Култура
Објавен јавниот повик за 4. издание на фестивалот на светлината Skopje Light Art District-The Sun
ЈУ Универзална сала со поддршка на Град Скопје објави јавен повик за поднесување апликации за четвртото издание на фестивалот на светлината – Skopje Light Art District (SkLAD).
Главната тема на ова издание ќе биде Сонцето како непресушен извор на светлина и бесконечен извор на енергија. Врската помеѓу Сонцето и Земјата го создава и оддржува целокупниот живот на планетата. Уште од самите почетоци на човештвото Сонцето симболизира врховна моќ, знаење, божественост, енергија, сила и повторно раѓање
SkLAD е основан во 2018 година со цел да создаде нов културен и социјален настан со фокус на светлосната уметност. Преку минатите изданија во 2018, 2019 и 2020 година, SkLAD успешно го претстави Скопје на мапата на европски фестивали на светлината, презентирајќи светлосни инсталации и уметност во нови медиуми на водечки уметници од светот, преку нивно истакнување на домашната уметничка сцена.
SkLAD цели да создаде соработка со други регионални настани и фестивали на светлината со која дополнително ќе се зајакне важноста на Скопје како еден вид нов центар за современата уметност.
На конкурсот право на учество можат да земат сите заинтересирани автори кои креираат во сферата на светлосната уметност, светлосните инсталации, видеоарт или го користат светлото како главен израз на визуелно и уметничко изразување.
Заинтересираните уметници, покрај официјалната пријава, потребно е до организаторите да достават и наслов, детален опис, скици, концепт на предлог-проектот, проект дизајн, програма со предлог финансиска конструкција за реализација на истата; да наведат локација за која се аплицира; фотографии и/или видео од делата доколку истите биле претходно изложени; потребна опрема за реализација на делото; професионално портфолио и кратка биографија/CV на уметникот/уметничката група.
Повеќе информации околу повикот, начините на финансирање и останатите детали поврзани со 4-тото издание на Skopje Light Art District, може да се најдат на официјалната веб-страница на фестивалот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

