Изложби
Оливер Мусовиќ со виртуелна изложба „Урбани шуми“

„Локомотива“ – центар за нови иницијативи во уметноста и културата во 2020 година, во рамкте на програмата „Други простори“ поддржа развој на три современи уметнички дела на домашните уметници Зорица Зафировска, Оливер Мусовиќ и Филип Јовановски.
Користејќи разни медиуми, уметниците преку своите дела се занимаваат со исклучително важни теми поврзани со екологијата, која ја разгледуваат како динамична категорија на меѓусебно поврзани, еколошки, општествени, демократски, како и културни процеси на секојдневното живеење. Делата истражуваат и се занимаваат со јавниот простор, животната средина, урбаното планирање на градот и правото на одлучување на уредување и развивање на средината во која живееме. Делата опфаќаат истражување, документација и уметничка презентација на зелените површини, од планирање на градското зеленило и пошумување како дел од урбаните политики и просторното планирање до граѓански грасрут-инцијативи за развој на урбани градини во одредени градски маала и четврти.
Оливер Мусовиќ прв ќе се претстави во рамките на програмата со својот фотографски проект „Урбани шуми“, кој ќе може да го проследиме како виртуелна изложба на платформата „Кунстматрикс“. Кон изложбата може да се пристапи на следниот линк.
Насоките за разгледување и навигација низ изложбата се наоѓаат на веб-страницата на „Локомотива“ (www.lokomotiva.org.mk), како и на социјалните мрежи на организацијата. Тие се дадени и на самиот влез во виртуелниот простор на изложбата. Изложбата ќе биде отворена в петок, 27 ноември, и ќе биде достапна за посета до сабота, 12 јануари.
За својот проект Мусовиќ вели: „Дрвјата се едни од најотпорните креации на природата, кои играат важна улога во правењето на нашите градови погодни за живеење. Од јавните паркови, преку општествените градини, па до уличните дрвја, секој аспект на вегетацијата на градот, без разлика колку е мал, сочинува дел од неговата поголема урбана шума. Но, како што се зголемува густина на градовите и зградите заменуваат сè повеќе дрвја, сè поголема е загубата на градското зеленило, кое не секогаш е веднаш видливо, но секако таа загуба е значајна.
Проектот за фотографско истражување на урбаните и пери-урбаните шуми во Скопје ги испитува просторните политики и политиките кон животната средина во специфичниот локален контекст.
Резултатот на проектот е дигитална фотографска серија на урбани пејзажи, која мапира и документира индивидуални дрвја на ниво на улица наспроти заднина на изграденото опкружување, групи дрвја, паркови и други урбани шуми во Скопје. Ова не е научен еколошки проект, иако во својата методологија користи некои конвергентни трансдисциплинарни пристапи, туку личен, поетски поглед на еден од жителите на градот за тоа како природата во градот се повлекува“.
Оливер Мусовиќ (1971) самостојно изложувал во Македонија, Швајцарија, Словенија, Србија, Австралија и во Црна Гора. Учествувал на многубројни групни графички изложби и изложби на современа уметност во целиот свет. Учествувал и на резиденцијални престои во Германија, Чешка, Швајцарија, Кореја, САД и во Франција. Негови дела се застапени во повеќе јавни колекции и се публикувани во повеќе публикации – прегледи на современа уметност од најзначајните светски издавачи на уметничка литература.
Уметничките продукции се развиваат како дел од проектот „Програма на ‘Локомотива’ во кино ‘Култура’ – проектен простор за современи изведувачки уметности и современа култура“, финансиран од Град Скопје, и како дел од програмата „Други простори“ на проектот ACT: Act, Climate, Transition/„Уметност, клима, промена“, кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Изложби
Изложба на Јана Јакимовска во Куманово

