Култура
Новогодишна музичка идила со Симон Трпчески и пријателите – концерт на 20 декември во арената „Борис Трајковски“
На 20 декември, арената „Борис Трајковски“ ќе биде местото каде што музичката магија и празничната еуфорија ќе се спојат во една незаборавна вечер. Имено, Симон Трпчески, македонскиот пијанист, ценет во светски размери, се враќа повторно дома за да го сподели својот неверојатен талент со македонската публика.
Во организација на „Прагма продукција“, на 20 декември, маестро Трпчески ќе настапи заедно со неговите пријатели, врвни македонски уметници со кои ќе приреди новогодишен концерт насловен како „Новогодишна музичка идила со Симон и пријателите“ – и ќе нè води низ светот на најубавите музички класици.
Ова нема да биде класичен концерт, туку ќе биде новогодишен спектакл, каде што за првпат, Симон Трпчески ќе свири и популарни новогодишни песни, како што тоа го прават и најголемите музички ѕвезди. Но, овојпат тој ќе оди чекор понатаму, па заедно со него, на сцената ќе му се придружат врвни пејачи кои дополнително ќе ја зајакнат атмосферата.
Од „Оревокршачка“, преку омилените арии и популарните дуети, па сѐ до валцерите и бисерите од класичната музика и виртуозни предизвици – сето ова е само дел од богатата и внимателно одбрана програма. Секој дел од програмата е вистински виртуозен предизвик, но Трпчески и неговите пријатели се подготвени да го исполнат со леснотија и страст, како што само тие знаат.
Зборувајќи за новата средба со македонската публика, Симон Трпчески вели дека секогаш кога настапува на сцените низ светот дава сѐ од себе, но потенцира дека емоцијата е посилна кога се свири дома. Вистинска реткост е да се слуша Симон во Скопје, бидејќи неговите концертни активности траат во текот на целата година и се одвиваат на сите континенти низ светот.
Тој редовно соработува со познати диригенти, а меѓу нив се издвојуваат имиња како Шарл Дитоа, Сер Лорин Мазел, Василиј Петренко, Владимир Ашкенази, Густав Дудамел итн. Настапува со најголемите странски оркестри, како Њујоршката филхармонија, Кралската филхармонија од Лондон, симфонискиот оркестар на Сан Франциско…Неговата способност да ги оживее и најкомплексните дела на класичната музика го издвојува како уметник од највисок ранг. Многу музички критичари го споредуваат со најдобрите пијанисти на денешницата, истакнувајќи дека Трпчески не само што ја поседува техниката, туку и длабока, уникатна музикалност што му овозможува да ги спои традицијата и современиот израз на извонреден начин.
Оваа новогодишна вечер е за сите – за оние кои го сакаат класичниот звук, но и за оние кои едноставно сакаат да уживаат во празничен концерт кој носи радост и инспирација. Во пријатната атмосфера на декемвриската ноќ, арената ќе биде вистинско уметничко прибежиште. Затоа, подгответе се за незаборавна вечер, споделете ја со своите најблиски и дозволете си да бидете дел од оваа ноќ, каде што Симон Трпчески и неговите пријатели ќе запишат уште една незаборавна страница во македонската музичка приказна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

