Култура
„Недела на полски филм: Светот на Кшиштоф Кјешловски“ во Кинотека

Ноемвриската програма на Кинотеката нуди филмови на славниот полски режисер Кшиштоф Кјешловски кои ќе бидат прикажани во рамки на „Недела на полски филм: Светот на Кшиштоф Кјешловски“ од 25 ноември до 2 декември.
Во прилог програмата за настанот.
25 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
ТРИ БОИ: СИНО
(Trois couleurs: Bleu / Three Colors: Blue)
Игран филм, Франција / Полска / Швајцарија
1993, 98 мин., колор, ДЦП
Режија: Кшиштоф Кјешловски (Krzysztof Kieślowski)
Сценарио: Кшиштоф Кјешловски, Кшиштоф Пјешевич, Агњешка Холанд, Славомир Иџиак (Krzysztof Kieślowski, Krzysztof Piesiewicz, Agnieszka Holland, Slavomir Idziak)
Улоги: Жилиет Бинош, Беноа Режан, Флоранс Пернел, Шарлот Вери (Juliette Binoche, Benoît Régent, Florence Pernel, Charlotte Véry)
Сензибилната Жули е во среќен брак со познатиот композитор Патрис, во кој имаат петгодишна ќерка. Додека семејството се вози во автомобил во ноќта, Патрис ја губи контролата над воланот и удира во дрво. Гинат Патрис и ќерката, а Жули е тешко повредена.
Уште додека заздравува во болница, Жули размислува за самоубиство, но сепак се решава да ја победи болката по изгубеното семејство на тој начин што ќе ги прекине сите врски од нејзиниот дотогашен живот. Ќе ја смести мајка си во старски дом, ќе ги изгори партитурите на неизведениот „Концерт за Европа“ на нејзиниот сопруг, ќе го продаде имотот на село, ќе си го врати моминското презиме и ќе се пресели во Париз. Сака да побегне од сè што ја врзува за спомените на семејството и болните емоции. Во Париз ќе се спријатели со сосетката Лусил, ќе дознае дека пријателот на Патрис сепак сочувал копија од партитурите на концертот на сопругот, но и дека тој (Патрис) имал љубовница која очекува негово дете.
„Три бои: Сино“ е првиот дел от трилогијата „Три бои“, кои ги симболизираат боите на француското знаме и паролите за слобода (сино), еднаквост (бело) и братство (црвено). Филмот доби „Златен лав“ и уште шест други награди на фестивалот во Венеција, три награди „Цезар“, номинација за „Златен глубус“… Визуелно перфектен, суптилно режиран, со импресивната музика на Збигњев Преснер, „Три бои: Сино“ спаѓа во ремек-делата на Кјешловски.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: Бесплатен Влез
26 НОЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
ТРИ БОИ: БЕЛО
(Trois couleurs: Blanc / Three Colors: White)
Игран филм, Франција / Полска / Швајцарија
1994, 92 мин., колор, ДЦП
Режија: Кшиштоф Кјешловски (Krzysztof Kieślowski)
Сценарио: Кшиштоф Кјешловски, Кшиштоф Пјешевич (Krzysztof Kieślowski, Krzysztof Piesiewicz)
Улоги: Згигњев Замаковски, Жули Делпи, Јануш Гајос, Јежи Штир (Zbigniew Zamachowski, Julie Delphy, Janusz Gajos, Jerzy Stuhr)
Полјакот Карол е во големи неволји откако неговата сопруга Доминик, Французинка, поднесува барање за развод, бидејќи предизвикал пожар во нејзиниот фризерски салон. Доминик е незадоволна сопруга, додека, пак, Карол е стаствено влубен во неа и опседнат од нејзината убавина.
Карол, исфрлен од домот и без егзистенција, питачи во париското метро. Единствен излез гледа во бегство назад во татковината. Неговиот земјак Миколај ќе го прошверцува во Полска во багажникот од автомобилот, и сега Карол на улиците на Варшава се занимава со различни нелегални работи. Не го напушта надежта дека ќе се збогати и ќе ѝ докаже на Доминик дека е достоен за нејзината љубов. Се одлучува да ги тестира нејзините емоции и ќе ја инсценира сопствената смрт.
