Култура
Од вечерва сите патишта водат кон Охридско лето
Античкиот театар, вечерва, во 21 часот, ќе блесне со гламурозниот настап на светски познатата сопранистка Анџела Георгиу, која ќе го отвори 63. издание на фестивалот Охридско лето.
Оперската дива Георгиу пристигна во неделата на Меѓународниот аеродром во Скопје, а беше пречекана од амбасадорката на Романија во земјата, Адела Моника Аксинте, од директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ, и од селекторката на музичката програма на фестивалот, Бисера Чадловска.
Најгламурозната оперска ѕвезда на денешницата Анџела Георгиу ќе настапи заедно со Оркестарот на Националната опера и Балет на Република Северна Македонија и под диригентската палка на извонредниот Романец Чипријан Теодорашку. Нејзиниот прекрасен глас ја прави сцената блескава секаде каде што настапува по светот. Таа се вбројува меѓу најдобрите изведувачи во историјата на операта, со исклучителен вокал, техника и длабока драмска и музичка интелигенција.
Од дирекцијата на Охридско лето велат дека сè е подготвено за почеток на уште едно издание исполнето со прекрасни уметнички креации и уметници, кои ќе остават свој белег во фестивалската хроника.
„Од 12 јули до 20 август љубителите на уметноста ќе имаат можност да уживаат во 34 концерти и седум театарски претстави, а програмата ќе биде збогатена и со балет, изложба на фотографии и промоција на книга. На фестивалските сцени, Антички театар, Долни Сарај, предворје на ‘Св. Софија’, црквата ‘Св. Софија’ и Центарот за култура, ќе пречекаме над 1.000 уметници од над 20 земји од светот, Србија, Чешка, Италија, Словенија, Полска, Франција, Турција, Израел, САД, Украина, Шпанија, Црна Гора, Грција, Германија, Романија, Португалија, Египет и, секако, уметници од Република Северна Македонија“, вели директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ.
Пред почетокот на концертот, по традиција, ќе биде запален фестивалскиот оган. Фестивалот за отворен ќе го прогласи претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој е и покровител на оваа најголема музичко-сценска манифестација во земјата и регионот, а обраќање ќе има и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Зимски МакеДокс“ завршува со проекција на „Герлах“ и дебата во „Лабораториум“
Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“ ќе ја заврши серијата проекции во рамки на програмскиот сегмент „Зимски МакеДокс“ со прикажување на документарниот филм „Герлах, последниот земјоделец“ (Холандија / 2023 / 76 мин.) и тематска дебата, што ќе се одржат на 12 декември, со почеток во 20 часот, во едукативно-културниот центар „Лабораториум“ во Скопје.
Документарниот филм „Герлах, последниот земјоделец“ на Лук Бауман и Алиона ван дер Хорст е минатогодишен победник на ИДФА во Холандија, најзначајниот европски фестивал за документарни остварувања.
Герлах ван Бајнум е еден од последните земјоделци на мешани култури во близина на Амстердам. Опкружен од модерни зданија – дистрибутивни центри, автопатишта, мултинационални корпорации – тој, низ годишните времиња, се движи во свој ритам. Го следиме неколку години на своето поле во периферијата на Амстердам. Со помош на неговиот најдобар пријател Ринус, тој сади компири, цвекло, житарки и јагоди, кои ги продава во својата барака. Помеѓу сите овие активности, неговата куќа на фармата е и збирно место на неговите соседи и пријатели, со кои ја споделува неговата духовитост и едноставна радост.
По проекцијата на филмот ќе се одржи дебата на која ќе бидат детектирани опасностите што капитализмот ги носи за поединецот и за планетата, како и за разните форми на отпор што можеме да ги развиваме како директни учесници во потрошувачкото општество.
Овие прашања ќе ги отвори Андријана Папиќ Манчева заедно со Кирил Шентевски (филмски снимател и активист), Александар Николовски (Урбана градина „Бостание“) и Милица Петрушевска („Зелена република“).
