Култура
Објавени песната и видеоспотот на македонските претставници од „Дајте музика“ за јуниорскиот Евросонг : GREEN FORCES ја преземаат контролата

„Ова е единственото место што го нарекуваме дом и мора да сфатиме дека постапуаме погрешно“ – можеби звучи како заклучок од неодамнешната конференција за климатски промени COP26, но всушност ова се стиховите од песната која ќе ја претставува Македонија на Детскиот избор за песна на Евровизија 2021 во Париз.
Четворица тинејџери од актерската екипа на проектот „Дајте музика“, која е составена од речиси 40 талентирани деца, беа избрани од страна на Македонската радио-телевизија да ја претставуваат нашата земја во Париз. Два водечки и два пратечки вокала ќе го кренат гласот за заштита на животната средина и со здружени сили под зеленото знаме, ќе пеат за злото кое ѝ е нанесено на планетата Земја со глобалното затоплување.
„Идејата за учество на детската Евровизија 2021 дојде некаде во мај, кога се подготвувавме за снимање на третата сезона од едукативно-забавниот серијал ‘Дајте музика’. Добивме многу добра песна потпишана од Роберт Билбилов, кој е можеби еден од најталентираните музички продуценти кај нас и кога ја слушнавме, помисливме дека би било штета доколку истата остане само за серијалот. Што се однесува до темата, таа беше избрана од страна на децата. Потоа следеше соработката со еден од врвните македонски бизнис-лидери со вродена љубов кон музиката, Робин Зимбаков, а сето тоа на крај резултираше со извонреден пакет кој достојно може да се носи со останатите 18 европски земји кои ќе настапат на годинешниов детски Евросонг!“ – рече Цаци Паковска, продуцент на „Дајте музика“.
Заштитата на животната средина е тема која е често споменувана во серијалот. Во 2019 година песната „Има ли воздух“, изведена од Филип Поповски, се искачи на врвот на топ-листите на популарното македонско радио „Бубамара“. Актерската екипа имаше спектакуларен настап, борејќи се за водух, при доделувањето на освоената најпрестижната национална награда „Златна бубамара на популарноста за најпознато шоу во 2019 година“.
„Ние не можеме да ги решиме проблемите со загадувањето, но секој од нас МОЖЕ да направи огромна разлика! Потребни сме ѝ на нашата планета!“ – велат изведувачите Анастасија, Филип, Кики и Миха во нивниот блог за песната. Свесни дека не можат да ја поправат штетата што ѝ е нанесена на природата, целта на GREEN FORCES е да поттикнат што е можно повеќе деца да го согледаат наследството и да почнат да се однесуваат одговoрно кон единственото место кое 7.9 милијарди луѓе нарекуваат дом.
„Дајте музика“ е партнерски проект на Македонската радио-телевизија и „Рифенштал продукција“. Од октомври 2019 година, шоуто има повеќе од 32 милиони прегледи на својот јутјуб-канал.
Видеозаписот GREEN FORCES го изработи продукцијата „Вертиго вижуалс“ и истото премиерно беше претставено синоќа на првиот канал на македонскиот национален сервис и официјалниот јутјуб-канал на јуниорскиот Евросонг.
Линк до видеото:
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.