Во четврток ( 21 јануари 2021 година) во 12 часот во Изложбениот салон на НУЦК “Трајко Прокопиев“ – во Куманово ќе се отвори изложбата на небесни пејзажи со наслов „Небо“, на ликовната уметница Јана Јакимовска. На изложбата ќе бидат претставени 20 дела во техниката акрил на платно работени во последните 3 години.
„ Најновиот циклус дела на Јакимовска се пејзажи кои во класификацијата на пејзажното сликарство може да се окарактеризираат како небесни пејзажи бидејќи на нив две третини од композициската целост е посветена на небесните предели… Јана Јакимовска со своите дела ни нуди ,прозорец’ за бегство од реалноста во која живееме, нè носи во една поубава, посветла, похумана реалност, која во вонредни услови има покрај своја егзалтирачка природа и концептуална димензија – да делува психо-терапевтски на конзументот на нејзините дела“ вели во текстот за изложбата, историчарката на уметност Ана Франговска.
„ Со сѐ поголемиот замав што го зема дигитализацијата и присутноста на новите медиуми, резултат на времето во кое живееме, се чини како уметниците во одредена мера да ги ,подзабораваат’, да го губат допирот, релацијата со покласичните форми и медиуми на изразување во доменот на сликарството, скулптурата и цртежот. Но, Јана Јакимовска е авторка која и покрај тоа што се занимава со концептуална уметност, главно насочена кон дигитални и фотоманипулации, во овој нејзин најнов циклус дела, преку својата четка и сликарското платно нѐ однесе на едно ,патување’ од Скопје преку Струмица и Охрид во светските гиганти Токио и Њујорк, за повторно да нѐ врати назад во Скопје, укажувајќи ни дека просторно и временски каде и да сме, тоа е она исто небо што истовремено е ОВДЕ и СЕГА, за сите исто и единствено, поради што и оваа изложба може да се сфати и како симбол за нашата, условно кажано – ,просторна ограниченост’, но истовремено и… ,бескрајна безграничност’“ вели во рецензијата за изложбата, историчарката на уметност Ангела Витановска.
Јана Јакимовска е вонреден професор на Ликовната академија на Универзитетот Гоце Делчев во Штип. До сега има реализирано 18 самостојни и преку 80 групни изложби во земјата и во странство, а во последно време се занимава со мурално сликарство.
Изложби
Зоран Попоски изложува во Јужна Кореја

Македонскиот уметник Зоран Попоски учествува на меѓународната изложба Перспективи 2021 во Музејот КИКА во Гимпо, Јужна Кореја, во периодот 30 декември 2020 до 17 јануари 2021 година.
На изложбата се застапени педесет уметници од САД, Франција, Канада, Бразил, Кина, Кореја, Јапонија, Британија, Германија, Грција, Венецуела, Италија, итн.
„Изложбата во Кореја е јубилејна за мене, бидејќи е стота изложба на моите дела. Во моментов мои дела се застапени уште во две тековни изложби во САД и Италија. Последната изложба во Македонија ја имав пред четири години. Се надевам дека наскоро македонската публика повторно ќе има можност да ги погледне моите дела“, изјави Попоски.
Зоран Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Линц и Њујорк, а докторирал студии на културата во Скопје. Има реализирано 100 меѓународни изложби и е добитник на повеќе меѓународни награди за уметност.
Изложби
Ретроспективна изложба на Јован Шумковски во Музејот на современата уметност

Од утре, 17 декември, во 12 часот, до 28 февруари 2021 година, во Музејот на современата уметност Скопје ќе биде отворена ретроспективна изложба на Јован Шумковски насловена „Вода/Ѕид“.
Куратор на поставката е Зоран Петровски, а проектот е поддржан од Министерството за култура.
Музејот е отворен од 10 до 20 часот за посетители секој ден, освен понеделник, а в недела музејот работи до 13 часот.
Поставката ќе се одвива според протоколите пропишани за организација на јавни настани во услови на пандемија.
Од МСУ велат дека ретроспективната изложба го прикажува делото на еден од најзначајните и највлијателни македонски уметници, чијашто речиси четири децениска уметничка практика ја дефинира постојан истражувачки интерес и смела инвентивност во формирањето и изразувањето на неговата ликовна мисла и поглед на светот и времето што го живееме.
Сликар по вокација, Шумковски досега зад себе има над дваесет самостојни изложби во земјава и во светот (Белград, Сараево, Софија, Љубљана, Стокхолм, Париз, Њујорк, Александрија и други). Во 1995 година беше претставник на Македонија на познатото биенале во Сао Паоло во Бразил, а во 2001 на Биеналето во Венеција. Учествува на многубројни групни изложби и значајни интернационални проекти. Редовен професор е на ФЛУ од 2002 година.
- Книги1 месец
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на Шекеринска од 27 април
- Македонија2 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Црна хроника2 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Македонија2 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Спорт3 месеци
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира
- Македонија1 месец
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Свет3 месеци
Нова студија – кај болните од Ковид-19 пред температура се јавуваат други два симптома