ТРИ БОИ: БЕЛО е црнохуморна крими-комедија за која Кјешловски доби „Сребрена мечка“ на Берлинале и номинација за Европската филмска награда.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари
27 НОЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.
ТРИ БОИ: ЦРВЕНО
(Trois couleurs: Rouge / Three Colors: Red)
Игран филм, Франција / Полска / Швајцарија
1994, 99 мин., колор, ДЦП
Режија: Кшиштоф Кјешловски (Krzysztof Kieślowski)
Сценарио: Кшиштоф Кјешловски, Кшиштоф Пјешевич (Krzysztof Kieślowski, Krzysztof Piesiewicz)
Улоги: Ирен Жакоб, Жан-Луј Третињан, Фредерик Федар, Жан-Луј Лори (Irene Jacob, Jean-Louis Trintignant, Frédérique Feder, Jean-Pierre Lorit)
Младата и убава Валентина студира во Женева и работи како манекенка и фотомодел. Поради бројните обврски и честите патувања, сè поретко се гледа со нејзиното момче, Англичанец.
Кога еден ден со нејзиниот автомобил ќе удри едно куче, Валентина помогајќи му на животинчето го запознава неговиот сопственик, стариот Жозеф Керн, поранешен судија. Неговото студено и загадочно однесување ја интригира Валентина. Керн е циничен и осамен човек чие омилено хоби му е прислушкување на телефонските разговори на соседите. По почетните несогласувања, Валентина постепено ќе почне да гради пријателски односи со Керн, сфаќајќи дека се сродни души.
Од судијата ќе дознае дека тој некогаш бил лудо вљубен во девојка што го изневерила со друг маж, па отишла со него во Англија, но загинала во сообраќајна несреќа. Истовремено, во соседството на Валентина живее младиот студент Аугуст, чија судбина на необичен начин ќе се спои со таа на Валентина…
Романтичната драма на Кјешловски беше номинирана за Оскар (за режија, сценарио и фотографија), за „Златен глобус“, БАФТА, Европска филмска награда… Режисерот изјавуваше дека ТРИ БОИ: ЦРВЕНО ќе биде негов последен филм, бидејќи остатокот од животот сака да го мине изолиран од светот, пушејќи цигари во неговата соба: две години по неговата премиера, Кјешловски почина.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари
28 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
ДВОЈНИОТ ЖИВОТ НА ВЕРОНИКА
(La double vie de Véronique / The Double Life Of Veronique)
Игран филм, Франција / Полска / Норвешка
1991, 98 мин., колор, ДЦП
Режија: Кшиштоф Кјешловски (Krzysztof Kieślowski)
Сценарио: Кшиштоф Кјешловски, Кшиштоф Пјешевич (Krzysztof Kieślowski, Krzysztof Piesiewicz)
Улоги: Ирен Жакоб, Халина Григлашевска, Калина Једрусик, Александер Бардини, Владислав Ковалски, Јежи Гудејко (Irène Jacob, Halina Gryglaszewska, Kalina Jedrusik, Aleksander Bardini, Wladyslaw Kowalski, Jerzy Gudejko)
Две сосем еднакви девојки имаат исто име – Вероник(а) (Weronika и Véronique, ги глуми Жакоб), но едната живее во Париз, а другата во Полска. Девојката од Полска има прекрасен глас, пее во хор и чувствува дека живее и друг живот. Таа се сели во Краков и случајно здогледува една девојка која личи сосем исто како неа.
