Култура
Објавен третиот том досега непубликувани басни на Ристо Давчевски

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје деновиве го објави третиот том од досега непубликуваните басни на македонскиот писател Ристо Давчевски (1935-2009) како дел од триесетлогијата во десет тома со заеднички наслов „Беседа на фауните“.
Овој том содржи три книги со речиси триста негови басни за млади и за возрасни: „Лагата не умира“, „Луда басна“ и „Сто и еден пријател“.
Од овој авторски проект на Ристо Давчевски, кој е оригинален и единствен, содржи 30 книги со 3.000 басни распоредени во 10 тома, досега беа објавени два тома (2011 и 2014 година).
Десеттомната серија претставува исклучително богатство не само за македонската литература туку и за светската: досега ниеден автор на басни во светот не оставил зад себе толку обемен опус на басни (најпознатите – Лафонтен има 12 книги и Езоп – 600 басни, а Ристо Давчевски за време на својот 60-годишен творечки период напишал 6.000 басни, од кои повеќето од половината не се објавени).
„Проектот на Давчевски – ‘Беседа на фауните’ е создаван дваесетина години. Давчевски со него ги надрасна сите свои учители – европските баснописци, ја осмисли обновата на долговековната езопизација, ѝ даде нов пулс, нов видик со нова димензија и во тој проект ја вткал душата на своето време со илјадници теми расфрлани низ целата планета. Низ емотивна и извонредна духовита умешност, завиена во апсолутната алузивна асоцијативност и со храбра воинствена сатиричност, ја означил ренесансната алинеја, што му прилега на секое големо дело“, велат од издавачката куќа.
Ова е проект кој на македонската басна ѝ го дава приматот во европската и светската басна, а на авторот приматот на баснописец во европското книжевно милје.
„Беседа на фауните“ е оригинален и по тоа што половината басни се посветени и на возрасните читатели, што е прв случај во историјата на овој литературен жанр.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Вино, платно и инспирација: Скопје доби нов урбан простор, каде што секој може да биде уметник

Во Скопје официјално беше отворен простор за цртање на платно и дегустација на вино, сместен кај „Едера руфтоп“.
Зад овој свеж и инспиративен проект стои млад ентузијаст – тој има 25 години и со поддршка од семејството и од девојката создаде нешто што ѝ недостигаше на уметничката и на социјалната сцена во градот.
„Сакавме да создадеме простор, каде што луѓето ќе може да се опуштат, да го променат своето секојдневие и да ја изразат својата креативност без притисок, сето тоа со чаша квалитетно вино во рака“, вели тимот на Art Room.
Идејата е едноставна, но моќна: резервираш термин, доаѓаш без потреба да знаеш да црташ, а професионален уметник те води низ процесот додека се опушташ со вино и музика. Секоја сесија трае 2 и пол часа, а темите се менуваат месечно и се најавуваат однапред.
Вината се внимателно избрани – од македонското на „Тиквеш“, Special Selection, па сè до етикети од Италија, Франција и од Шпанија.
Она што го издвојува овој концепт е неговата мултифункционалност: покрај редовните термини, просторот може да се изнајми за родендени, team buildings и за приватни забави, a за време на викендите просторот ќе може да се резервира дури и за најмладите: нудат детски креативни сесии со времетраење од 2 часа, сокчиња наместо вино и многу бои. Родителите може да бидат присутни за време на овие сесии доколку сакаат или, едноставно, може да ги остават децата да уживаат во уметноста.
„Имаме и креативен ѕид, каде што секој може да напише како се чувствува тој ден, има и мало катче за одмор и шанк за оние што сакаат да наздрават со уште една чаша вино“.
Свеченото отворање на Art Room беше проследено со позитивна енергија, насмевки, музика и инспирација.
Култура
Меѓународна поетска награда за Никола Маџиров

