Култура
Музејот на современата уметност од Скопје го доби престижното Специјално признание за креативност, во рамки на наградата „Жива“ за најдобар словенски музеј
Музејот на современата уметност од Скопје го доби престижното Специјално признание за креативност како кандидат од Република Северна Македонија во рамките на доделувањето на наградата „Жива“ за најдобар словенски музеј, што ја доделува Меѓународната фондација „Форум на словенските култури“ со седиште во Љубљана, Р Словенија.
На свечената церемонија на доделувањето на наградите, која се одржа синоќа во Посавскиот музеј во Брежице, Република Словенија, присуствуваа многубројни гости и делегации од музеите кандидати, претседателката на меѓународното жири, Неда Кнежевиќ, директорот на Музејот на Југославија од Белград, Р Србија, и директорката на Форумот на словенските култури, Андреја Рихтер.
Во името на МСУ, признанието го прими националниот претставник на земјава во „Форумот на словенски култури“, Гордан Николов.
![]()
За Музејот на современата уметност, жири-комисијата во образложението за доделување на признанието истакна дека во последниве години овој водечки музеј и прв во областа посветен на модерната и современата уметност стана влијателна институција која негува креативност и соработка во интеркултурниот дијалог и дома и во странство.
„Новиот поттик што Музејот го дава на широката дисеминација на уметничките колекции и на важноста на современото уметничко изразување, демонстрира напредок и натпреварувачки дух со интензивно инвестирање во трансформацијата на неговиот просторен капацитет и презентација на колекциите и општествено одговорните проекти. Музејот порасна врз темелите на солидарноста, обележана со регионалните и меѓународните донации на важни уметнички дела кои ги поттикнаа почетоците на формирањето на Музејот во шеесеттите години. Музејот успеа да создаде културна платформа за уметничка современа продукција – национална и меѓународна, промоција и истражување на сегашноста и идентитети кои служат за обележување на промените во времето″.
Наградата за најдобар словенски музеј ја доби Градскиот музеј во Вировитица, Хрватска, а беа доделени ушете неколку други признанија.
Наградата „Жива“ се доделува за промоција на заштитувањето, зачувувањето, едукацијата и информирањето за музејските збирки и за природните и културните споменици, нивната разновидност, содржина и социјална улога, нагласувајќи ги нивните креативни и прогресивни пристапи, отвореност и пристапност до јавноста, нивното влијание врз општеството и нивниот придонес кон развојот на музеолошките принципи и идеи.
За наградата „Жива“ годинава се кандидираа рекореден број музеи, дури 34 од 10 словенски земји.
Доделувањето на наградите, кое се реализираше по осми пат, од 16 до 19 ноември 2022 година го организираа „Форумот на словенските култури“, Министерството за култура на Република Словенија и Посавскиот музеј од Брежице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Романтичниот балет „Жизел“ на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари
Еден од балетските бисери на класичниот репертоар – „Жизел“ од Адолф Адам ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари со почеток во 19.30 часот.
Диригент е Едуард Амбарцумјан (Ерменија), кореографијата е по Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски, во адаптација на Ирена Пасариќ (Хрватска). Костимограф е Александар Ношпал, сценографијата е на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а дизајнот на светло е на Милчо Александров.

Во насловната улога – Жизел настапува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Алберт – Балаж Лочеи, како Мирта настапува Илијана Данилов, а во улогата на Хиларион – Бобан Ковачевски, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Едно од најпознатите дела од класичниот балетски репертоар, „Жизел“ ја раскажува приказната за љубовта, измамата и прошката, која во вториот чин се одвива во светот на вилите. Лиричната музика и препознатливата кореографија го прават балетот постојано присутен на светската и домашната сцена.

Премиерно изведен во Париз во 1841 година, балетот „Жизел“ се смета за врв на романтичниот балет, особено по прочуениот „бел чин“ – еден од најпрепознатливите симболи на класичната балетска естетика.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.