Девојката од Франција, пак, има чувство дека еднаш умрела. За време на посетата на татко ѝ на село запознава куклар (Александар Бардини) и се вљубува во него. Вероника, пак, победува на еден конкурс, но за време на концертот паѓа мртва на сцената. Вероник и кукларот изнајмуваат хотелска соба, каде што водат љубов, а Вероник има чувствтво дека ѝ умрел некој близок. Прогонета од тоа необични и мачно чувство, Вероник одлучува да ја премине кариерата на соло-пејачка, станува професорка по музика и пишува книги за деца. Притоа, на една фотографија од своето патување во Полска, таа ја забележува истоимената девојка…
Ирен Жакоб беше наградена со „Златна палма“ за најдобра женска улога на фестивалот во Кан, додека Кјешловски ја освои наградата ФИПРЕСЦИ и наградата на Екуменското жири. Филмот беше номиниран и за „Златен глобус“.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари
29 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.
БЕЗ КРАЈ
(Bez konca / No end)
Игран филм, Полска
1985, 107 мин., колор, ДЦП
Режија: Кшиштоф Кјешловски (Krzysztof Kieślowski)
Сценарио: Кшиштоф Кјешловски, Кшиштоф Пјешевич (Krzysztof Kieślowski, Krzysztof Piesiewicz)
Улоги: Грацина Шаполовска, Марија Пакулнис, Александер Бардини, Јежи Радзивилович, Артур Барцис, Михал Бајор (Grazyna Szapolowska, Maria Pakulnis, Aleksander Bardini, Jerzy Radziwilowicz, Artur Barcis, Michal Bajor)
По смртта на сопругот, адвокатот Антек Зиро, преведувачката Уршула Зиро бара утеха за тагата посветувајќи им се на синот Јацек и на преведувањето на прозата на Џорџ Орвел. Добива повик од членовите на семејството на последниот клиент на мажот, притворениот организатор на штрајк Дарек Стах, на кои им требаат документи и правни совети за неговиот случај. Антек бил еден од ретките адвокати кои се одважиле да бидат бранители на политичките затвореници во Полска по 1981 година, а за да му помогне на Дарек, Уршула бара нов адвокат кој ќе ја продолжи работата на нејзиниот сопруг.
Дарек чека пресуда, во државата владее вонредна состојба, а движењето Солидарност е забрането. Уршула ќе го убеди колегата на Антек да се ангажира во случајот со Дарек, но тој бил во љубовна врска со Јоана, сопругата на затворениот Дарек. Уршула наскоро ќе сфати дека интензивното укажување на покојниот сопруг е некој вид предупредување…
По воведувањето на вонредната состојба во Полска повеќето режисери престанале да снимаат, а Кјешловски одел во судниците за да собира материјал за планираниот документарен филм за актуелните политички процеси. Така го запознал адвокатот Криштоф Пјешевич, кој ќе стане негов постојан соработник-сценарист. Драмата БЕЗ КРАЈ претставува и почеток на соработката на Кјешловски со композиторот Збигњев Преснер (Zbignew Preisner), чија музика ќе ги обележи сите подоцнешни дела на Кјешловски.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денар
30 НОЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.
ЛУЗНА
(Blizna / The scar)
Игран филм, Полска
1976, 106 мин., колор, ДЦП
Режија: Кшиштоф Кјешловски (Krzysztof Kieślowski)
Сценарио: Ромуалда Караси, Кшиштоф Кјешловски (Romualda Karasi, Krzysztof Kieślowski)
Улоги: Франтишек Пјечка, Мариуш Дмоховски, Јежи Штур, Халина Виниарска, Станислав Игар (Franciszek Pieczka, Mariusz Dmochowski, Jerzy Stuhr, Halina Winiarska, Stanislaw Igar)
Амбициозен партиски војник со преговори и уцени успева да го протурка проектот за изградба на голема хемиска фабрика покрај малото провинциско гратче Олецка. За главен изведувач на проектот е именуван искусниот инженер Стефан Беднарз од Варшава, морален и чесен човек кој некогаш живее во Олецка. Тој ги познава локалните прилики и население, жена му била партиска активистка во тој крај, но враќањето во Олецка не буди убави спомени кај нив. Две децении претходно жена му била на чело на локалната организација на комунистичката партија и била во судир со мештаните, а враќањето во провинцијата не ѝ се допаѓа ниту на нивната ќерка Ева. Кога ќе почне со елан да работи на спроведување на проектот, Стефан ќе влезе во судир со мештаните кои го гледаат сопствениот интерес…
Социјаната драма на Кјешловски освоила награди на Полскиот филмски фестивал и претставува навестување на новата фаза во творештвотот на дотогаш успешниот документаристички автор. Кјешловски целиот негов авторски век сметал дека снимањето документарци е најблагородниот начин на занимавање со филм. Кјешловски практично во сите негови полски игран филмови го користи документаристичкиот инстинкт.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари
1 ДЕКЕМВРИ (НЕДЕЛА), 20:00 Ч.
КИНОАМАТЕР
(Amator / Camera Buff)
Игран филм, Полска
1979, 112 мин., колор, ДЦП
Режија: Кшиштоф Кјешловски (Krzysztof Kieślowski)
Сценарио: Кшиштоф Кјешловски (Krzysztof Kieślowski)
Улоги: Јежи Штур, Малгоржата Забковска, Стефан Чизевски, Ева Покас (Jerzy Stuhr, Malgorzata Zabkowska, Stefan Czyzewski, Ewa Pokas)
Во провинцискиот град Вјелице кон крајот на 70-тите години од минатиот век фабричкиот работник Филип Мош добива ќерка и тој настан го обележува со купување на 8 мм филмска камера. Со неа започнува да го снима растењето на ќерката. Филип бил сираче и сега верува дека му се исполнил сонот кој го сонувал во сиропиталиштето, да има среќно семејство со сопругата Ирма.
Но, снимајќи го секојдневието наоколу, Филип ќе почне со поинакви очи да ја гледа реалноста околу себе. Дополнителните проблеми настануваат кога локалниот шеф на комунистичката партија ќе побара од него да ја сними прославата на јубилејот на локалната фабрика. Фасцинацијата од можностите филмската камера го менува животот на Филип, но неговите шефови грубо ќе интервенираат во краткиот филм што тој го снима за фабриката.
Кјешловски со КИНОАМАТЕР го привлекол вниманието на меѓународната филмска критика и филмот е награден на фестивалите во Москва (ФИПРЕСЦИ и Златна награда), Берлин и Чикаго. Во овој филм Кјешловски на извонреден начин го спојува документаризмот со фикцијата и им дава ефектна посвета на филмските сниматели. КИНОАМАТЕР е дело што на интелигентен начин се занимава со темата за цензурата во тогашна комунистичка Полска, како и со мотивот на политичката репресија на државата врз индивидуата со поинакви ставови и коментари.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари
2 ДЕКЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
СЛУЧАЈНОСТ
(Przypadek / Blind chance)
Игран филм, Полска
1987, 114 мин., колор, ДЦП
Режија: Кшиштоф Кјешловски (Krzysztof Kieślowski)
Сценарио: Кшиштоф Кјешловски (Krzysztof Kieślowski)
Улоги: Богуслав Линда, Тадеуш Ломницки, Збигњев Запасиевич, Богуслава Павелец, Марзена Трибала (Boguslaw Linda, Tadeusz Lomnicki, Zbigniew Zapasiewicz, Boguslawa Pawelec, Marzena Trybala)
Младиот Витек на железничката станица во Лоѓ се обидува да се качи на возот за Варшава. Витек трча по возот кој само што тргнал од перонот, и во зависност од тоа дали ќе се качи во него и кого ќе сретне во вагонот, ќе доживее три различни судбини. Во првиот случај ќе се качи во возот и ќе го запознае стариот сталинист и ќе ја сретне бившата девојка којашто сега е припадничка на илегалното антикомунистичко движење. Во вториот случај Витек ќе задоцни за возот, ќе го удри стражарот и ќе биде уапсен и осуден на еден месец затвор, по што ќе му се придружи на илегалното студентско движење и ќе започне љубовна врска со сестрата на стариот пријател од детството. Во третиот случај ќе задоцни за возот и ќе се врати на факултетот, а потоа ќе се ожени со Олга и ќе стане успешен лекар.
