Контакт

Култура

Омаж на Рајко Грлиќ во Кинотеката од 31 мај до 4 јуни

Објавено пред

31 мај (ПЕТОК), 20 ч
САМО ЕДНАШ СЕ ЉУБИ
(Samo jednom se ljubi)
Игран филм, Хрватска
1981, 103 мин., колор, 35 мм
Режија: Рајко Грлиќ (Rajko Grlić)
Сценарио: Рајко Грлиќ , Бранко Шемен (Rajko Grlić,Branko Šömen)
Улоги: Мики Манојловиќ, Владица Милосављевиќ, Младен Будишчак, Зијах Соколовиќ, Драгољуб Лазаров (Miki Manojlović, Vladica Milosavljević, Mladen Budiščak, Zijah Sokolović, Dragoljub Lazarov)

По завршување на Втората светска војна, младиот партизан Томислав (Манојловиќ) и неговите другари од комунистичката партија се задолжени да го организираат цивилниот живот во гратче недалеку од Загреб. Поради обновата и културното воздигнување на народните маси, од Загреб се испратени и театарски актери, меѓу кои и Беба (Милосављевиќ), балерина од буржоаско потекло, во која веднаш ќе се заљуби Томислав. Иако припаѓаат на два света, младиот пар набргу и ќе се венча.

Во гратчето пристигнуваат и родителите на Беба, загрепски господа, кои не ја кријат одбивноста кон новиот политички (комунистички) поредок. Но, освен родителите на Беба, и партиските другари на Томислав не го кријат незадоволството со неговиот избор на Беба за сопруга и го сметаат за предавник на заедничките идеали. Томислав како искрен комунист, без големи политички и кариеристички амбиции, ќе се најде во јазот меѓу приватниот живот и очекувањата на партиските другари…

Насловот на филмот произлегува од истоимената носталгична евергрин-мелодија на Иво Робиќ, со која е проткаена сторијата. САМО ЕДНАШ СЕ ЉУБИ учествувал на канскиот фестивал во 1981 година, а Мики Манојловиќ на фестивалот во Валенсија ја освоил наградата за најдобра машка улога.

Филмот на Грлиќ за филмските критичари е наслов што раздвојува две епохи во хрватската кинематографија бидејќи го покажува репресивното дејствување на поранешниот систем и врз приватноста, поточно врз еросот и сексуалноста. Продуцентот „Јадран филм“ организира интерна проекција за очите на партискиот врв бидејќи се прочуло дека филмот можеби е политички субверзивен. По таа проекција, коментарите на политичарите задолжени за идеолошка будност биле крајно неповолни за Грлиќ. Затоа тој изработил дополнителна филмска копија и ја пратил на сигурно место, кај сестра му во Париз. Сепак, кога Канскиот фестивал објавил дека неговиот филм е дел од програмата „Извесен поглед“, филмот почнал да го живее фестивалскиот и дистрибутерскиот живот…
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 50 денари

1 јуни (САБОТА), 19 ч
ВО ЧЕЛУСТИТЕ НА ЖИВОТОТ
(U raljama života / In the Jaws of Life)
Игран филм, Хрватска
1984, 95 мин., колор,  ДЦП
Режија: Рајко Грлиќ (Rajko Grlić)
Сценарио: Рајко Грлиќ, Дубравка Угрешиќ (Rajko Grlić,  Dubravka Ugrešić)
Улоги: Витомира Лончар, Горица Поповиќ, Богдан Диклиќ, Велимир Бата Живоиновиќ, Миодраг Кривокапиќ, Мира Фурлан  (Vitomira Lončar, Gorica Popović, Bogdan Diklić, Velimir Bata Živojinović, Miodrag Krivokapić, Mira Furlan)

Култната комедија на Грлиќ претставува адаптација на популарниот роман „Штефица Цвек во челустите на животот“. Приказната паралелно го следи животот на две жени – просечната и осамена девојка Штефица Цвек (Лончар), која мечтае да го најде човекот на својот живот, и Дуња (Поповиќ), филмска режисерка, која снима телевизиска серија за Штефица, но и ги дели истите љубовни проблеми со неа. Пријателките на Штефица или се мажени и веќе разведени, и тоа по неколку пати, или се во складни врски.

