Култура
Моќeн говор на режисерот Ињариту на отворањето на Канскиот фестивал: Знаеме како завршуваат ваквите сценарија на Трамп
Гламурозно, но и крајно софистицирано со традиционално претставување на жирито и моќно обраќање на режисерот Алехандро Гонзалез Ињариту, вчеравечер беше одбележана церемонијата за отворањето на 72. издание на Канскиот филмски фестивал.
Честа да го отворат фестивалот оваа година им беше доверена на еден од најмаркантните актери Хавиер Бардем и на актерката Шарлот Гензбург.

На големото платно беа прикажани и сцени од импресивниот опус на Ињариту. Поради фактот што овој голем режисер преседава со седумчленото жири, а исто така меѓу одлучувачите за „Златната палма“ е еден од водечките режисери Павел Павликовски, изборот од 21 еден филм на главната селекција се очекува да биде повеќе од сериозен.

Делумно шармантно, но со остра порака Ињариту ги коментираше плановите на американскиот претседател Доналд Трамп што се однесуваат за затворање на границата со Мексико. Според него, ваквите политички сценарија вообичаено се знае како завршуваат.
По церемонијата беше прикажан најновиот филм на режисерот Џим Џармуш, „Мртвите не можат да умрат“.

Вообичаено, во манирот на Џармуш, овој филм е саркастичен коментар на мртвилото и робувањето на здодевните навики на луѓето. Дејствието е сместено во мал американски град каде што локалниот полицаец ќе треба да се соочи со битка со немртвите – зомбија.
На црвениот килим вниманието најмногу го предизвика Бардем, но љубопитните посетители од целиот свет френетично ги поздравија и Џармуш и актерката Тилда Свинтон.

Атмосферата пред отворањето во текот на целиот ден на канската Кроазета ја подгреваа раздвижени филмаџии од целиот свет кои во матичните павилјони поставени во должина на славната улица имаа можност за средби, а националните кинематографии можат да ги изложат своите нови проекти и да се поврзат за најразновидни копродукции и да истражуваат можности за соработка во филмската индустрија.
Заштитно лице на годинешната канска смотра е неодамна починатата француска режисерка Ањес Варда. До крајот на фестивалот се очекува во Кан да пристигнат филмските ѕвезди Квантин Тарантино, чиј филм е во трка за „Златната палма“, како и актерите Леонардо ди Каприо, Бред Пит, Изабел Ипер и музичарите Иги Поп, Том Вејтс, Елтон Џон и Боно Вокс.
Од Кан,
Ана Василевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Операта „Тоска“ на 16 мај во рамките на 54. издание на „Мајски оперски вечери“
Во рамките на 54. издание на престижниот фестивал „Мајски оперски вечери“ на 16 мај со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Полска, Марчин Наленч-Њесјоловски ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.

Во насловната улога (Флорија Тоска) ќе настапи Марија Јелиќ од Србија, во улогата на Каварадоси – Милен Бошков (Бугарија), во улогата на Скарпија – Иван Инверарди од Италија, во останатите улоги настапуваат: Владимир Саздовски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
„Тоска“ е опера во три чина од Џакомо Пучини, создадена врз либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза, инспирирано од драмата на Викториен Сарду. Од својата премиера до денес, делото го задржува вниманието на публиката со својата драмска напнатост и силен музички израз. И повеќе од еден век подоцна, „Тоска“ останува едно од најизведуваните оперски дела — силна приказна во која личната судбина се судира со моќта, љубовта и трагедијата.
Култура
Со „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“ свечено отворени 54. Мајски оперски вечери
Со изведбата на оперите „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“ од Џакомо Пучини, синоќа во Македонската опера и балет беше отворено 54. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“. Публиката премиерната изведба ја поздрави со долги аплаузи и овации.
Диригент на двете едночинки беше Џанлука Мартиненги, кој го водеше оркестарот низ две различни музички и драмски атмосфери – од трагичната и емотивна „Сестра Анџелика“ до сатиричната и комична „Џани Скики“.
Во главната улога во „Сестра Анџелика“ настапи сопранистката Валентина Бои, која ја донесе емотивната приказна за монахињата што се соочува со лична трагедија. Бенедета Мацето настапи како Принцезата, во улога што внесе силна драмска тензија во претставата.
Режијата е на Пјер Франческо Маестрини, сценографијата на Гиљермо Нова, костимографијата на Кристина Ачети, а светлото го потпишува Милчо Александров.
Во вториот дел од вечерта беше изведена комичната опера „Џани Скики“, во која главната улога ја толкуваше Роберто Де Кандиа. Настапија и Ана Дурловски како Лаурета и Гуо С-Жао како Ринучио.
Публиката особено ја поздрави изведбата на аријата „O mio babbino caro“, како и ансамбл сцените во операта.
Со ова отворање, Мајските оперски вечери ја започнаа новата фестивалска сезона со продукција што обедини силни вокални интерпретации, впечатлива сценографија и современ режисерски пристап.
Култура
Самостојна изложба „Македонска Златна Азбука“ на Мaја Танева во Мобилната/Монтажна галерија во Скопје
Денес во Мобилната/Монтажна галерија во Скопје, ќе биде отвотена самостојната изложба „Македонска Златна Азбука“ на уметницата Мaја Танева, проект кој ја истражува македонската азбука како простор на идентитет, културна меморија и современ визуелен израз.
Изложбата опфаќа 31 дело, по едно за секоја буква од македонската азбука, изработени во акрилна техника со златна фолија на акрилен хамер. Дел од буквите се врамени, додека други излегуваат од класичниот формат и го преземаат самиот галериски простор,претворајќи ја изложбата во визуелно и емоционално искуство.
„Азбуката е едно од ретките нешта што тивко нè следат низ целиот живот. Преку неа првпат го пишуваме сопственото име, првпат читаме и се препознаваме себеси во јазикот,“ вели авторката.

Златото во изложбата не симболизира материјално богатство, туку вредност која што не бледее, како јазикот, наследството и културниот идентитет. Во време на забрзана дигитална визуелна култура, „Македонска Златна Азбука“ отвора простор за повторно поврзување со сопствениот јазик преку уметноста.
Мaја Танева е визуелна уметница и скулпторка, препознатлива по својата работа со инокс и жичени форми. Иако нејзините последни години се обележани со скулпторски изложувања, „Македонска Златна Азбука“ претставува посебен авторски проект и изложување со слики, создадено како визуелно истражување на буквата, јазикот и културниот идентитет, но и продолжување на истражувањето на формата, симболот и просторот низ нов медиумски пристап.

Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам на РСМ, во рамки на програмата за развој на Креативни индустрии за 2026 година. По завршувањето на изложбата, делата продолжат да живеат и надвор од галерискиот простор преку дигитална архива, PDF-изданија и принтови достапни за пошироката публика и културни институции.
Изложбата е отворена од 11-ти до 17-ти мај во Мобилна/Монтажна галерија – Скопје.
