Култура
Операта „Турандот“ од Џакомо Пучини во Националната опера и Балет
Операта „Турандот“ од Џакомо Пучини ќе биде изведена на 13 октомври 2023 со почеток 20 часот во Националната опера и Балет. Спектакуларната продукција на епската бајка на еден од најславните и најбарани оперски режисери на денешницата, Џанкарло дел Монако, повторно на сцената на Националната опера и Балет. Македонската публика повеќе од десет години неуморно го исполнува гледалиштето при секоја најава на овој наслов.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата, сценографијата и костимографијата се на Џанкарло дел Монако, а под кореографијата се потпишува Саша Евтимова, концерт-мајстор: Верица Ламбевска, хор-мајстор: Јасмина Ѓорѓеска.
Настапува врвна домашна солистичка екипа: Весна Ѓиновска-Илкова, Ѓорѓи Цуцковски, Сандра Митровска, Владимир Саздовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Дејан Стоев, Диме Петров, Марјан Николовски, хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и Балет.
„Турандот“ е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, а базирана на адаптацијата на Фридрих Шилер на драмата „Турандот“ од Карло Гоци. Пучини умира недовршувајќи ја операта, која подоцна е завршена од Франко Алфано. Одликувајќи се со невообичаен музички материјал, во кој предничи иновативната употреба на хорот и оркестарот, стилот на Пучини во ова оперско дело е особено препознатлив во широките експресивни мелодии. „Турандот“ изобилува со моменти на восхитувачка мелодиска убавина, која особено доаѓа до израз во незаборавната тенорска арија, една од најубавите во оперската литература, „Никој не спие“ (Nessun dorma).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

