Книги
Објавен романот „Тивко рушење“ на хрватскиот писател Ивица Пртењача

„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Тивко рушење“ на хрватскиот писател Ивица Пртењача, во превод од хрватски на македонски јазик на Ленче Тосева. Романот Тивко рушење претставува тематско и мотивско продолжение на неговиот награден роман Брдо. Во Тивко рушење авторот повторно се качува на „брдо“, но овојпат тоа се наоѓа во еден трошен стан во една загрепска улица. Главниот јунак, молер со диплома професор по литература, со својот помошник треба да ги истружат ѕидовите на еден стан и повторно да ги обојат. Се чини дека тоа е работа по негова мерка, зашто е прилично осамена рутинска работа, далеку од луѓето, во осаменост, токму како што сака тој. Но човекот што ги ангажирал и неговата животна приказна ќе ги променат животите на сите ликови во романот.
Тивко рушење може да се смета како трета книга од своевидната трилогија романи во која се и „Добро е, убаво е“ и „Брдо“. Во сите три дела основниот тематски мотив е осаменоста, а главниот лик е антијунак. Овој роман е покомплексен од претходните и е напишан со чист поетски јазик, со стилски прецизни реченици, преполн со необични метафори. Тивко рушење е напишан како контрапункт на Брдо.
Ивица Пртењача е роден во 1969 година во Риека, Хрватска, каде што студирал југославистика на Педагошкиот факултет. Пишува поезија, проза, драмски текстови и колумни. Ги објавил следните книги: Пишувањето ослободува (1999), Yves, поезија (2001), Никој не зборува хрватски (со Б. Чегец и М. Миќановиќ), двојазичен избор од поезија, хрватско/француско издание (2002), Земај сè што те смирува, поезија (2002), Добро е, убаво е, роман (2006), Неделен ручек, драма (2007), Суровост, поезија (2010, награда Киклоп), Брдо, роман (2014, награда ВБЗ), Тивко уривање, роман (2017), Бршлен, раскази (2017), Пливач, роман (2019), Тишината и нејзините моливи, поезија (2020).
Негови дела се преведени на дваесетина јазици, меѓу кои и на македонски јазик. Тивко рушење е неговата четврта книга објавена на македонски јазик. Претходно во Македонија се објавени: Добро е, убаво е, Суровост и Брдо.
Според романот Брдо се снима долгометражен филм. Добитник е на повеќе книжевни награди, вклучен е во неколку антологии и избори на хрватска поезија. Живее и работи во Загреб како самостоен уметник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Книги
Девет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“

Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2020 година, во состав: Оливера Николова (минатогодишна лауреатка и претседателка на Комисијата), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Грозданоски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата „Славко Јаневски“), во втората селекција одбра девет романи што останаа во конкуренција за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа дури 41 роман. Жири-комисијата во првата селекција одбра 18 наслови, а сега списокот го стесни на девет романи. Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција, во петок, на 15 март.
Наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, годинава ќе се врачи по 22 пат. Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, се состои во паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.
Книги
Четири нови книги од култниот автор Милан Кундера во издание на „Арс Ламина“

