Култура
Недела на јапонскиот филм петнаесетти пат во Кинотеката

И годинава на кинотечната програма ќе биде претставена Неделата на јапонскиот филм, најавува организаторот. Од 10 јуни (петок) до 15 јуни (среда) на програмата на летното кино „Мирно лето“ ќе бидат прикажани 7 наслови од најновата продукција на јапонската кинематографија.
Се работи за насловите по следниот хронолошки редослед на прикажување: Носари: Непостојана вечност (Nosari no shima/Nosari: Impermanent Eternity); Ние правиме антиквитети (Uso happyaku/We Make Antiques); Буден (Awake); По зајдисонце (Yuhi no Ato/After the sunset); Миење коски (Senkotsu/Born Bone Born); Густо плетено (Karera ga honki de amu toki wa/Close-Knit); и Секој ден е добар ден (Nichinichi kore kôjitsu/Every Day A Good Day).
Неделата на јапонскиот филм ќе биде присутна и во Битола, во НУ ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА – БИТОЛА, на 16 јуни и 17 јуни.
Овие наслови се снимени во последните неколку години, во периодот од 2017 година до 2021 година. Секогаш интригантни, со задолжителен human touch во сторијата или, како што ние милуваме да го наречеме тоа – филмови со душа, овие седум наслови можеби не се дел од гламурозните фестивалски настани проследени со глобален публицитет. Но, секако дека се дел од понекогаш малку видливата, но секогаш жилава нишка што ѝ го дава тој посебен момент на јапонската кинематографија. Семејството, односите меѓу неговите членови и социјалниот момент се главните теми што на некој поширок начин ги обединуваат овие наслови од годинешната НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИОТ ФИЛМ.
„Изминативе 15 години Кинотеката, Амбасадата на Јапонија и јапонската Фондација се здружуваат преку филмските проекции да ѝ овозможат на македонската публика патувања во различни места и периоди во Јапонија.
Филмовите се наши патешествија низ времето и просторот. Со секое ново поглавје од уникатната приказна, со која се соживуваме одново, откриваме уште еден аспект, уште еден детаљ, уште еден слој од нешто за кое сме мислеле дека ни е веќе познато, велат организаторите.
„Преку филмовите тонеме длабоко во колективната свест и личните приказни кои нè обединуваат. Културата нè зближува, откриваме колку многу заеднички работи делиме учејќи преку разликите. Следната недела ќе нурнеме заедно во оригинални приказни преку кои се надевам дека ќе стекнете подлабоко разбирање за разноликоста на Јапонија. Исто така, многу сум среќен што подоцна ова лето, во оваа јубилејна година, македонската публика ќе го гледа добитникот на ‘Оскар’ за најдобар интернационален филм ВОЗИ МИ ЈА КОЛАТА на Рјусуке Хамагучи, кој е снимен според краткиот расказ на мојот омилен современ јапонски писател Харуки Мураками. Се надевам дека во иднина НЕДЕЛАТА НА ЈАПОНСКИОТ ФИЛМ ќе има можност да гостува во целата земја и дополнително ќе ја зајакне врската помеѓу нашите земји“, вели, меѓу другото, во поздравната реч Савада Хиронори, амбасадор на Јапонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Поетско читање на фестивалот „Крик“ – фестивал за критичка култура

Во рамките на програмата на „Крик“, фестивал за критичка култура, вечерва ќе се одржи поетско читање и одбележување на двотомното издание на преводот од француски на англиски јазик на книгата на Нејтан Браун, „Сенката на Бодлер – есеј за поетската определба“. Ќе биде промовирано и придружното издание на анализата на преведувачот Џед Расула. Станува збор за заеднички издавачки меѓународен проект на Мултимедијалниот институт од Загреб и „Контрапункт“ од Скопје. Настанот ќе се одржи во предворјето на Даутпашиниот амам. За изданието ќе говори Петар Милат (Хрватска).
„Централна, неизбежна противречност, се провлекува низ цвеќињата на злото: да се биде одлучен, значи да се одреди. Во Бодлеровата сенка, Нејтан Браун го разјаснува и теоретизира овој дијалектички проблем на определување, кој се проткајува низ духовните, сексуалните, метафизичките, социјалните и естетските драми на обемот на Бодлер. Комбинирајќи блиска формална анализа на одредени песни со синтетичко разбирање на книгата како целина, притоа развивајќи филозофски пристап способен да се справи со нејзините сложени иронии, Браун ги проучува фигурите на посредување преку поглавјата фокусирани на смртта, празнината и актуелноста на општественото“, вели професорот Браун.
Синоќа, во магичниот простор на Сули ан се одржа настанот „Гозба или за љубовта“ – концептуален, перфромативен дијалог во духот на Платоновите симпозиуми, каде што Елизабета Шелева, Славчо Димитров, Никола Маџиров, Владимир Јанковски, Петар Милат (Хрватска), Милица Пекиќ (Србија) и Ивана Хаџиевска и Артан Садику со храна и пијалак заедно со публиката говореа за нивните сфаќања за демократија и слободата во 21 век. Како треба да изгледа вистински демократска заедница, дали развојот на технологијата ни донесе повеќе слобода, дали вистинската демократска заедница е утопија, каква е улогата на љубовта во политиката, беа некои од темите за кои се разговараше на овој настан.
„Крик“, фестивал за критичка култура, е платформа која се застапува за афирмација нa уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање општествените процеси.
Програмите на „Крик“ се креирани за да поттикнат во јавната сфера критичка дебата преку која би се промовирал социо-културниот капитал како јадро што е длабоко поврзано со најрелевантните политички и општествени теми.
Култура
Изложба на фотографии од Ник Кејв за почеток на „Скопје синема сити“

Осмото издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје синема сити“ ќе се отвори со изложба српскиот рок фотограф Немања Ѓорѓевиќ.
Изложбата има наслов They Long for the Light of Your Touch и е комплетно посветена на годинешниот лауреат на фестивалот, Ник Кејв, кој ќе добие признание за животно дело.
Изложбата ќе се одржи на 29 јуни со почеток во 20 часот во галеријата на КИЦ.
Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм, Министерството за култура на РСМ, Кинотеката на РСМ, Културно-информативниот центар, Здружението на Србите во Македонија „Спона“, а во организација на здружението „Номад-арт“.
концерти
„Лудориите на Чаплин“ – концерт на отворено во Градскиот парк

Вечерва, во 21 часот, во Градскиот парк, ќе се одржи традиционалниот концерт на отворено на оркестарот на Филхармонијата, посветен на генијалниот Чарли Чаплин.
Оркестарот ќе ја свири музиката од филмот „Детето“ од 1921 година, а паралено ќе оди и проекција на истоимениот филм. Диригент е Џијан Емин.
Со својата неверојатната умешност преку превезот на комичното да детектира и презентира разни човечки состојби и емоции, Чарли Чаплин целосно ја трансформира светската кинематографија, особено во жанрот на комедијата, на која ѝ даде сосема нова естетска и социјална димензија.