Култура
Оскаровци, врвни автори, македонски филмови: „Браќа Манаки“ и Битола една недела ќе бидат центарот на филмски случувања
По 46- ти пат „Браќа Манаки“ ќе ја отвори својата врата за светлината на камерата. Овој фестивал е повеќе од традиција, тој е жив организам, пулс на едно општество што сака да биде витално, храбро и отворено за промена, вели организаторот.
-Целосно подготвени и возбудени го започнуваме 46. издание на првиот и најстар фестивал на филмска камера во светот, во полн сјај. „Браќа Манаки“ и Битола, една недела ќе бидат центарот на филмски случувања во светот. Ќе пречекаме великани, оскаровци, врвни автори како Дариус Конџи, Воли Фистер, Семи Капланоглу, нашите лауреати. Тие ќе одржат мастеркласови, ќе престојуваат во Битола и ќе се дружат со нас за време на фестивалот, рече денеска на прес конференцијата во Битола, директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски.
Во главната програма не очекуваат филмови што доаѓаат од храмовите на светскиот филм Кан, Венеција, Берлин- и кои носат со себе свежина во визуелниот јазик, естетска извонредност и авторска совест што зборува за времето во кое живееме.
-Оваа година имаме огромна бројка на акредитирани гости кои ќе присуствуваат во Битола за време на целиот фестивал. Исклучителен избор на филмови од официјалните програми. Имаме филмски ремек- дела кои се дел од специјалните проекции. Исклучителни гости кои ќе бидат дел од работилниците,, предавањата и панелите на кои ќе говорат докажани и еминентни автори, рече Доксевски.
Фестивалот ја враќа и програмата Макпоинт, зошто македонската продукција заслужува да биде гледана и препознаена.
-Макпоинт програмата има одлични македонски филмови кои публиката ќе може да ги гледа под отворено небо на платото пред Офицерскиот дом во Битола. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на целата логистика и помош од Битола. На директорите на Центарот за култура-Битола, Кино Манаки, Офицерскиот дом и сите вработени. Со овие институции договоривме за време на фестивалот за сите проекции на филмовте студентите да имаат 50 % попуст, со цел младите да можат да проследат што повеќе филмови за време на фестивалот. Да сонуваме филмски наредниве седум дена и да уживаме во еден од најубавите фестивали, нашиот „Браќа Манаки“, рече Доксевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонски уметници учествуваа на ликовната колонија во Корча
Во периодот од 28 октомври до 1 ноември 2025 година, во градот Корча, Албанија, се одржа Ликовната колонија „Visual Artists Colony – Korce2025“, поддржана од Western Balkans Fund. Настанот беше организиран во соработка меѓу неколку партнери од регионот, меѓу кои и македонската невладина организација Интеркултура, која беше еден од коорганизаторите на оваа иницијатива.
Во рамки на колонијата учество земаа шест уметници од Македонија, познати по своето богато уметничко искуство и препознатлив авторски израз. Заедно со колеги од цела Европа, тие работеа на создавање нови дела инспирирани од потребата за мир, заедништво и меѓусебно разбирање во Западен Балкан, како и од културното наследство и природата на Корча.
Програмата на колонијата опфати посети на музејот „Gjon Mili“ и Музејот на средновековна уметност, демонстрации на сликање на голем канвас во живо во West Park, како и отворени креативни сесии во Стариот базар и културно-историските локалитети на градот.
Кулминацијата на колонијата беше изложбата на уметничките дела во Галеријата на Градската библиотека во Корча, заедно со делата од меѓународниот симпозиум „Days of Mio“. Настанот претставуваше прослава на уметноста, регионалната соработка и културната размена меѓу уметниците од Западен Балкан.
Култура
(Видео) До понеделник е гласањето за „Силјан“ за престижната „Cinema eye honors audience award“
Ексклузивно, еден од водечките светски филмски медиуми, IndieWire, го објави новиот трејлер за филмот, опишувајќи го како „најубавиот документарец на годината“ и ги повика гледачите од целиот свет да гласаат за него во рамки на престижната награда Cinema Eye Honors Audience Choice Award.
Линк за гласање: https://cinemaeyehonors.com/audience-choice-voting/
Меѓународен успех и признанија
Филмот ја имаше својата светска премиера на Филмскиот фестивал во Венеција 2025 година, каде што доби извонредни критики и беше наречен „триумф“ и „чудо над чудата“. „Приказната за Силијан“ се издвојува како едно од најзначајните документарни остварувања во пресрет на оскаровската сезона, а наскоро ќе биде прикажан во киносалите низ светот под дистрибуција на National Geographic.
Критичарите за филмот
Познатиот филмски критичар Кристијан Блауелт во својата рецензија за IndieWire напиша: „Приказната за Силијан е без сомнение најубавиот документарен филм на годината. Внимателно изработен, човечен и поетски приказ на односот меѓу еден постар човек и штркот кој му станува пријател и спасител.“ Филмот ја следи приказната за Никола, човек кој се обидува да ја одржи семејната фарма откако неговото семејство заминува во потрага по посигурна егзистенција. Во момент на осаменост, штркот кој случајно се појавува му станува придружник, пријател и симбол на надеж. Приказната е вистинита и неодоливо потсетува на старата македонска народна легенда за залутаниот син кој се враќа кај својот татко откако се претвора во штрк.
Процесот на создавање
Режисерката Тамара Котевска ја следи семејната приказна на Никола повеќе од година и пол пред да се појави штркот. Првично планира да сними документарен филм за последиците на конзумеризмот и глобализацијата врз миграциите, кај луѓето и кај нејзините омилени штркови. Но, животот на ова семејство неочекувано почнал да ја пресликува уметноста, претворајќи ја нивната реалност во современ мит за поврзаноста меѓу човекот и природата. Резултатот е поетско и длабоко човечко сведоштво за вечноста и за тоа како древните митови содржат вистини што остануваат значајни низ вековите.
Кампања за Оскар и американска турнеја
Тамара Котевска во моментов е на американска турнеја во рамките на кампањата за Оскар, а пред неколку дена настапи меѓу режисерите на десетте најдобри документарни филмови на годината во престижната селекција на The Hollywood Reporter на фестивалот во Савана, Вирџинија. Турата продолжува, а јавноста ќе има можност да ја следи преку медиумите и официјалните канали на филмот.
Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ со белгиска премиера во Бриж
Анимираната научно-фантастична комедија „Јон Вардар против Галаксијата“ на Гоце Цветановски денес има белгиска премиера на Razor Reel Flanders Film Festival во Бриж. Фестивалот е дел од Мелиес организацијата — европска мрежа на филмски фестивали посветени на фантастичниот филм, именувана по пионерот на кинематографијата Жорж Мелиес, француски режисер кој уште на почетокот на 20 век ги постави темелите на филмската фантазија и специјалните ефекти со класични дела како „Патување на Месечината“ (1902).
![]()
Основан во 2008 година, Razor Reel е препознатлив по својата посветеност на фантастиката, хоророт, анимацијата и независниот филм, промовирајќи авторски дела што ги поместуваат границите на жанрот.
Режисерот Гоце Цветановски вели: „Октомври беше многу активен за Јон Вардар: имавме десет фестивалски прикажувања, меѓу кои премиери во Тајван, Австралија, Турција, Канада, Германија, и мило ми е што ритамот не успорува ни во ноември. Наскоро ќе објавиме уште возбудливи новости.“
Филмот е во сценарио и режија на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.

