Култура
Онлајн-дискусија со Вангел Ноневски за семантичките аспекти во потеклото на хип-хоп ремиксот
КСП Центар – Јадро најавува онлајн-дискусија со Вангел Ноневски за семантичките аспекти во потеклото на хип-хоп ремиксот, која ќе се одржи денес со почеток од 18 часот.
Од појавата на дадаизмот повеќето современи уметности се проткаени со духот на директна и/или индиректна медијација. Имено, уметничките дела денес претставуваат колажи или рециклирани производи на постојни дела. Во овој поглед пронаоѓањето на грамофонот има клучна и незаменлива улога во однос на хип-хоп/ремикс-културата. Кредото на ремикс-културата – да се создаде нешто ново од постојното – стана парадигма на денешната музичка сцена. Сепак, поминаа неколку децении откако глобалната култура ја загуби вербата во потрагата по новото, без оглед дали тоа се бараше во уметноста, забавната индустрија или музиката. Воопшто не треба да жалиме по загубата на таа вера. Верата во новото е вера во суверениот автор бог и во концептот на комплетно и завршено уметничко дело. Суверениот автор, кој во предмодерниот период беше идентификуван како носител на неспорното семантичко значење на уметничкото дело, е изгубен во процесот на ремиксувањето. Штом некое дело е подложно на репродукција, тоа значи дека е лишено од неговиот автор како единствен деноминирачки фактор на семантичка резонанција. И тука настапува DJ-от, кој миксува и манипулира со композиции, со што тој го заменува авторот како семантички атрибут-фактор, а тој однос уште повеќе се демократизира и либерализира кога забележуваме дека DJ-ите миксуваат музика според реакциите на посетителите на забавите во дискотеките. Според тоа, семантичкото значење на современото музичко (хип-хоп) дело станува проширено и подложно на потенцијално бесконечна (ре)контекстуализација.
Вангел Ноневски е роден 1977 година во Белград. Дипломирал, магистрирал и докторирал на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје. За време на студиите повеќе од една година работел како водител во македонското радио „Канал 103“. Досега има издадено три авторски книги: „Музички бриколаж“ (2003 година, „Магор“), „Грамофонот како метаинструмент: од механичка репродукција до ремикс-култура“ (2014 година, „Аксиома“) и „Киборшка естетика: ремикс-апропријација на уметноста“ (2018 година, „Аксиома“); и приредено еден зборник: „Грамофонот како метаинструмент“ (2014 година, „Аксиома“). Неговите интереси и активности се од областите на културата и студиите на ремиксот (од Марсел Дишан,= преку Grandmaster Flash до дигитално-вмреженото село); естетиката и интердисциплинарните студии на интерактивните уметности (од конструираното искуство до еманципацијата и назад); модерната и современата уметност и нејзиниот однос кон семиологијата (од Бенјамин до Дерида и отаде); културните студии (истражувања засновани на филозофијата, современата популарна култура и медиологијата); теоријата на модерната архитектура и јавниот простор; и сè она што влегува во пукнатините меѓу нив… што и да е тоа. Од 2012 до 2018 година бил професор на Универзитетот „Евробалкан“ во Скопје, а од 2015 до 2018 година визитинг-професор на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје. Од 2018 година работи како вонреден професор на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, каде што предава естетика, филозофија на културата и филозофска антропологија. На Архитектонскиот факултет во Скопје е визитинг-професор на предметот естетика.
Дискусијата ќе ја модерира Ѓорги Пулевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Излезе од печат стихозбирката „Гороцвети“ од Зора Златева
Книжевниот трезор во Охрид е побогат за уште една стихозбирка.
Деновиве во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“Охрид излезе од печат третата стихозбирка „Гороцвети“ од роднокрајната авторка Зора Златева.
Над триесетте песни и уште петнаесеттината минијатури се потврда за творечкиот и стилски растеж на поетесата Златева и се огледало на нејзиниот хабитус и ракурс на животот.
Дел од песните се лична експресија запишана на хартијата а останатите се собирани духовни приказни од околината и нечии судбини кои биле доволно инспиративни за авторката за таа да ги преточи во песни.
Претходно Златева во 2022 ја издаде стихозбирката „Блесок“ и две години подоцна „Сон“ а со свои песни е често застапена во збирки поезија издадени во Охрид и низ целата држава.
„Гороцвети“ веќе можете да ја зајмите во Библиотеката во Охрид.
Култура
Македонскиот народен театар со разнолик репертоар- од сценски спектакл, преку драми, до стендап
Македонскиот народен театар, 2026 година ја започнува со силен уметнички интензитет и разновидна театарска програма. Првиот месец во годината носи богат репертоар, кој опфаќа сценски спектакли, современи и класични драми и стендап-изведби на големата и малата сцена.
Програмата започнува на 15 и 16 јануари со големиот сценски спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“. Поради големиот интерес на публиката, двете изведби се целосно распродадени.

На 17 јануари, публиката ќе има можност да избере: драмската претстава „Бели ноќи“ на малата сцена, со почеток во 20 часот и стендап-настапот на Сашко Коцев „Широк дијафазон“, кој ќе се одржи на големата сцена со почеток во 20:30 часот.
Репертоарот продолжува на 20 јануари со претставата „Народен пратеник“, а на 21 јануари следува монодрамата „Торонто експрес“. На 22 јануари ќе биде изведена драмата „Варвари“, а на 23 јануари на репертоарот е претставата „Кец на десетка“.

На 24 јануари, големата сцена е резервирана за претставата „Бог на колежот“, со почеток во 20 часот, а истата вечер, на малата сцена во 21 часот, ќе се одржи новогодишното стендап-шоу „На терапија“ со Александар и Антонио.

На 26 јануари на репертоарот е „Мој термин“, а на 28 и 29 јануари се изведбите на претставата „12“.
Јануарската програма ќе биде заокружена на 30 јануари со претставата „Марта Верна“ и на 31 јануари со „Замисли нов свет“.
Култура
Балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ на 23 јануари во Националната опера и балет
Балетскиот спектакл во два чина „Госпоѓа Бовари“ ќе се изведе на 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет.
На 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер.
Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.
Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.
Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз, Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство.

