Култура
Монографија за Питу Гули од Кочо Топузоски
Во издание на Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје излезе од печат монографија за Питу Гули, историографски труд од познатиот македонски писател и публицист Кочо Топузоски.
Книгата е објавена во знак на одбележување 120 години од загинувањето на легендарниот војвода од Мечкин Камен, Питу Гули (1865 – 1903), чиј животен и револуционерен век се поклопува со најзначајниот период од борбата на македонскиот народ за самостојност и создавање национална држава, познат во историските традиции како илинденска епопеја.
Монографијата се појави во едицијата „Сведоштва“ и таа донесува обемен историографски материјал од архивски карактер, потоа од спомени, од изворни семејни кажувања, а користени се и материјали од весници, списанија и зборници. Книгата располага со низа факсимили од оригинални и до сега непознати документи и фотографии.
Кочо Топузоски (1951) е автор на повеќе книги од областа на поезијата и историографијата. Меѓу нив се и: Ноќни делби, поезија (1975); Питу Гули – живот и потоа, историско-биографски осфрт (1995); Болна прелест, поезија (2003); Питу Гули – живот и потоа, дополнето издание (2003); Никола Карев – живот и потоа, монографија (2005); Никола Карев – патешествија низ документи, монографија (2008); Препознавања, поезија (2012); Војводата Питу Гули, монографија (2015); Посланија и риданија, поезија (2016); Нафора мугреница, поезија – избор на македонски, албански и влашки јазик (2017); Ветераните на Илинден, историографија (2017); И жега и река, поезија – избор (2020); Илинденската споменица, историографија (2023) и Питу Гули, монографија (2024).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на претставата „Замисли нов свет“ во МНТ, инспирирана од творештвото на Горан Стефановски
На 16 и 17 декември на големата сцена на Македонскиот народен театар, со почеток од 20:00 часот ќе се одиграат две премиерни изведби на претставата „Замисли нов свет“, работена според мотиви од делата на Горан Стефановски. Ова беше соопштено на прес-конференцијата која се одржа денеска во Македонскиот народен театар, на која присуствуваа членови на актерската екипа заедно со режисерката Нела Витошевиќ, претставникот од продукциската куќа „Сектор Филм“, директорот на МНТ, Никола Кимовски, како и Емилија Андоновска, Главниот комерцијален директор за приватни корисници на Македонски Телеком, кој стои зад реализацијата на оваа претстава.
Претставата обработува безвременски теми од нашата заедница, испреплетени една низ друга и раскажани преку добро познатите ликови од драмите на Стефановски.
„Секогаш кога се подготвува претстава поврзана со ликот и делото на Горан, интересот е голем, бидејќи сите ние се пронаоѓаме во неговите дела, ги чувствуваме како блиски и безвременско релевантни. Воедно, би сакал да изразам благодарност до Македонски Телеком што иницираше и поддржа еден ваков театарски проект, и се надевам дека во иднина повеќе компании ќе го следат овој пример“, изјави Никола Кимовски, директор на МНТ.
Во „Замисли нов свет“ ќе се појават актери од различни генерации и секој од нив ќе толкува повеќе улоги одеднаш. Актерската екипа која ќе се појави на сцената на МНТ е составена од: Верица Недеска, Дамјан Цветановски, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ, Нина Деан, Ана Јовановска, Стефан Спасов и Антонио Ташковски. Претставата е режирана од Нела Витошевиќ, по драматизација на Ана Ристоска-Трпеноска. Во креативниот дел се потпишуваат уште и композиторот Огнен Анастасовски, сценографот Костантин Трпеноски, костимографката Роза Трајчевска-Ристоска.
Претставата „Замисли нов свет“ е проект на Телеком во соработка со МНТ, идеја на маркетинг-агенцијата Saatchi&Saatchi Скопје дел од Публицис Групацијата, а инспирирана од творештвото на нашиот најголем драмски писател Горан Стефановски, со кој ќе бидат заокружени активностите од иницијативата #НаправиМесто за 2024 година.
