Култура
Музички настани на неделниот културен календар во Палатата на културата во Битола

Во Палатата на културата – Офицерски дом, при ЈОУ Културен и информативен центар Битола, во најава се неколку музички настани.
Палатата на културата – Офицерски дом место на најсветли музички доживувања е потенцирано во писменото известување од оваа институција.
В среда, 8 јуни, во 18 часот, на програмата е концерт на Анастасија Петреска и Арсениј Ангелески – пијано, во класата на проф. д-р Татјана Божиновска.
В четврток, 8 јуни, во 20 часот, ќе следува 5. меѓународен фестивал на кларинет и саксофон „СаксКлар 2022“, концерт на Спире Јовановски – кларинет, Верица Дивитарова – пијано.
В петок, 9 јуни, на 5. меѓународен фестивал на кларинет и саксофон „СаксКлар 2022“, во најава е концерт на саксофонистот Горан Трајковски и пијанистката Маја Божиновска.
В сабота, 10јуну, 4. меѓународен натпревар по пијано „Пијанофест 2022“. Отворање со полурецитал на Гоце Златев.
Од 10 до 12 јуни во Палатата на културата – Офицерски дом – Битола, ќе се одржи четвртиот меѓународен натпревар по пијано „Пијанофест 2022“.
В петок, 10 јуни, натпреварот свечено ќе го отвори Гоце Златев, исклучителен млад талент, кој со свој полурецитал ќе го прогласи почетокот на овој културен настан.
На натпреварот ќе земат учество 80 кандидати од нашата држава, како и од Албанија, Србија, Косово, Турција, Црна Гора и од Бугарија.
Натпреварот ќе се одвива во дисциплините пијано соло и пијано дуо. Учесниците ќе бидат распределиени во 12 категории на возраст од 6 до 22 години, а ќе ги оценува стручно жири во состав: Драгомир Братиќ (Србија), Кристина Петролари Ласо (Албанија), Дини Имери (Северна Македонија) и Лилјана Вукелија (Србија).
Натпреварот е во организација на здружението на пијанисти и музички педагози „Пијано“ од Битола, со поддршка од Министерството за култура на РС Македонија и Општина Битола, како и во соработка со Палатата на културата – Офицерски дом – Битола, соопшти организаторот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Објавен романот „Средиштето на светот“ од германскиот писател Андреас Штајнхефел

Издавачката куќа Готен го објави романот „Средиштето на светот“ од германскиот писател Андреас Штајнхефел. Преводот од германски јазик е на Ива Фиданчева.
„Средиштето на светот“ е роман за проблемите поврзани со растењето, пубертетот, зависта и љубомората, пријателството и љубовта. Наменет е за тинејџерската читателска публика.
Седумнаесетгодишниот Фил се чувствува како аутсајдер уште откога знае за себеси. Но, и покрај различните чувства што го обременуваат решава да не остане само пасивен набљудувач на својот живот. Секако дека не може да биде таков кога е опкружен со својата мајка Глес, која го живее животот по свои правила и го поттикнува Фил да биде еднакво силен. Тука се и неговата сестра Дајан, која е непредвидлива и своеглава, со сопствени тајни; неговиот чичко Гејбл, пензиониран војник; неговиот најдобар пријател Кат, кој е великодушен но посесивен. И конечно, тука е и далечниот Николас, во кој Фил се вљубува… сè додека не се соочи со изневерување и конечно мора да го пронајде своето место во светот.
„Средиштето на светот“ е своевиден прозен реквием за туѓото во нас, за совршената важност на љубовта, за бескрајната потрага по човечноста и за насушната потреба од рационалноста. Штајнхефел со овој роман отвора многу прашања. Иако пишуван на крајот од деведесеттите, овој роман ја има атмосферата на отуѓеноста на дваесет и првиот век. Овој роман зборува и за вечната дисонантност на ниво на толеранцијата, она што е и тоа како потребно во време кога и војните, а и болестите чукаат на вратата. Најпосле, Штајнхефел со својот
роман ни говори дека сите во својот животен пат некаде сме тргнале, но дека конечно не знаеме каде ќе стигнеме, но и дека секоја станица во животот е ново искуство кое ни ја пишува биографијата и прави од нас подобри или покомплексни луѓе.
Романот беше номиниран за престижната Германска награда за млада литература.
Ива Фиданчева (Скопје, 1978) завршила германски јазик и книжевност во Скопје, а докторирала на тема од областа на социологијата во Јена, СРГ. Досега од германски на македонски има преведено околу 30 книги, меѓу кои и дела од: Зигмунд Фројд, Херман Хесе, Хајнрих Бел, Томас Ман, Мартин Зутер, Саша Станишиќ, Ингеборг Бахман, Петер Хандке, Даниел Келман, Лукас Берфус, Зибиле Берг, Терезиа Мора итн. Денес живее и работи како книжевен преведувач и слободен доцент во Лајпциг, Германија.
Издавањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Култура
„Плејбек театар“ во Скопје – актерите и публиката заедно ја креираат приказната

