) од Хрватска.
Берислав Јерковиќ – баритон
Берислав Јерковиќ е дипломец по Пеење, Диригирање и Музичка педагогија, со докторски студии на Универзитетот во Загреб. Има изведено бројни солистички улоги во опери низ Европа, Африка и Америка, а настапувал со врвни оркестри и ансамбли. Добитник е на повеќе награди за вокални и диригентски настапи и активен е како професор на Академијата за уметност во Осиек, каде е и раководител на Одделот за музичка уметност.
Ана Дадиќ – пијано
Ана Дадиќ е пијанистка и флаутистка со дипломи од Музичката академија во Загреб и Академијата за музика во Љубљана. Добитничка е на над 35 први награди на национални и меѓународни натпревари и астапувала во повеќе европски земји. Соработувала со истакнати оркестри и ансамбли, меѓу кои Загрепската н филхармонија и Квартет Руцнер. Моментално работи како корепетитор во Уметничкото училиште за танц „Силвија Херцигонја“ во Загреб.

