Култура
Изведени повеќе од 240 претстави и пет премиери во МНТ во 2019 година

Македонскиот народен театар успешно ја заврши 2019 година со изведени повеќе од 240 претстави и настани, посетени од над 84.500 гледачи.
На големата и малата сцена се реализираа пет премиерни изведби, и тоа: „Макбет“ во режија на Нела Витошевиќ, „Мој термин“ на режисерот Синиша Евтимов, „Бесачи“ на бугарскиот режисер Јавор Грдев, „Најкратки драми на светот“ во режија на Трајче Ѓоргиев и „Отело“ во режија на Нина Николиќ.
По повод 74-годишнината од првата премиера на сцената на Македонскиот народен театар – Скопје, на 3 април во фоајето на театарот беше отворена изложбата со наслов „Од текст до претстава: македонски драми на сцената на МНТ“. Изложбата е сè уште активна и актуелна и секојдневно ја посетуваат голем број посетители, меѓу кои студентите и учениците на основните и средните училишта.
Освен големата посетеност од страна на домашната публика во МНТ, изведбите на претставите ги следеше и театарска публика надвор од државата. МНТ реализира поголем број гостувања, меѓу кои се издвојуваат: „Разговори во четири очи“, која гостуваше на „НИТ-фест“, Шилпи театар во Катманду и на „Паралел фестивал“, Театарот во Покхара – Непал; комедијата „Кец на десетка“ во октомври 2019 година беше изведена на Меѓународниот фестивал на хуморот и сатирата „Ин Виница веритас“, кој се одржува во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница; а во рамките на 54. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, МНТ гостуваше со претставите „Макбет“ и „Силјан Штркот шанца“. Претставата „Макбет“ од Вилијам Шекспир, а во режија на Нела Витошевиќ, пред прилепската публика се одигра на отворањето на фестивалот (во официјалната натпреварувачка програма) на 7 јуни 2019 година. На затворањето на фестивалот, 15 јуни 2019 година, a во чест на наградените, каде што „Макбет“ ги доби наградите за костимографија и сценографија, се одигра и претставата „Силјан Штркот шанца“ по текст на Дејан Дуковски, а во режија на Срѓан Јаниќиевиќ.
На 27 јуни, на големата сцена во МНТ, претставата „Макбет“ настапи и на 40. јубилејно издание на Скопско лето. Претставата „Галеб“ во јуни гостуваше на 27. издание на Интернационалниот театарски фестивал „Варненско лето“ во Варна и на 13. издание на платформата „Светскиот театар во Софија“ Софија, Р. Бугарија. Актуелната хит-претстава „Мој термин“ гостуваше на 22. издание на меѓународниот театарски фестивал Денови на комедијата во Куманово во октомври, „Еден месец на село“ на 1 ноември 2019 година гостуваше на сцената на Црногорското народно позориште, Подгорица, Р. Црна Гора, и беше изведена во ревиjалниот дел, а во рамките на затворањето на Биеналето на црногорските театри 2019 година, како и по повод прославата за Денот на Црногорскиот народен театар. Во рамките на билатералната соработка помеѓу Македонскиот народен театар и Народното позориште, Белград, Р. Србија, на 8 декември 2019 година се реализира и гостувањето на претставата „Животот е прекрасен“, каде што МНТ од страна на директорката Ивана Вуиќ го прими печатот од Народното позориште – Белград.
Гостувањата продолжуваат со уште едно патување во Кина во следниот период.
На големата сцена во МНТ гостуваше „Будење“ во изведба на Guangdong Song & Dance Theater – Народна Република Кина, потоа „Зона Замфирова“, мјузикл на Позориште на Теразијама, Р. Србија, Српското народно позориште од Нови Сад со претставата „Духот кој оди (Патот на Прометеј)“, поставена според текст на Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски, и претставата „Ноќ на боговите“ по текст на Миро Гавран, во режија на Марко Манојловиќ, а во изведба на Воин Ќетковиќ, Дејан Луткиќ и Небојша Илиќ, како и традиционалниот јапонски НО Театар „Јамамото“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концертна промоција на албумот „Егрерор“ на ФИН Проект и Тања Царовска