Низ нивните животи ќе продефилираат разни мажи додека не го најдат вистинскиот. Филмот се одликува со остра сатира на состојбата во тогашната држава СФРЈ: предмет на критиката во филмот се интелектуалците, стереотипите за меѓуетничките односи (релациите меѓу Србите и Хрватите), сексуалните слободи и политичкиот притисок…

ВО ЧЕЛУСТИТЕ НА ЖИВОТОТ е меѓу ексјугословенските филмови што сè уште имаат култен статус меѓу гледачите. Филмот разбива и разни политичко-идеолошки табуа, како што е темата за логорите на Голи Оток по раскинот на Тито и Сталин во 1948 година. Меѓу повпечатливите епизоди е и онаа на Бата Живоиновиќ во улогата на „Трокрилен“ (алузија на неговото крупно тело, па изгледа како трикрилен орман) и неговите сочни реплики за сексот…
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 50 денари

1 јуни (САБОТА), 21 ч
ЧАРУГА
(Čaruga)
1991, 108 мин., колор, ДЦП
Игран филм, Хрватска
Режија: Рајко Грлиќ (Rajko Grlić)
Сценарио: Рајко Грлиќ, Иван Кушан (Rajko Grlić, Ivan Kušan)
Улоги: Иво Грегуревиќ, Давор Јањиќ, Бранка Трлин-Матула, Ена Беговиќ, Ненад Стојановски, Петре Арсовски (Ivo Gregurević, Davor Janjić, Branka Trlin-Matula, Ena Begović, Nenad Stojanovski, Petre Arsovski )

1918 година, крај на Првата светска војна. По враќањето од рускиот фронт во Славонија, Јово Станивуковиќ-Чаруга станува водач на побунетите селани надничари кои бараат крај на феудалните односи и имотите на големите земјопоседници да им биде разделена на обработување. По убиството на еден земјопоседник, Чаруга завршува во затвор, но набргу побегнува во шумата и им се придружува на одметниците што се борат за социјална правда и еднаквост.
Чаруга го ликвидира нивниот шеф и станува лидер на одметниците, чија идеологија е мешавина од комунистички идеи и своевиден комитлак во стилот на Робин Худ. Иако добива ореол на заштитник на сиромашните, популарниот Чаруга набргу борбата за правдина ја заменува со сè посурови грабежи и свирепи убиства на жандарми и цивили. Алчноста за поголемо богатство и моќ ќе го претвори Чаруга од револуционер и романтичен ајдук во суров разбојник и убиец, кој конечно ќе им падне во раце на властите…

Во едно скорешно интервју по повод смртта на Иво Грегуревиќ, Грлиќ потенцира дека Чаруга е неговиот прв и единствен вестерн бидејќи јунаците на тој жанр биле сонот на секое дете од неговата генерација. И на таа тема најмногу се нашле со толкувачот на комплексната улога на Чаруга, Грегуревиќ. „Во таа улога на Чаруга Грегуревиќ не играше само еден лик, туку десет лика низ таа една личност“, вели Грлиќ.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 50 денари

2 јуни (НЕДЕЛА), 19 ч
СЕКОЈА ДОБРА ПРИКАЗНА Е ЉУБОВНА ПРИКАЗНА
(Vsaka dobra zgodba je ljubezenska zgodba / Svaka dobra priča je ljubavna priča)
Документарен филм, Словенија / Хрватска
2017, 71 мин., колор, ДЦП
Режија: Рајко Грлиќ, Матјаж Иванишин  (Rajko Grlić, Matjaž Ivanišin)
Сценарио: Рајко Грлиќ, Матјаж Иванишин  (Rajko Grlić, Matjaž Ivanišin)
Улоги: Душан Јовановиќ, Милена Зупанчич, Борис Каваца, Радко Полич (Dušan Jovanović, Milena Zupančič, Boris Cavazza, Radko Polič)

Филм за театарската претстава „Борис, Милена и Радко“ и четирите познати ликови што учествуваат во нејзиното создавање. Тоа се актерите Борис Каваца (во овој случај режисер), Милена Зупанчич и Радко Полич и режисерот Душан Јовановиќ (нам добро познат како писател на некогаш култната драма „Ослободување на Скопје“ и на сценариото за истоимениот филм во режија на Данило и Раде Шербеџија), но овој пат како актер, кој се игра себе си, како и Зупанчич и Полич.