Никола Маџиров е лауреат на 17-тата меѓународна награда за поезија „Поезија и луѓе“ (Poetry and People – International Poetry Award) која викендот му беше доделена во кинескиот град Гуангџоу. Оваа независна поетска награда е востановена од книжевното списание „Поезија и луѓе“ и се доделува од 2005 година за посебен придонес во современата светска поезија.
Досегашни лауреати се добитниците на Нобеловата награда за литература Дерек Волкот и Томас Транстромер, кој беше лауреат и на Струшките вечери на поезијата. Меѓу останатите добитници се и неколкумина други лауреати на Златниот венец на СВП како Адонис, Адам Загајевски, Томаж Шаламун и Ханс Магнус Енценсбергер, а исто така на листата добитници на оваа награда се и Ен Карсон, Лез Мари, Гери Снајдер, Рита Дав, Еуженио де Андраде како и минатогодишниот добитник на британскиот кралски златен медал за поезија и добитникот на наградата „Т.С. Елиот“, Џорџ Сиртеш.
Наградата, која се состои од скулптура изработена од академскиот скулптор Жанг Јапинг, објавена книга на кинески јазик и паричен износ, му беше доделена на Никола Маџиров на свечена церемонија во Центарот за уметности во Гуангџоу. Скулптурата е инспирирана од стих на Маџиров од песната „Од секоја лузна на моето тело“, а на церемонијата премиерно беше изведена композиција според стиховите на песната „Оној што пишува“, како и кратка драмска изведба според песната „Совршеноста се раѓа“. Маџиров на церемонијата го прочита говорот на благодарност, како и три песни на македонски јазик. Никола Маџиров е најмлад досегашен странски добитник на оваа престижна награда за современа поезија.
Во образложението на жирито со кое претседаваше поетот и критичар Хуан Лихаи и кое беше прочитано од поетот Јан Ке, претседателот на Друштвото на писателите на Гуангџоу, се вели:
„Поезијата на Никола Маџиров е длабоко вкоренета во плодната почва на балканската меморија. Надминувајќи ја неизбежната судбина, преминувајќи ги урнатините на историјата и јазовите во културата, тој изнедрува од маглата на времето за да понуди нов светилник преку кој можеме да ги разбереме болката, надежта и човечноста.
Почитувајќи ја традицијата на критички медитации од негови претходници-поети кон историското наследство, тој води дијалог со големите умови, ја воочува вистината со непоколеблива храброст и чекори осамено кон зрелоста. Маџиров зрачи со светлечки хуманизам на една нова генерација поети. Исполнето со свеж спектар од слики, неговото пишување продира во заборавените одаи на животот, а забрзувачката фреквенција на сликите предизвикува моќна емпатија кај слушателите, дозволувајќи им на читателите постојано да ја препознаваат интимноста на зборовите.
Блиската сосредоточеност на Маџиров кон непосредното и неговата далекусежна визија кон светот му овозможуваат неотуѓиво сетилно искуство, дури и кога му се дарува себеси целосно на универзумот. Неговото пишување е двоен акт меѓу присуството на животот и крикот на духовното, штитејќи ја светлината меѓу луѓето, таму каде што, длабоко во пепелта, останува незгаснатата искра на поезијата.
Сместен помеѓу замисленото минато и посакуваната иднина, Маџиров пишува со немилосрдна искреност. Ослободен од земните ограничувања, преку безграничната имагинација тој му дава глас на скриениот јазик што раскошно цути од внатрешниот копнеж. Во него, креативноста добива слободна волја; преку него, светот започнува одново — чиниш нови видови поезија се раѓаат од сопствените урнатини.“
Ова е трето меѓународно признание за Никола Маџиров годинава, по европската награда за поезија „Н.К. Казер“ во Италија во мај и признанието „Почесен гостин“ на меѓународниот фестивал „Денови на поезија и вино“ во Словенија, во август.
Култура
75 години ДФРМ: од 3 септември филмска ревија со македонски филмови во Кинотеката

По јулските проекции, филмската ревија во Кинотека во чест на јубилејот – 75 години од основањето на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) ќе продолжи во септември, по завршувањето на летните одмори.
На 3 септември програмата ќе биде отворена со „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, а во деновите што следуваат публиката ќе има можност да ја проследи јубилејната филмска ревија од избрани македонски филмови кои оставиле длабока трага во нашата кинематографија.
4 септември: „Денес треба нешто да се случи“ (1978); „Ругање со Христос“ (2018)
5 септември: „Северен пол“ (2012); „Соба со пијано“
10 септември: „Види ја ти неа“ (2017); „Домаќинство за почетници“ (2023)
12 септември: „Вирово“ (1968) документарен филм; „Сестри“ (2021)
-Јубилејната филмска ревија претставува потсетување на 75 години активна работа на Друштвото на филмски работници на Македонија и истовремено – почит кон сите генерации визионери, филмски автори, актери, филмски работници и соработници кои низ сите овие години ја граделе и сѐ уште ја градат македонската кинематографија. Ревијата отвора простор за средби, дијалози и нови идеи за иднината на седмата уметност во нашата држава. Во време кога вниманието е фрагментирано, јубилејната ревија нѐ потсетува дека добриот филм останува моќна сила – да нѐ трогне, инспирира и обедини, вели Игор Иванов – Изи, претседател на ДФРМ.
Сите проекции се бесплатни.