Концертната промоција на албумот „Егрерор“ на Никола Стојковски (ФИН Проект) и Тања Царовска ќе се одржи денеска со почеток во 20:30 часот во Куршумли ан.
На концертот, како гости ќе настапат и Петар Христов (саксофон и кларинет) и Горан Трајкоски – Готра, на пијано Билјана Петровска, бас и контрабас Андреа Мирческа, како и Илија Јовчев – виолина, Ева Ристеска – виолина, Ангела Винтовска – виола, Александар Ицковски – виолончело.
Албумот „FIN Project Orchestra“ е издаден во декември 2022 година од М-Сол Рекорд и е поддржан од Министерството за култура на Р.С. Македонија. Следуваше „FIN Project – Contemplation“ кој е издаден во јануари 2024 година.
Музичкиот материјал на албумот е подготвен во соработка со кларинетистот Петар Христов. А, како последно издание во 2024 година, FIN Project во соработка со светски реномираниот композитор и продуцент на извонредната Лиза Жерар, Марсело Ди Франсиши, го објави „Indie Monastery – One Big World (remixes)“ каде како вокален интерпретатор се појавува иранската дива Бахар Шах.
Култура
Љутков: Културното наследство не е минато што го чуваме по инерција, туку иднина што ја градиме со свест

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, австрискиот амбасадор Мартин Памер, претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Волфганг Мајер, и директорката на Археолошкиот музеј на Македонија, Магдалена Манаскова, го посетија археолошкиот локалитет Тумба Маџари по повод потпишување Договор за долгорочно користење на парцела во сопственост на ЕВН што е во рамките на локалитетот.
Локацијата што денес се отстапува за долгорочно користење, во рамките на археолошкиот локалитет Тумба Маџари, станува дел од живата мрежа на научна работа, теренски истражувања, едукација и развој.
Кога јавниот и приватниот сектор застануваат на иста страна, на страната на заедничките општествени вредности, тогаш и ефектот никогаш не изостанува. Со потпишувањето на денешниот договор, локалитетот Тумба Маџари добива нова перспектива.
Љутков упати благодарност до Волфганг Мајер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија, до ЕВН како компанија и до австрискиот амбасадор Мартин Памер за континуираната соработка во областа на културата.
Министерството за култура и туризам стои зад оваа иницијатива, активно поддржувајќи ја соработката меѓу јавниот и приватниот сектор, создавајќи широк круг на поддршка и ангажман. Оваа партнерска врска не само што го зајакнува нашиот културен идентитет туку, исто така, го поттикнува развојот на туризмот и на економијата, притоа создавајќи нови можности за локалните заедници. Потпишувањето на денешниот договор не е само правен акт, ова е чин на зрелост на заедницата што го препознава културното наследство како вредност што има смисла само кога заеднички се чува и се споделува.
Култура
Концерт на Дони Мекаслин и националниот џез-оркестар

На 14 јули 2025 година, со почеток во 21:00 часот, во Македонскиот народен театар, љубителите на џезот ќе имаат можност да присуствуваат на извонреден концерт, заеднички настап на еден од најсмелите и највпечатливи саксофонисти и композитори на современата џез сцена, Дони МекКаслин и Националниот џез оркестар. Диригент на концертот ќе биде маестро Владимир Николов.
Името на Дони МекКаслин (САД) стои зад едно од најзначајните музички изданија на 21 век – Blackstar, последниот албум на Дејвид Боуви, на кој токму МекКаслин беше една од клучните креативни сили што го обликуваа неговиот експериментален звук. Од тој момент, МекКаслин продолжува да ги редефинира границите на џезот, создавајќи музика која живее на пресекот меѓу жанровите – каде електрониката, арт-рокот и импровизацијата се среќаваат со слободата на изразот. За тоа сведочат албумите Blow. (2018) и I Want More (2023) – хибриден звук кој не припаѓа на еден жанр, туку на уметноста како процес на преобразба.
New York Times за еден негов концерт напиша: „Сè започна со синтисајзер што пулсира во слободен ритам, за потоа да премине во тенор-соло што звучеше и како бура и како молитва.“
Билетите за концертот може да се набават online на MKTickets и на продажните места на МКТикетс. На самиот ден на концертот билетите ќе бидат достапни и на билетарницата на Македонскиот народен театар (МНТ).