Вечерва со почеток од 20 часот, во Домот на култура „Кочо Рацин“ – Скопје, ќе се одржи одличен културен, забавен и едукативен настан со наслов „Плејбек Театар“.
Плејбек театарот претставува оригинална форма на театар на импровизација, во која публиката е таа што ја раскажува приказната, а актерите преку специфични техники ги развиваат и засилуваат раскажаните приказни, враќајќи им ги на гледачите како во огледало.
Организатор на настанот е Здружението за психотерапија и едукација „Амигдала“, во соработка со Алтернативниот театар „Отпишани“.
Едукатор и водител на настанот е психологот Мирјана Јовановска Стојановска, продуцент е Марјан Анѓеловски, а ќе учествуваат актерите Елена Ѓорѓевска, Огнен Велевски, Јасмин Рамани, Ристе Мицевски и Сара Николовска, Ивана Стамевска и Марјан Анѓеловски.
Настанот е интерактивен , актерите и публиката заедно ќе креираат „сигурно место“ каде што ќе можат да бидат раскажани/донесени доживувања, преживувања, дилеми, размислувања, настани и се што членовите на публиката ќе го донесат со себе. Водачот на актерската група ќе ја покани публиката да раскажат свои приказни. Актерите ќе го одиграат на сцената овозможувајќи на раскажувачот на приказната и на публиката да отворат нови хоризонти на гледање и доживување на раскажаната приказна. На раскажувачот ова ќе му овозможи да може да се види себе си, своите доживувања, емоции и однесување од страна што му овозможува да гради нови стратегии за справување со животот. Така едена по една актерите на сцената ќе ги одиграат приказните на публиката, секогаш водејќи посебна грижа за раскажувачот.
Настанот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија, како проект од национален интерес од областа на драмската дејност за 2022 година. Влезот е бесплатен за сите граѓани.
Култура
Поетско читање на фестивалот „Крик“ – фестивал за критичка култура

Во рамките на програмата на „Крик“, фестивал за критичка култура, вечерва ќе се одржи поетско читање и одбележување на двотомното издание на преводот од француски на англиски јазик на книгата на Нејтан Браун, „Сенката на Бодлер – есеј за поетската определба“. Ќе биде промовирано и придружното издание на анализата на преведувачот Џед Расула. Станува збор за заеднички издавачки меѓународен проект на Мултимедијалниот институт од Загреб и „Контрапункт“ од Скопје. Настанот ќе се одржи во предворјето на Даутпашиниот амам. За изданието ќе говори Петар Милат (Хрватска).
„Централна, неизбежна противречност, се провлекува низ цвеќињата на злото: да се биде одлучен, значи да се одреди. Во Бодлеровата сенка, Нејтан Браун го разјаснува и теоретизира овој дијалектички проблем на определување, кој се проткајува низ духовните, сексуалните, метафизичките, социјалните и естетските драми на обемот на Бодлер. Комбинирајќи блиска формална анализа на одредени песни со синтетичко разбирање на книгата како целина, притоа развивајќи филозофски пристап способен да се справи со нејзините сложени иронии, Браун ги проучува фигурите на посредување преку поглавјата фокусирани на смртта, празнината и актуелноста на општественото“, вели професорот Браун.
Синоќа, во магичниот простор на Сули ан се одржа настанот „Гозба или за љубовта“ – концептуален, перфромативен дијалог во духот на Платоновите симпозиуми, каде што Елизабета Шелева, Славчо Димитров, Никола Маџиров, Владимир Јанковски, Петар Милат (Хрватска), Милица Пекиќ (Србија) и Ивана Хаџиевска и Артан Садику со храна и пијалак заедно со публиката говореа за нивните сфаќања за демократија и слободата во 21 век. Како треба да изгледа вистински демократска заедница, дали развојот на технологијата ни донесе повеќе слобода, дали вистинската демократска заедница е утопија, каква е улогата на љубовта во политиката, беа некои од темите за кои се разговараше на овој настан.
„Крик“, фестивал за критичка култура, е платформа која се застапува за афирмација нa уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање општествените процеси.
Програмите на „Крик“ се креирани за да поттикнат во јавната сфера критичка дебата преку која би се промовирал социо-културниот капитал како јадро што е длабоко поврзано со најрелевантните политички и општествени теми.