„Делата на Горан Стефановски се врежани во нашата меморија, подеднакво се силни и денес и нѐ обединуваат: да се прифатиме кои сме, да ги надминеме предрасудите и вистински да се поврземе. Годината ја почнавме со оваа тема, и ја завршуваме со истата порака, преку театарот како медиум кој се обраќа на целата јавност и преку делата на Стефановски. Претставата ’Замисли нов свет‘ е нашата инвестиција во културата и македонските уметници кои оставиле белег и чии дела треба да се пренесуваат“, изјави Емилија Андоновска, Главен комерцијален директор за приватни корисници на Македонски Телеком.
Ова е шестиот проект по започнувањето на новата театарска сезона на Македонскиот народен театар, овојпат во продукција на „Сектор Филм“ и копродукција на Македонскиот народен театар, а како продуценти се потпишуваат Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.
Култура
Мултимедијалниот перформанс „Молчи, јас летам“ во продукција на „Театар Пи“ ја имаше својата премиера
Мултимедијалниот перформанс „Молчи, јас летам“ во продукција на Театар Пи ја имаше својата премиера на 10 декември од 19 часот во Центарот за култура во Ѓорче Петров.
На перформансот учествуваа лица со попреченост со монолози, музички етиди, танци и изложба на фотографии. На настанот учествуваа и нивните родители кои разкажуваа лични преживувања и случки од нивното секојдневие и начинот на справување и вклучување на нивните деца во социјалниот и општевен живот.
Перформансот имаше за цел да и покаже на публиката колку можат лицата да биде мотивирани и да имаат импакт во најразлични уметнички области. Учествуваат ученици и од сите основни училишта од општина Ѓорче Петров со типичен и атипичен развој како и лица со интелектуална попреченост од ЦПЛИП – Порака Скопје.
Концептот и режијата е на Златко Митрески и Македонка Илиевска Митреска.
Култура
Отворено писмо на ИФФК „Браќа Манаки“: Агенцијата за филм веќе цели пет месеци одбива да изврши исплата на Фестивалот
Тимот на ИФФК „Браќа Манаки“ упати отворено писмо до Агенција за филм на РСМ, Министерство за култура и туризам, Влада на РСМ, јавноста и медиумите.
„Поминаа повеќе од два месеци откако заврши јубилејното 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој се реализираше без ниту еден денар буџет од Агенцијата за филм, единствено на добра волја на сите учесници, соработници и партнери на Фестивалот.
Повеќе од два месеци раковотството на Фестивалот и неговите соработници се под огромен притисок. Опомените пред тужби поради неможноста да се исплатат долговите кон соработниците и ангажираните лица, за жал, станаа наше секојдневие.
Јубилејното 45. издание на Фестивалот со гордост можеме да кажеме беше едно од најуспешните изданија досега. Посетено од врвни имиња, лауреати, оскаровци. Кино салите и работилниците беа исполнети со публика, а придружната програма дополнително го надополни сјајот на Битола.
Но, за жал, како резултат на агонијата која ја трпиме овие неколку месеци поради неисплаќање на обврските од страна на Агенцијата за филм, не можеме ниту да се израдуваме на сопствените успеси.
Би сакале да истакнеме дека Фестивалот уредно ги има доставено сите претходни извештаи и било каква правна пречка за вакво самоволие апсолутно не постои.
До овој момент, Агенцијата за филм веќе цели пет месеци одбива да изврши исплата на Фестивалот.
Надворешните соработници, иако свесни дека Фестивалот нема никаква вина за неисплаќањето, единствено решение гледаат во опомени и тужби. Ние, ангажираните лица, се соочуваме со притисокот од елементарна егзистенција, бидејќи меѓу нас има и такви кои комплетно живеат од проектите на кои вредно и посветено работат, а се исплаќаат исклучиво од Агенцијата за филм.
Голем број од нас, филмски работници, не земаме плата на секој први во месецот, немаме здравствено и пензиско осигурување. Ние и нашите семејства живееме од овие сретства кои пет месеци без никакво писмено образложение и со многу празни ветувања сеуште не ни се исплаќаат.
По сознанието дека в.д.директорката е во оставка, а поради фактот дека времето до затворање на можноста на исплаќање е мошне кратко, кон вас како Министерство за култура и туризам, Владата на РСМ и Управниот одбор на Агенцијата за филм упатуваме молба итно да се пристапи кон исплаќање на сретствата планирани за финансирање на фестивали и манифестации за 2024 година“, се наведува во писмото.