Оваа слоевита и интригантна омнибус драма е снимена во 1982 година, но заради цензурата премиерата ја доживеала пет години подоцна, со две награди на Полскиот филмски фестивал. Кјешловски во СЛУЧАЈНОСТ се манифестира како голем католички моралист, сензибилен уметник и општествен хроничар кои критичките опсервации ги пренесува низ фикцијата. Авторот ја тематизира неслободата на индивидуата и нејзината неможност да живее независно од политиката. На симболично ниво, критичарите во неговото дело ги препознале трите можни иднини кои стоеле пред Полска за време на снимањето на филмот.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Љутков: Културното наследство не е минато што го чуваме по инерција, туку иднина што ја градиме со свест

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, австрискиот амбасадор Мартин Памер, претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Волфганг Мајер, и директорката на Археолошкиот музеј на Македонија, Магдалена Манаскова, го посетија археолошкиот локалитет Тумба Маџари по повод потпишување Договор за долгорочно користење на парцела во сопственост на ЕВН што е во рамките на локалитетот.
Локацијата што денес се отстапува за долгорочно користење, во рамките на археолошкиот локалитет Тумба Маџари, станува дел од живата мрежа на научна работа, теренски истражувања, едукација и развој.
Кога јавниот и приватниот сектор застануваат на иста страна, на страната на заедничките општествени вредности, тогаш и ефектот никогаш не изостанува. Со потпишувањето на денешниот договор, локалитетот Тумба Маџари добива нова перспектива.
Љутков упати благодарност до Волфганг Мајер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија, до ЕВН како компанија и до австрискиот амбасадор Мартин Памер за континуираната соработка во областа на културата.
Министерството за култура и туризам стои зад оваа иницијатива, активно поддржувајќи ја соработката меѓу јавниот и приватниот сектор, создавајќи широк круг на поддршка и ангажман. Оваа партнерска врска не само што го зајакнува нашиот културен идентитет туку, исто така, го поттикнува развојот на туризмот и на економијата, притоа создавајќи нови можности за локалните заедници. Потпишувањето на денешниот договор не е само правен акт, ова е чин на зрелост на заедницата што го препознава културното наследство како вредност што има смисла само кога заеднички се чува и се споделува.
Култура
Концерт на Дони Мекаслин и националниот џез-оркестар

На 14 јули 2025 година, со почеток во 21:00 часот, во Македонскиот народен театар, љубителите на џезот ќе имаат можност да присуствуваат на извонреден концерт, заеднички настап на еден од најсмелите и највпечатливи саксофонисти и композитори на современата џез сцена, Дони МекКаслин и Националниот џез оркестар. Диригент на концертот ќе биде маестро Владимир Николов.
Името на Дони МекКаслин (САД) стои зад едно од најзначајните музички изданија на 21 век – Blackstar, последниот албум на Дејвид Боуви, на кој токму МекКаслин беше една од клучните креативни сили што го обликуваа неговиот експериментален звук. Од тој момент, МекКаслин продолжува да ги редефинира границите на џезот, создавајќи музика која живее на пресекот меѓу жанровите – каде електрониката, арт-рокот и импровизацијата се среќаваат со слободата на изразот. За тоа сведочат албумите Blow. (2018) и I Want More (2023) – хибриден звук кој не припаѓа на еден жанр, туку на уметноста како процес на преобразба.
New York Times за еден негов концерт напиша: „Сè започна со синтисајзер што пулсира во слободен ритам, за потоа да премине во тенор-соло што звучеше и како бура и како молитва.“
Билетите за концертот може да се набават online на MKTickets и на продажните места на МКТикетс. На самиот ден на концертот билетите ќе бидат достапни и на билетарницата на Македонскиот народен театар (МНТ).