Филмот го документира четиримесечниот процес на создавањето на претставата, од нејзината прва проба до премиерата. Се работи за љубовен триаголник меѓу актерите Зупанчич, Јовановиќ и Полич во реалниот живот, кој е буквално пренесен на театарската сцена. Во текот на создавањето на претставата „Борис, Милена и Радко“, која на театарската сцена и во филмот ја режира Борис Каваца, се елиминира приватниот живот на уметниците и почнува универзалната приказна за односите меѓу реалното и имагинарното, меѓу личната и јавната перцепција на уметноста.

Во реалниот живот пред неколку децении Милена била мажена за Радко, а Борис бил нивниот кум. Милена станала позната актерка, ѕвезда во ексјугословенскиот театар и филм во 70-тите и 80-тите години на минатиот век. Како што растела нејзината популарност, така за неа сè повеќе се интересирал режисерот Јовановиќ, инаку другар на Полич од студентските денови. Јовановиќ успеал да му ја преземе Милена на Полич. Неколку децении подоцна сите тројца, плус Каваца (кој го игра Јовановиќ), ќе минат четири месеци заедно подготвувајќи ја претставата…

Авторите Грлиќ и Иванишин за овој документарец велат дека тоа е филм што говори за односот меѓу интимноста и јавниот аспект на уметноста и за склоноста за преплетувањето на личните животни искуства со приказните што ги раскажуваме. Филмот настојува да дефинира што од раскажаното на сцената е егзибиционизам, а што е искрено и понекогаш болно соочување со самите себеси.
Возрасна категорија:  14 години
Влезница: 50 денари

2 јуни (НЕДЕЛА), 21 ч
НЕКА ОСТАНЕ МЕЃУ НАС
(Neka ostane među nama)
Игран филм, Хрватска / Србија / Словенија
2010, 87 мин., колор, 35 мм
Режија: Рајко Грлиќ (Rajko Grlić)
Сценарио: Рајко Грлиќ, Анте Томиќ (Rajko Grlić, Ante Tomić)
Улоги: Мики Манојловиќ, Бојан Навојец, Ксенија Маринковиќ, Дариа Лоренци, Наташа Дорчиќ (Miki Manojlović, Bojan Navojec, Ksenija Marinković, Daria Lorenci, Nataša Dorčić)

Втората соработка меѓу писателот и сценарист Томиќ резултира со приказна за петмина луѓе што се меѓусебно поврзани на интересен сентиментален начин. Тоа се браќата Никола и Брацо, нивните сопруги Анамарија и Марта, и само една, но и најважна, љубовницата – Латица. Сопружниците имаат и ќе имаат деца на кои со сигурност не им се знае таткото поради испреплетеноста на сексуалните интереси на двајцата браќа…

НЕКА ОСТАНЕ МЕЃУ НАС е индискретна загрепска сторија за вировите на еротската страст под плаштот на навидум спокојното и тромо граѓанско секојдневие, кое исто така навидум ги почитува (не)пишаните граѓански и семејни правила.

