Култура
Министерките за култура на Македонија, Србија и на Албанија на прошетка во старото јадро на Охрид на „Отворен Балкан“

Во рамките на самитот на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, што се одржува вчера и денеска во Охрид, вчеравечер некои од високите гости од регионот имаа можност да се запознаат со културните знаменитости во старото јадро на Охрид.
Ноќната прошетка на министерката за култур,а Бисера Костадиновска-Стојчевска, и на министерките за култура на Албанија, Елва Маргарити, и на Србија, Маја Гојковиќ, како и на министрите во Владата, Љупчо Николовски, Оливер Спасовски, Крешник Бектеши, и на директори на сродни институции од иницијативата, почна од Античкиот театар преку Галеријата на иконите и Куќата на Робевци.
Гостите беа запознаени и со една од најпрепознатливите техники за изработка на охридскиот бисер преку традицијата што ја негува охридското семејство Филеви.
Во фокусот на самитот на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ се културата и туризмот, а учествуваат министри за економија, за туризам и животна средина, за трговија, туризам и телекомуникации, како и министрите за култура на земјите од иницијативата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Со филмот „Мими“ вечерва се отвора Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“

Со изложба на постери и филмот „Мими“ на Даријан Пејовски вечерва се отвора 21. Меѓународен фестивал на европски филм „Синедејс“.
Репертоарот на стартот на „Синедејс“ започнува со отворање на изложбата на плакати во 19:30 часот во МКЦ именувана „Филмскиот плакат како визуелна гозба и информативна нарација“. Куратор на изложбата е Влатко Галевски, кој вели „Колекцијата на плакати која фестивалот ја става на увид е на свој начин приказна за раѓањето на ‘Синедејс’ во МКЦ. Факт е дека во 70-тите и 80-тите овде се промовира филмската уметност со сериозна фреквентност, а плакатот е комплексен печатен тизер кој ги содржи повеќето битни визуелни, па и наративни компоненти на филмската приказна. Со оваа изложба се потврдува блискоисториската вредност на некогашниот филмски репертоар на МКЦ.
По изложбата следува официјалното отворање со светска премиера на филмот „Мими“ на Даријан Пејовски на ГТЦ кров.
„Мими ги напушта своите родители и болното минато од родното место за да студира во Скопје. Ја запознава Сара – млада мајка со богат но насилен сопруг. Работејќи во киоскот на вујко ѝ и како бебиситерка за Сара, Мими копнее по единственото што не може да го има – мајчинството.
Улогите ги толкуваат: Наталија Теодосиевска како Мими, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов и други.
Даријан Пејовски е автор на сценариото по кое е снимен филмот, Дејан Димески стави свој потпис како кинематографер, сценографијата е на Игор Тошевски, Емилија И.Атанасовска – костимограф, Ива Куробаса – шминка и фризура, Александар Пејовски е автор на оригиналната музика, монтажата е на Владимир Павловски и дизајнот на звукот на Игор Поповски. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Дамир Терешак и Марко Јакимовиќ.
Филмот е копродукција на Скопје филм студио со Maxima film од Хрватска и Giggling goat production од Црна Гора, и истиот е направен со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, ХАВЦ – Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот центар на Црна Гора“.
Култура
Три фестивалски награди за претставата „Кармен” на Драмски театар

Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата на Кармен ја доби наградата за најдобра актерка на фестивалот „Македонско културно лето“ во Пустец, Р Албанија.
Дејан Пројковски ја доби наградата за најдобра режија на монодрамата „Кармен”, која воедно е прогласена и за најдобра претстава на Фестивалот.
На 15. издание на фестивалот „Македонско културно лето“ што се одржа од 1 до 5 јули пред многубројна публика од целиот регион на Пустец настапија неколку македонски професионални театри и хорот Св. Злата Мегленска.
Култура
Почнува меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“

Mеѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“, со слоганот „Од високо подобро се гледа“, ќе се одржи од утре до 14 овој месец на повеќе локации во Скопје – на покривот на ГТЦ, на покривот на Домот наградежниците, Музејот на современата уметност, Автокиното на Водно, во МКЦ-парк, во киното „Милениум“ и во Кинотеката.
Отворањето и затворањето на 21. „Синедејс“ е во знак на македонските режисерски имиња.
Филмот „Мими“ на Даријан Пејовски својата светска премиера ќе ја има в четврток на отворање на фестивалот, а затворањето на фестивалот е со „Нема да си сама“ на Горан Столевски, кој го сврте вниманието на светската филмска јавност по премиерата на „Синедејс“.
Годинешната програма на „Синедејс“ е селекција на Бернд Будер и во неа граѓаните ќе имаат можност да видат светски и македонски филмови и копродукции што гравитираат во неколку нови и веќе познати програмски целини: официјална селекција, SEE-програма, МК Shorts (кратки филмови), ретроспектива на Фатих Акин, како и гала-програмата на фестивалот, во која доминираат филмови од годинешното издание на Канскиот фестивал.
Во насока на поддршка и развој на филмската уметност, Град Скопје е подржувач на меѓународниот фестивал, кој со години е неизоставен дел од културната програма на Скопје.