Култура
Изложба посветена на ансамблот „Мањифико“ во Градскиот музеј во Крива Паланка

Ретроспективната изложба посветена на еден од најзначајните македонски музички состави – ансамблот „Мањифико“, кој во своето 31- годишно постоење остави длабоки траги во македонската и меѓународната музичка сцена, ќе биде отворена на 5 јули (сабота) 2025, со почеток во 20,30 часот, во уметничката галерија на ЛУ Градски музеј Крива Паланка.
Изложбата е екслузивен и траен спомен и чествување на богатиот опус на „Мањифико“ со обемна збирка од над 240 селектирани експонати, фотографии, постери, документи, аудио-визуелни снимки и архивски материјали кои сведочат за извонредната уметничка активност и достигнувањата на овој реномиран состав. Меѓу нив е и монографијата „Ансамблот Мањифико мит-легенда или реалност“, чиј автор е еден од основачите и член на овој состав Пантелеј-Панче Кочовски.
Експонатите вклучуваат 32 големи постери и 15 оригинални плакати од концерти и настапи, над 60 паноа, над 200 селектирани уметнички фотографии, аудио и видео касети, ЦД и ДВД изданија, признанија, студиски снимки, концертни програми, сценографски документи и монографското издание.
Изложбата, со која се одбележуваат 65 години од основањето на славната група, пред се, е посветена на починатите членови на „Мањифико“, сите извонредни музички ументици, на чело со вокалниот солист и ѕвезда на ансамблот, Невенка Кочовска. Во чест на овој екслузивен настан, дел од репертоарот на легендарниот состав ќе отпеат Лидија и Тања Кочовски, наследничките на Панче и Невенка.
„Последно што посакав е да оставам траен спомен на ансамблот преку експонати, сведоштва и фактографија и да ја запознаам македонската јавност со нив“, вели Панче Кочовски автор на изложбата и на монографијата.
Ансамблот „Мањифико“ е основан во далечната 1959 година и во својата 31-годишна уметничка одисеја достигнува интернационална и интерконтинентална афирмација. На својот репертоар има над 320 композиции од Латинска Америка и Шпанија, од кои над 220 на носачи на звук, 80-тина нумери за 30-тина радио станици во поранешна Југославија и Европа, 28 мали музички плочи, 5 ЛП албуми, 4 аудиокасети, 2 ЦД и неколку ДВД изданија. Најголем дел од изданијата се продавани во златен и сребрен тираж.
Во своето над 30-децениско постоење, ансамблот „Мањифико“ има настапувано во над 42 земји ширум светот, вклучувајќи ги: Австрија, Италија, Русија, Турција, Индија, Египет, САД (Индијана, Калифорнија, Илиноис, Мичиген, Невада), Австралија, Азербејџан, Казахстан, Узбекистан, Шведска, Германија, Бугарија, и многу други. Изведени се околу 4300 концерти, со вкупна публика од над 8.700.000 посетители. Ансамблот учествувал и во театарски продукции, снимал музика за телевизија и филм, а во 16 ТВ студија низ Европа и СССР се снимени над 140 телевизиски емисии и блокови, со учество на бројни познати вокални солисти. Има настапувано и за југословенскиот претседател Тито, пред мексиканскиот претседател Лопез Матеоз, како и о победникот на Сан Ремо Тони Далара. Иако главниот репертоар е составен од латиноамериканска музика, на интернационалните настапи „Мањифико“ изведува и македонски и југословенски хитови како музичка идентификација на ансамблот и регионот. Истовремено, како познати филантропи, имаат одржано и преку 600 хуманитарни коцерти, меѓу кои и за земјотресот и поплавата во Скопје.
Покрај Невенка и Панче, дел од „Мањифико“ биле и врвните музичари Крсто Таушанов, Петар Галев, Димитар Томов, Јане Коџабашија, Хозе Свиличиќ, Владимир Нигојевиќ, Миле Барбаровски, Коце Икономов, Миле Лукаров, Димитар Павловски и менаџерот Борис Низамовски.