Никола (Манојловиќ) е успешен и богат адвокат, а неговиот брат Брацо (Навојец) е сликар со боемски живот. Нивните двојни животи и паралелни љубовни врски ќе се измешаат во горко-слатката приказна за неуморната потрага по љубовта и среќата, секако зачинета со многу сексуални мечти, но и ужасните последици што се предизвикани од фактот дека повремено ќе се затекнат во туѓ кревет…

Грлиќ е автор познат по приврзаноста за филмување приказни во неговиот роден град Загреб, и од 11 наслови, осум се снимени токму во Загреб. По речиси две децении, со НЕКА ОСТАНЕ МЕЃУ НАС повторно се враќа во тој урбан простор и филмот е своевидна посвета на градот, а музиката ја компонирале Алфи Кабиљо и Алан Бјелински.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 50 денари

3 јуни (ПОНЕДЕЛНИК), 19 ч
И ДА ПУКНЕ, НЕКА ПУКНЕ
(Kud puklo da puklo)
Игран филм, Хрватска
1974, 89 мин., колор, 35 мм
Режија: Рајко Грлиќ (Rajko Grlić)
Сценарио: Рајко Грлиќ, Срѓан Карановиќ, Александер Кенигсмарк (Rajko Grlić, Srđan Karanović, Alexandear Koengismark)
Улоги: Младен Будишчак, Јагода Калопер, Феликс Смитка (Mladen Budiščak, Jagoda Kaloper, Feliks Smitka)

Неконвенционалното момче со работничко потекло наречено Будилица (според прекарот на актерот Будишчак што го игра тој лик) не може да добие пристојно платена работа. Во знак на протест одлучува да остане невработен, но истовремено да ѝ  се претстави на јавноста со помош на филмските камери, кои го снимаат неговиот секојдневен живот. Во неговиот необичен потфат му се придружува и девојката Јагода (Калопер)…

И ДА ПУКНЕ, НЕКА ПУКНЕ е дебитантски долгометражен игран филм на Грлиќ и претставува дел од бранот на општествено-критичкиот филм во 70-тите години на минатиот век. Необичниот и свеж настап на актерот Будишчак му дава посебен шарм на филмот.
И ДА ПУКНЕ, НЕКА ПУКНЕ е првата професионална соработка на Грлиќ со Карановиќ како сценарист, веќе следната година во Белград ќе ја работат ТВ-серијата БОС В ТРЊЕ (Grlom u jagode) и таа нивна соработка ќе продолжи уште во десетина проекти. Интересно е што концептот филм во филм, кој кај Грлиќ е само во назнаки, Карановиќ ќе го развие во полнокрвна приказна во неговиот ЗА СЕГА БЕЗ ДОБАР НАСЛОВ (Za sada bez dobrog naslova) од 1988.

За И ДА ПУКНЕ, НЕКА ПУКНЕ Грлиќ ја доби наградата за најдобар млад режисер на Пулскиот фестивал во 1974.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 50 денари

3 јуни (ПОНЕДЕЛНИК), 21 ч
КАРАУЛА
(Karaula)
Игран филм, Хрватска / Македонија / Србија
2006, 94 мин., колор, 35 мм
Режија: Рајко Грлиќ (Rajko Grlić)
Сценарио: Рајко Грлиќ, Анте Томиќ (Rajko Grlić, Ante Tomić)
Улоги: Сергеј Трифуновиќ, Тони Гојановиќ, Емир Хаџихафизбеговиќ, Богдан Диклиќ, Верица Недеска, Игор Бенчина  (Sergej Trifunović, Toni Gojanović, Emir Hadžihafizbegović, Bogdan Diklić, Verica Nedeska, Igor Benčina)

Дејството на филмот се случува во 1987 година, на македонско-албанската граница, пред почеток на војната во бивша Југославија. Екипажот на една зафрлена караула не знае што се случува во земјата и влегува во трагикомични ситуации со локалното население од двете страни на границата. Постојано пијаниот и фрустриран поручник Сафет Пашиќ (Хаџихафизбеговиќ) заболува од сифилис и бара помош од единствениот доктор меѓу војниците, сплиќанецот Синиша Сиричевиќ (Гојановиќ). Поручникот, сакајќи да ја скрие својата болест, измислува напад на Албанците врз Југославија и го доведува целиот баталјон во воена психоза.