Книгите на Милан Кундера говорат за луѓето, за нивните мисли, чувства и намери, а неодамна на македонски јазик излегоа четири негови дела „Шега“, „Животот е на друго место“, „Проштален валцер“ и „Смешни љубови“. Како Чех кој, пак, според пасошот не е со таа националност, веќе со децении наназад живее во Франција. Чехословачка во 1978 година му го има одземено државјанството и на тој начин го има „протерано“ еден од своите најпознати писатели во егзил. Живее повлечено и никогаш не сонувал за враќање во татковината. Чесите долго време мораа да чекаат на неговото враќање, и тоа книжевно, па дури во деведесеттите години, неговите подоцнежни романи се преведени и на чешки јазик. „Шега“, „Животот е на друго место“, „Проштален валцер“ и „Смешни љубови“ се издадени од „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и може да се најдат во сите книжарници „Литература.мк“ или да се нарачаат онлајн на www.literatura.mk.
„Шега“
„Шега“ е првиот роман на Милан Кундера, напишан на чешки јазик и објавен во 1967 година. Дејството се протега од крајот на Втората светска војна до настаните пред Прашката пролет кон крајот на шеесеттите години од XX век во тогашна Чехословачка. Роман за нарушената љубов и одмаздата, за разочарувањата од некогашните идеали и, како резултат на тоа, неретко гротескната верба во постигнување на мали, лични победи, за нераскинливата заемна проникливост на шегата со нејзината неминовна повеќезначност – и неретко опачина… „Шега“ се вбројува во стоте книги на векот според „Монд“.
„Животот е на друго место“
Романот „Животот е на друго место“ е напишан и издаден оригинално на чешки јазик во 1969 година, а во 1973, непосредно по неговото објавување на француски јазик, ја добива наградата „Медичи“ (Prix Médicis Etranger).
„Со Дон Кихот и со Госпоѓа Бовари, Животот е на друго место е можеби најстрогото дело што некогаш било напишано против поезијата. Поезијата како привилегирана територија на потврдата, на занесот и на ’автентичноста‘. Поезијата како последното прибежиште на Бога…“, се вели во поговорот од Франсоа Рикар.
„Проштален валцер“
Во едно бањско лекувалиште со застарен изглед, осум личности се фаќаат на еден валцер што се забрзува: една симпатична медицинска сестра, еден гинеколог фантазер, еден богат Американец (понекогаш светец понекогаш Дон Жуан), еден познат трубач, еден стар осуденик, жртва на чистки, кој е на прагот да ја напушти својата земја… Овој роман е еден „сон на летната ноќ“, еден „црн водвиљ“.
Најтешките прашања во оваа книга се поставени со таква леснотија поради која разбираме дека модерниот свет нè лишил од правото на трагичното.
„Смешни љубови“
„Смешни љубови“ е збирка раскази напишани во периодот од 1960 до 1968 година, кога е и објавена, но набргу потоа, по руската инвазија на Чехословачка истата година, е забранета. Главна тема на расказите, како што луцидно навестува и насловот, е љубовта, при што акцентот само навидум е ставен на нејзиниот физички аспект, додека под површината на односите се наѕираат смешните недоразбирања и комичните ситуации во кои се вплеткуваат протагонистите – неретко во мрежата што самите ја сплетуваат за другиот, за партнерот во играта…
Книги
Лидија Димковска на фестивал во Цирих посветен на литературата од Југоисточна Европа

Од 26 до 28 февруари Домот на литературата во Цирих, Швајцарија, го организира книжевниот фестивал „Денови на литературата од Југоисточна Европа“ на кој покрај Драго Јанчар, Лана Басташиќ, Драган Великиќ, Луљета Лешенаку, Дамир Овчина, Ивана Сајко и други, ќе настапи и македонската писателка Лидија Димковска.
„Литературхаус“ од Цирих веќе шеста година е домаќин на фестивал посветен на литературата на некој регион или земја, а оваа година фокусот е ставен на Југоисточна Европа.
Фестивалот ќе се одржи онлајн, а вклучува читања, панел-дискусии и разговори меѓу избраните автори и нивните преведувачи и модератори. Разговорот со Димковска ќе го води Александер Зицмен, кој е и преведувач на нејзината поезија и проза на германски јазик, а извадоци на германски ќе чита Клаудија Јан.
- Книги2 месеци
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Црна хроника3 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Македонија3 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Македонија2 месеци
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Регион2 месеци
(Видео) Прекината прес-конференција на градоначалникот на Бања Лука: „Луѓе ова е сериозен земјотрес“
- Регион2 месеци
(Видео) Снимен моментот на потресот во Петриња – луѓе не можат да се задржат на земјата
- Свет4 недели
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер