Култура
„Наша вечер во Охрид“ со Иван Босиљчиќ вечерва на Охридско лето
„Наша вечер во Охрид“ е насловот на програмата што вечерва во рамките на Охридско лето ја носи големиот и признат драмски уметник и актер Иван Босиљчиќ од Србија.
„Нашата вечер во Охрид“ е нова програма, специјално составена за долгоочекуваната средба со публиката на фестивалот Охридско лето. Стиховите на Бодлер, Есенин, Блаже Конески, Анте Поповски, Алекса Шантиќ, Милан Ракиќ – ќе бидат обоени со гитарската вибрација на фадо-звукот, ориентот и класичните ноти. За тоа ќе биде задолжен професорот по класична гитара и композитор Горан Ковачиќ, како и маестро Зоран Стојановиќ, кој веќе три децении живее во Португалија, од каде што со себе го носи искуството од настапите и соработките со ѕвездата на фадо-музиката Дулче Понтес.
Повеќе од една деценија Босиљчиќ, покрај богатата театарска и интернационална филмска кариера, е посветен на изведбата на авторски поетски проекти. Како голем почитувач на српската и на светската литература, тој креира и изведува интимни театарски исповеди, раскажани низ стиховите на големите поети. Со голем успех неговите претстави се изведувани во голем број театри и концертни сали во целиот Балкански Регион – почнувајќи од белградскиот Дом на синдикатите и операта „Мадленијанум“ преку Македонската опера и балет и Универзалната сала во Скопје, Новосадскиот национален театар и многу други, а успешно се претставува и во: Австрија, Шведска, Швајцарија, Норвешка, Исланд и во Канада.
Возбудата што ја носат неговите претстави е уникатен спој на драмска претстава и концерт, форма што е посебна и ретко видена на нашите простори.
Програмата на Босиљчиќ ќе се одржи на сцената „Долни Сарај“ со почеток во 21 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на книга за деца и претстава „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова
Оваа сабота (7 февруари), во рамките на фестивалот „Денови на литературата“ на „Арс Ламина“, во книжарницата на „Литература“ во „Дајмонд мол“ со почеток во 18:00 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова. Илустрациите се дело на Рената Јосифовска.
Книгата е инспирирана од животот и творештвото на големиот композитор Лудвиг ван Бетовен и е првата од петте книги за деца во серијалот „Музичка кутија“, инспирирани и од Моцарт, Бах, Верди и Чајковски.
Промоцијата ќе ја води уредничката Бисера Бендевска, во форма на краток дијалог со авторката. По промоцијата, ќе се одржи мини-претстава за деца, во која ќе учествуваат авторката и диригентката Дијана Имери Илкоска, задолжена за интерпретација на музиката на Бетовен за пијано.
„Златната книга на Лудви“, како и сите книги од серијалот, не го обработува животот на композиторите, туку создава нови бајки за деца. Главниот лик, малиот Лудви, е дете кое сака книги и свири на пијано, но минува низ низа неочекувани случувања. Приказната е топла, разиграна и полна со емоции, вистинско доживување за деца и возрасни.
Издавач на книгата и на целиот сет „Музичка кутија“ е „Либи“ (дел од „Арс Ламина публикации“).
Култура
Јубилеен концерт на Љубојна за 25 години постоење
Љубојна, една од најавтентичните македонски музички групи, оваа година прославува 25 години постоење и ја започнува 2026-та со ново големо целовечерно концертно издание во Скопје за одбележување на четврт век творештво во својот препознатлив манир кој ја позиционира групата во еден од водечките музички брендови на Македонија.
Јубилејниот концерт на Љубојна ќе се одржи на 29 март со почеток во 20:00 часот, во Големата сала на Филхармонија.
Љубојна или „љубов“ и „бој“, еден од најпрепознатливите и најрепрезентативни бендови во регионот, автентично го пренесува пулсот на музичкиот бит во не само она, што се нарекува урбан, туку и светски отворен звук. Љубојна не е само популарен бренд. Таа е идеја која направи супер-саунд од една подзаборавена музика и стана јадро околу кое гравитираат многу музичари и од кое црпи младата публика. Групата твори музика, со сета нејзина страст, ентузијазам и жестина која е изговорена како универзален музички јазик, според космополитски код кој што го носи во себе.