– Исчезнувањето на традиционалното земјоделство е најсуштинската општествена промена во втората половина на 20. век. Оттука, вистинска реткост се земјоделците како Герлах што и ден-денес се грижат за земјата и произведуваат храна. Но, околу него сè се менува. Неговата едноставна куќа, чии врати се постојано отворени за неговото семејство и пријатели, сега е опколена со бензинска станица, МекДоналдс, бројни дистрибутивни центри, мрежа од раздвижени автопати, а над неа без престан надлетуваат авиони од аеродромот „Шипхол“. Неолиберализмот има многу лица, па филмот ни ја доловува и борбата на Герлах против претставниците на општините и странските инвеститори коишто, гладни за пари, смислуваат различни начини и договорни услови за и неговото парче да го земат во име на прогресот и технолошкиот развој. Заборавајќи, притоа, како што вели Герлах, дека оваа земја произведува храна. Згора на сето тоа, неминовни и сè почести се и знаците на климатската криза, која е директен продукт на човековата безобѕирност, алчност и отцепеност од природата – последици што Герлах и тоа како ги чувствува на свој грб, заедно со ревматизмот – посочува Андријана Папиќ Манчева.
Филмската проекција и дебатата во рамки на „Зимски МакеДокс“ се поддржани од Амбасадата на Кралството Холандија во Северна Македонија.
Влезот на проекцијата и на дебатата е бесплатен за сите заинтересирани посетители.
Култура
Изложба на графики „Живи форми“ од Мирослава Цветковиќ
На 13 декември, петок, со почеток во 19.30 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена изложба на графики со наслов „Живи форми“ од авторката Мирослава Цветковиќ. Изложбата содржи дваесетина графики работени во повеќе графички техники, во периодот од неколку последни години.
Мирослава Цветковиќ е родена 1973 година во Куманово, Македонија, дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 1998 година, во класата на проф. Зоран Јакимовски, на оддел графика, со насока графички дизајн. Во 1999. година се стекнува со доквалификација за ликовен педагог, на истиот факултет. Член е на ДЛУМ од 1998 година.
Реализирала резиденцијален престој во Cité Internationale des Arts во Париз, во студиото на Република Македонија, во 2002. год.
Во периодот од 1997-2003 година работи на повеќе проекти и театарски претстави како графички дизајнер на плакати и др. рекламни материјали за Народен Театар Куманово, Македонија.
Изложувала самостојно во Македонија, како и на повеќе групни претставувања на локалната уметничка сцена, како на ДЛУМ, ДЛУК и др., но и на многубројни меѓународни групни изложби во Македонија, Србија, Хрватска, Полска, Романија, Чешка, Канада, Бугарија, Италија, Грција, Литванија. Учесник е и на повеќе ликовни колонии во Македонија и во странство. За својата работа има добиено награди и признанија.
Живее и работи во Куманово, Р.С. Македонија како слободен уметник.
Култура
Концерт на барокниот ансамбл „Театро ала мода“
Ансамблот „Театро ала мода“ составен од музичари кои живеат и работат во Холандија, в четврток со почеток во 20 часот ќе настапат во Камерната сала на Филхармонија. Во ансамблот свири македонската чембалистка Цветанка Созовска, Лилија Славни (барокна виолина) и Џошуа Читам (виола да гамба). На програмата се дела Букстехуде, Телеман, Ј. С. Бах, Ж. Мари-Леклер, Форкере и Рамо.
Преземајќи го името од сатиричниот памфлет на венецијанскиот композитор Бенедето Марчело (напишан во 1720 година), „Театро ала мода“ се посветува на изведување барокна музика, но во нејзиниот автентичен манир, онолку колку што постојат информации низ историјата за начинот на изведба. Членовите на овој ансамбл доаѓаат од четири различни културни средини, но го пронашле својот обединет музички јазик во Холандија, за време на студиите на Кралскиот конзерваториум во Хаг.
Комбинирајќи ја виртуозноста и длабокото изучување на автентичната барокна изведувачка пракса, музичарите од „Театро ала мода“ го истражуваат и го претставуваат репертоарот за различни инструментални комбинации за камерен состав, користејќи историски копии на инструменти, како што се виолина, флејта, обоа, фагот, виола да гамба, чембало. Нивниот репертоар го опфаќа периодот од раниот барок до појавата на класичниот музички стил.
Инаку, „Театро ала мода“ редовно настапува во Холандија и веќе има остварено меѓународни дебија на различни музички фестивали низ Европа, во Исланд, Франција, Португалија, но и во Скопје и во Охрид.
На концертот во Скопје се претставуваат во формација трио со барокна виолина, виола да гамба и чембало, со програма специфична токму за овие инструменти од барокниот музички период.