Синиша влегува во љубовна врска со Мирјана, сопругата на Пашиќ (Недеска), неговиот најдобар другар Љуба (Трифуновиќ) сака да ја напушти војската, па изјавува дека по повод Титовата штафета ќе трча од караулата на македонско-албанската граница до Куќата на цвеќето во Белград. Работите крајно се усложнуваат кога Љуба ќе се откаже од мисијата, што ќе доведе до отворен конфликт со поручникот Пашиќ… Говорејќи за не толку дамнешното минато без носталгија и омраза, КАРАУЛА е комедија за личностите што се наоѓаат на чекор од трагедијата.

КАРАУЛА е првиот филм по распадот на Југославија во чија продукција учествувале екипи од Србија, Македонија, Хрватска, Словенија и од Босна и Херцеговина. Филмот е снимен според романот на Анте Томиќ, „Ништо не смее да не изненади“ (Ništa nas ne smije iznenaditi), алузија на паролата за концептот на постојана будност на Народната одбрана на Југославија од можна агресија однадвор.

Според дел од филмските критичари, КАРАУЛА е врв во творечкиот опус на Грлиќ.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 50 денари

4 јуни (ВТОРНИК), 20 ч
УСТАВ НА РЕПУБЛИКА ХРВАТСКА
(Ustav Republike Hrvatske)
Игран филм, Хрватска / Чешка / Македонија / Словенија
2016, 93 мин., колор, ДЦП
Режија: Рајко Грлиќ (Rajko Grlić)
Сценарио: Рајко Грлиќ, Анте Томиќ (Rajko Grlić, Ante Tomić)
Улоги: Небојша Глоговац, Ксенија Маринковиќ, Дејан Аќимовиќ, Божидар Смиљаниќ (Nebojša Glogovac, Ksenija Marinković, Dejan Aćimović, Božidar Smiljanić)

Вјеко (Глоговац) е професор во средно училиште кој го посветил целиот свој живот на проучувањето на хрватската историја и јазик. Тој живее во простран, но запоставен стан во центарот на Загреб со својот стар татко Хрвоје (91). За време на Втората светска војна татко му бил усташки  офицер во хрватската фашистичка војска, а сега како тежок инвалид  шест години е врзан за креветот. Згора на сè, пред помалку од една година Вељко трагично ја загубил љубовта на својот живот, Бобо, виолончелист.

Во недостиг на животна радост и со самоубиствени мисли, единственото нешто во што Вељко ужива се прошетки во доцните ноќни часови . Тој талка низ празниот град, нападно нашминкан и облечен во женска облека. Една вечер група на млади луѓе го претепуваат, уринираат врз него и го оставаат да лежи во несвест на улица. Во болницата, Маја, медицинска сестра што живее во подрумот на зградата во која живее и Вељко, го препознава и се грижи за него. Маја му помага да се врати дома, таа почнува да се грижи не само за него туку и за неговиот неподвижен татко. Вељко се согласува да му помогне на нејзиниот маж, полицаецот Анте, во подготовката на испитот за хрватскиот устав. Анте има тешкотии во учењето, живее живот исполнет со страв дека ќе падне на испитот само поради фактот дека е Србин, иако го сменил роденото име. Почнува приказната за тројца многу различни луѓе, кои живеат во иста зграда и кои неочекувано и против своја волја се зависни едни од други.

УСТАВ НА РЕПУБЛИКА ХРВАТСКА е со поднаслов „Љубовен филм за омразата“. Иако доминира на фестивалот во Пула со четири награди, филмот предизвика големи полемики во хрватската јавност поради горливите теми што ги третира, во прв ред хомосексуалноста, транвестијата, национализмот и (нео)усташтвото. Ликот на Вјеко е една од последните улоги на одличниот актер Глоговац, кој почина неколку месеци по премиерата на филмот.
Филмот освои десетина награди на фестивалите во светот, меѓу кои и наградата за најдобар филм на фестивалот во Монтреал.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 50 денари

Култура

Концерт на Дуња Иванова на Врбјанска Чука во Пелагонија

Објавено пред

Со почеток во 18.30 часот, на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во Пелагонија, пијанистката Дуња Иванова ќе одржи концерт со делата на Стив Рајх, Филип Глас, Лудовико Еинауди и Јан Тирсен.