Својата музика Љубојна ја свири страсно, со енергија на рок бенд и тоа во сите нејзини форми: нејзината изворна, класична, популарна, експериментална форма. Ја соопштува преку фантастичната вокална експресија на Вера Милошевска која заедно со Оливер Јосифовски (контрабасист, композитор и продуцент) веќе 25 години се бренд на бендот и синоним за Љубојна. Експериментирајќи и истражувајќи, Љубојна постојано ја освежува музиката одново и одново, одржувајќи го звукот модерен, моќен, кадифен, елегантен и енергичен.
Музиката на Љубојна е спој на сите експресивни и елегични чувства и звуци на радост, тага, еуфорија, интензивност, чилаут, поп, страст, фанк, соул, фолк, ориентал, стомачен танц, џез, ортодокс-гламур…
„На 29 март, во Филхармонија македонската публика ја очекува концертна вечер посветена на безвременската музика на Љубојна, во нивниот препознатлив автентичен израз, богат со емоции, магичен сценски набој и специјални гости кои наскоро ќе бидат објавени. Влезниците за концертот се достапни онлајн и во продажната мрежа на МкТикетс“, велат од Пасворд продукција.
Култура
Култната монодрама „Последниот час на Његош“, која го прошета светот, гостува во МНТ на 28 февруари
Монодрамата „Последниот час на Његош“, со актерот Слободан Маруновиќ, првенец на Црногорското народно позориште ќе гостува на сцената во Македонскиот народен театар, на 28 февруари, во 20 часот.
По текст на Слободан Томовиќ и во режија на Благоја Ераковиќ, монодрамата во која ликот на Петар II Петровиќ Његош, маестрално ја игра Маруновиќ, досега е изведена повеќе од 1.500 пати на театарските сцени низ светот.
Ги има добиено најголемите регионални, европски и светски признанија и награди. Изведувана е во Париз, Њујорк, Рим, Виена, Цирих, Лондон, Москва, Кострома, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Стокхолм, Ташкент, Самарканд, Сеул, Торонто, Бишкек, Костанaј, Монтреал, Халифакс, Чикаго, Детроит, Сан Франциско, Лос Анџелес, Сан Педро, Мелбурн, Сиднеј, Атина, Келн, Штутгарт, Карлсруе, Франкфурт, Бруклин, Њу Џерси, Улан Батор, Чељабинск, Хмељницки, Хановер, Кишињев и други.
Премиерно е изведена на 19 мај 1988 година во Црногорското народно позориште.
Монодрамата „Последниот час на Његош“ претставува јазично и мисловно слоевито драмско дело, посветено на Петар II Петровиќ Његош.
Во суштина, монодрамата е ремек-дело на драматично соочување со смртта, мигови во кои се преиспитува она што му припаѓа на времето, но со насетување на вечноста, со акцент на антрополошките и филозофските прашања.
Монодрамата, која се изведува речиси четири денеции, на театарските сцени во Црна Гора и низ светот е сведоштво за естетските вредности на текстот и за извонредниот дар на Слободан Маруновиќ, првак на Драмата на Црногорското народно позориште. Со актерска умешност го оживува ликот на поетот и владетелот. Неговата уметничка зрелост, емоционалното и интелектуалното влегување во ликот на Његош се клучните адути за долготрајниот живот на монодрамата „Последниот час на Његош“.
Синергијата меѓу добро осмислениот драмски текст на Слободан Томовиќ, инвентивната актерска интерпретација на Слободан Маруновиќ и режиските решенија на Благоја Ераковиќ се доказ дека само на овој начин можат да се создаваат големи остварувања.
„Монодрамата е синтеза на различни историски, културолошки, филозофски и метафизички аспекти и со своето повеќедецениско траење стана култна претстава — симбол со трајна естетска вредност“, извадок од театарската критика на Соња Томовиќ Шундиќ.
Билетите се пуштени во продажба.

