Култура
Нова книга „Културата и траумата – Писмо до бугарскиот пријател“ од проф. д-р Златко Крамариќ
Во издание на „Матица македонска“ од Скопје излезе од печат книгата „Културата и траумата“ од познатиот македонист од Хрватска, д-р Златко Крамариќ. Воведниот текст од книгата е во форма на „Писмо до бугарскиот пријател“. Како редок познавач на балканските состојби тој во овој прилог ја нагласува смислата за добрососедството и заемната почит меѓу државите, посочувајќи дека „еден од битните детали во тие визии на идните посакувани односи во Европа е и односот спрема соседите. Можеби токму тој детаљ и е еден од најважните. Има ли нешто поубаво отколку да се живее крај среќен и задоволен сосед. Неговата среќа и задоволство и нас би требало да не прави среќни“, констатира авторот.
Во книгата „Културата и траумата“ посебен акцент е ставен и на улогата на Штросмаер и македонскиот идентитет, на модернизмот во мрачните времиња, на создавањето на македонската интелигенција и на новите политики кон новите идентитети.
Златко Крамариќ (Осиек, 1956) е познат хрватски научник, универзитетски професор, книжевен критичар, врвен теоретичар на литературата и долгогодишен дипломат. Автор е на триесетина книги, преведени на повеќе јазици. Во изминатите четири децении со особена љубов и континуирана посветеност, тој ја афирмира македонската литература, поставувајќи високи критериуми при анализирањето на дела од најзначајните македонски писатели. Со својот континуиран ангажман, Златко Крамариќ застанува на чело на проучувачите, проследувачите, толкувачите и аниматорите на процесите на македонската историја, традиција и култура и на македонскиот јазик и богата литература. Член е на Друштвото на хрватските книжевници, на Хрватското филозофско друштво, на Матица Хрватска, а во 2015 година беше избран за член на Македонската академија на науките и уметностите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Поетот Христо Петрески освои престистижна награда во Црна Гора
На Меѓународниот поетски фестивал Брегот на поетите во Даниловград (Црна Гора), македонскиот поет Христо Петрески ја освои највисоката и единствената награда Александар Секулиќ. Во образложението на Стручната жири-комисија составена од универзитетски професори, критичари и писатели се вели дека Петрески се наградува за креативниот и творечки лирски опус со осведочени уметнички вредности.
Христо Петрески настапи и на Тркалезната маса на тема Поезијата денес, како и на централниот митинг покрај реката Зета во центарот на Даниловград.
Досегашни добитници на наградата која го носи името на познатиот поет Александар Секулиќ, се Перо Зубац и Радомир Андриќ.
Култура
Со церемонија на „Скендербег“ заврши Албанскиот саем на книгата – Скопје 2026
Со завршната церемонија одржана на плоштадот „Скендербег“, денес заврши првото издание на Албанскиот саем на книгата – Скопје 2026, настан што четири дена по ред го претвори Скопје во центар на книгата, културата и албанскиот јазик.
Саемот обедини десетици издавачки куќи, автори, истражувачи и љубители на книгата од Северна Македонија, Косово и Албанија, носејќи илјадници наслови, книжевни промоции, дискусии и културни содржини кои го збогатија културниот живот на градот.
„Четири дена по ред, Скопје живееше со книгата, културата и албанскиот јазик. Овој саем покажа дека постои голем интерес за книгата и дека културата останува една од најсилните врски што нѐ обединува како општество. Горди сме што ги поставивме темелите на една нова културна традиција, која ќе продолжи да расте и во годините што следуваат“, истакна градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити.
Албанскиот саем на книгата – Скопје 2026 беше организиран во рамките на манифестацијата „Културно лето на Чаир 2026“.
Култура
Народниот Театар Битола стана дел од основачите на Балканската асоцијација на театри и фестивали
НУ Народен Театар Битола учествуваше на официјалната прес-конференција во рамките на Меѓународниот фестивал Бабел Фаст во Трговиште, Романија. На прес-конференцијата, покрај директорот на НУ Народен Театар Битола, Васко Мавровски, присуствуваа и директорот на Театарот „Тони Буландра“ од Трговиште и директор на Бабел Фаст фестивалот Мек Ранин, како и уметничкиот директор на фестивалот Бабел Фаст, Ливиу Келоју. Во своето обраќање, директорот на Битолскиот театар го претстави НУ Народен Театар Битола и ја истакна честа и задоволството што оваа институција за првпат е дел од еден од најзначајните и најреномирани меѓународни театарски фестивали во регионот и пошироко.
Посебен момент на денешната средба беше официјалната најава за формирање на Балканска асоцијација на театри и фестивали – значајна иницијатива која има за цел продлабочување на културната соработка, размена на искуства и заеднички развој на театарската уметност во регионот.
НУ Народен Театар Битола ќе биде меѓу основачите, потписниците и членови на оваа асоцијација и со тоа продолжува да ги гради своите меѓународни партнерства и да биде активен промотор на македонската театарска уметност пред светската публика.
Во рамките на фестивалот НТБ учествува со претставата „Ричард трети“ од Вилијам Шескпир во режија на Мартин Мирчевски со што уште еднаш го потврдува високото уметничко ниво на македонскиот театар и достојно претставување на Битола и Република Македонија на меѓународната сцена.