Овој настан е несекојдневна можност да се чујат современи класични композитори во археолошката сонда и првпат да се проткаат (пред)историските мистерии со репетитивните ритми и минималистичките есенцијални мелодии на пијаното.

Истражувањата на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во Пелагонија се одвиваат неколку години, а со оглед на тоа што во него пред сè се вршат ископувања, тој е посетуван и познат единствено за археолозите. Оттаму, ова ќе биде единствена можност и за пошироката јавност, која пред почетокот на концертот ќе биде запознаена со локалитетот и неговите највпечатливи обележја, со што ќе се навлезе и во неговата (пред)историја.

Локалитетот се наоѓа 1 км јужно од селото Славеј (на патот од Прилеп за Крушево) и до него може да се стигне со автомобил, велосипед, пеш или со параглајдер. До наоѓалиштето поминува патот од Славеј до Боротино, кој може да се користи за да се дојде до тумбата.

Организатори на овој настан и на истражувањата на Врбјанска Чука се Центарот за истражување на предисторијата, Форумот за авангардна креативност, Домот на културата „Марко Цепенков“, Институтот за старословенска култура, Заводот и Музеј – Прилеп и Музејот на РС Македонија.

Прикажи повеќе...

Култура

Јовица Ивановски со стихозбирката „Човек“ добитник на наградата „Браќа Миладиновци“

Објавено пред

Јовица Ивановски со стихозбирката „Човек“ е добитникот на годинашната награда „Браќа Миладиновци“, која ја доделува „Струшки вечери на поезијата“. Одлуката на жири-комисијата во состав Милован Стефановски, претседател, Лорета Георгиевска – Јаковлева, Тихомир Јанчовски, Лидија Капушевска – Дракулевска и Снежана Стојчевска, секретар, ја прочита Стефановски.

„Од петте збирки поезија кои влегоа во потесниот избор, по детална анализа и дискусија, комисијата едногласно ја додели наградата „Браќа Миладиновци“ на стихозбирката „Човек“ од Јовица Ивановски. Од дискусијата произлезе дека во најтесен избор влегуваат книгите „Стан што се распаѓа“ на Биљана Стојановска и „Човек“ на Јовица Ивановски. Сепак, преовлада мислењето дека збирката на Јовица Ивановски, со својата кохерентна структура, тематско-мотивски опсег, како и оригиналниот и автентичен израз – од книгите што конкурираа годинава – се издвои како најкомплетно остварување“, појасни Стефановски на пладневната прес-конференција во хотелот „Дрим“ во Струга, која се одржа во рамките на годинашното, 58-мо издание на „Струшки вечери на поезијата“, најстариот светски поетски фестивал што се одржува во континуитет.

„Најновата поетска книга на Јовица Ивановски е многу типична за поезијата на овој автор и ги содржи сите битни одлики по кои тој стана и е препознатлив: деметафоризираниот поетски јазик, импулсивноста, едноставниот израз, сериозноста проткаена со хумор, искреноста, (авто)иронијата и потсмевот. Во неговите стихови сите тие се менуваат и надополнуваат, сопостојат или зрачат симултано. Тие понекогаш ја прават оваа поезија противречна, но токму затоа особена, неповторлиав и интересна. Ставајќи ја нагласката на човекот, авторот ја промовира хуманоста и вистинските човекови вредности. Поезијата на Ивановски е обид за осмислување на бесмислата и за хуманизирање на дехуманизираниот свет“, се вели, меѓу другото, во одлуката на жири-комисијата.

По соопштувањето на победникот, во текот на денешниот, четврти ден од „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), учесниците – 32 поети од странство и 30 од земјава, попладнево ќе го посетат Охрид. По запознавањето со културно-историското наследство, учесниците на СВП, заедно со гостите, ќе присутвуваат на настанот „Поетски портет“ во чест на починатиот поет Матеја Матевски, по повод 90 годишнината од неговото раѓање. Настанот со почеток во 19 часот ќе се одржи во предворје на црквата „Света Софија“ во Охрид, а веднаш потоа, со почеток во 20.30 часот, во катедралната црква, традиционално, ќе се одржи поетскиот портрет на годинашната добитничка на највисоката фестивалска награда, „Златен венец“, Ана Бландијана.
Потоа четвртиот ден на годинашното фестивалско издание ќе продолжи во Струга точно на полноќ, кога во Центарот за култура ќе се одржи поетското читање „Ноќ без интерпункција“.

Прикажи повеќе...

Култура

Косаковски дојде на Македокс: „Не правете филмови ако можете да живеете без да правите филмови“

Објавено пред

Големиот руски, и според многумина најзначаен светски документарист, Виктор Косаковски, дојде на „Македокс“. Тој мошне брзо се вклопи во фестивалскиот амбиент во Куршумли-ан и по пристигнувањето присуствуваше на сесијата разговори „Под смоквата“.

Неговото доаѓање во Скопје е поврзано со два значајни пункта во програмата на 10.Македокс. Синоќа во киното „Милениум“ беше прикажан филмот „Акварела“ (Велика Британија, Германија/ 2018/ 89’), епска сага за борбата на човекот со природата. Реализиран со фантастична продукција и најсовремена дигитална резолуција, во филмот се појавуваат повеќе човечки ликови, но главниот протагонист е природата, односно огромното и моќно водно пространство на Гренланд. Тоа е филм кој остава без здив и кај човекот влева стравопочит кон природата.

Веднаш по проекцијата се одржа сесија на прашања и одговори со публиката. На прашање од публиката дали е поедноставно да се работи со човечки ликови или со природата? – Косаковски одговори:

„Мислите ли дека има воопшто уште нешто да се каже за луѓето? Зар не е доволно? Зар не кажавме сѐ што имавме да кажеме за нас? Искористивме сѐ што можевме, земаме сѐ што сакаме од природата и мислиме дека сѐ е наше и можеме да се однесуваме како што сакаме со неа. Треба само да погледнеме околу нас и ќе сфатиме дека има толку многу нешта за коишто може да се зборува, дека не сме важни само ние и нашите приказни. Изминатава година се продуцирани околу 11.000 филмови за човечки приказни. Зошто? Ајде да зборуваме и да твориме за тоа што не го знаеме. Не се врти сѐ околу нас и нашите идеи и емоции. Кога бев да снимам на Гренланд (Акварела) седев на еден ледник за којшто подоцна дознав дека е стар околу 22 илјади години. Мислам дека сите ние ќе исчезнеме. Не сакам тоа да се случи, ама мислам дека нема да го избегнеме тоа поради нашето однесување. Сите овде еден ден ќе се соочиме со крајот, а водата останува бесмртна. И тоа е добрата вест за сите нас“.

Вториот значаен пункт е мастер-класот што на 24 август, со почеток во 14 часот, го одржува во Даут Пашин Амам.

„Не правете филмови ако можете да живеете без да правите филмови“, вели првото од десетте правила за млади документаристи на Косаковски. Како предавач, тој ќе зборува за своите принципи при креацијата на своите синеастички дела и ќе ги претстави своите документарци не само од позиција на режисер, туку и како сценарист, снимател и монтажер. Сепак, потенцира дека не треба да се очекува готов рецепт за успешно правење филмови, бидејќи најмногу ќе зборува за последното од десетте правила: „Не следете ги моите правила. Направете си свои правила“.

 

Прикажи повеќе...

Најново

Топ23 минути

Ресенчанец со фалц диплома станал полицаец, се запишал на факултет и го унапредиле во инспектор

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.Ш.(38) од село Асамати, Ресенско, поради „фалсификување исправа“, казниво по член 378 став1 од...

Свет44 минути

Трамп размислува да ја повика Русија на следниот Самит Г7

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во Бијариц дека е „можно“ тој да ја покани Русија да се врати на годишниот...

Свет1 час

НАСА објави вознемирувачки снимки од пожарите кои ги уништуваат ,,белите дробови” на светот

Вознемирувачки сателитски снимки на НАСА од вселената укажуваат на огромниот размер на пожарите што ја зафатија Амазонија која се нарекува...

Топ2 часа

Пожар во селото Опеница, чадот се шири накај Охрид

Пожар од вчера попладне го зафати селото Опеница, кое се наоѓа на 8 километри од Охрид, а силниот чад се...

Европа3 часа

Уапсени 68 учесници на протестот против Самитот Г7 во Франција

Француските власти соопштија дека уапсиле 68 лица кои учествувале на напнатиот протест во близина на Бијариц, каде се одржува самитот...

Регион3 часа

Вучиќ: Пред Србија е тешка есен и компликувана зима

Српскиот претседател Александар Вучиќ за ТВ Пинк изјави дека не може да ги толкува или да зборува за важноста на...

Спорт3 часа

Ѓоковиќ: Мојата сопруга е помоќна од мене – секогаш пишува нешто

Новак Ѓоковиќ во ново интервју пред САД опен во Њујорк, последниот гренд слем од сезоната, се отвори за својот личен...

Македонија3 часа

Прв рок за упис на скопскиот универзитет на 29 и 30 август

Првиот рок за упис во прва година додипломски студии во учебната 2019/2020 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје е...

Спорт4 часа

Ковалев го „здроби“ Јарди во 11. рунда, сега го сака Канело (видео)

Шампионот Сергеј Ковалев го „уништи“ британскиот предизвикувач Ентони Јарди со нокаут во 11. рунда од нивниот меч за ВБО титулата...

Свет16 часа

Над 1 600 нови пожари во Амазонија, на терен испратени 44 илјади војници

Над 1 600 нови пожари продолжуваат да ја уништуваат Амазонската прашума, поради што на тарен се испратени авиони како и...

Македонија18 часа

ЗНМ и СЕММ бараат медиумите да се држат до професионалните стандарди, а политичарите да се воздржат од тужби

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) сметаат дека јавните функционери треба...

Македонија19 часа

(Видео) Заев се надева дека со опозицијата консензуално ќе го донесат законот за јавно обвинителство

Премиерот Зоран Заев денеска во Општина Новаци, на настанот по повод увидот на напредокот на работите на магистралниот гасовод Неготино...

Свет19 часа

Во пожар на Алјаска изгореа 51 куќа и три згради

Шумски пожар којшто гори северно од Анкорејџ, Алјаска, уништи 51 куќа и три деловни згради, соопштија властите. Уништени се и...

Европа19 часа

Макрон апелираше за помош за сузбивање на пожарите во Амазонија

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави денеска пред почетокот на самитот на Г7 во Бијариц дека ги повикува сите светски сили...

Македонија22 часа

(Видео) Заев ќе тужи за клевета по објавата на записникот за случајот „Рекет“

Премиерот Зоран Заев денеска oд Прилеп најави тужба за клевета, повикувајќи го обвинителството да ја потврди веродостојноста на записникот кој...

Регион23 часа

Во Словенија просечната плата изнесува 1.108 евра

Просечната нето плата во Словенија во јуни 2019 година била 1.107,96 евра, што е за 0,8 проценти пониска од просечната...

Македонија1 ден

Обвинителството ќе утврдува како документи од „Рекет“ протекле во јавноста

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција најостро го осудува објавувањето на нелегално добиени документи од истрагата...

Македонија1 ден

Германски државјанин што се барал со потерница, живеел со лажен идентитет на Попова Шапка

Педесет и петгодишен Германец кој германската полиција го бара за набавка на 700 килограми кокаин деновиве бил приведен во земјава....

Македонија1 ден

Еден мигрант загина, а 12 се повредени во несреќата кај Демир Капија, возачот побегнал

Едно лице од Бангладеш почина, а 12 други се повредени во сообраќајната несреќа што се случи синоќа на автопатот Демир...

Македонија1 ден

Владејачката партија најавува за 5 отсто повисоки плати во образованието од септември

Платите во основното, средното и високото образование, како и кај јавните високообразовани установи растат за 5 отсто, почнувајќи од исплатата...

Досие