Култура
Осум филмови ќе бидат прикажани во МКЦ и Кинотека во рамки на фестивалот „Македокс“

Филмската програма на 11. Фестивал на креативен документарен филм „Македокс“ почна на 19 август со проекции во Парк МКЦ и во Кинотеката на РСМ.
Во летното кино на Кинотеката се одржаа проекцијата на краткиот документарен филм „Бинокл“ на Мила Жлутенко и долгометражниот документарец „Зборувај за да те видам“ на Маја Стојниќ. Во Парк МКЦ беше прикажан краткиот документарец „Премин“ на Отавио Алмеида, додека проекцијата на „Спиењето на Макс Рихтер“ на Натали Џонс беше прекината поради временските услови. Публиката беше подготвена да гледа филм и на дожд, но техниката едноставно не може да функционира во такви услови. Фестивалот нема можности за реприза на филмовите, бидејќи годинава функционира без објектот Куршумли ан, и затоа филмот ќе може да се гледа онлајн на платформата „Синесквер“, на која посетителите треба да се регистрираат и да креираат свој профил преку сајтот на „Македокс“.
Вториот фестивалски ден носи двојна програма, а ќе бидат прикажани вкупно осум, четири кратки и четири долгометражни, филмови на двете локации. Со филмот „Кога прашината ќе слегне“ на Џон Апел почнува програмата Земја во фокус – Холандија, во чии рамки ќе бидат прикажани уште шест филмови.
„Моите филмови ги градам врз основа на темелно истражување и интуиција. Дури истражувам, не барам само факти, туку ја барам и ранливоста на луѓето, тоа е таканареченото емотивно истражување“, вели режисерот и снимател Џон Апел, кој зад себе има повеќе од 40 документарни остварувања за кино и телевизија. Во 1999 година неговиот „Андре Хазес – таа верува во мене“ не само што го отвори Меѓународниот фестивал на документарни филмови во Амстердам (ИДФА), туку и се закити со наградата за најдобар долгометражен документарец, по што станува најгледаниот документарен филм во Холандија во последните шеесетина години.
Филмографијата на Апел брои низа наградувани филмови: „Последната победа“ (2003), „Коцкар“ (2009), „Погрешно време, погрешно место“ (2012), „Гласот на Холанд“ (2018) и „Кога прашината ќе слегне“ (2019). Сите носат приказни за обични луѓе и осамени херои, за меланхолијата, спомените, смртта и утехата што го бојат секојдневниот живот.
На годинашниот „Македокс“ Џон Апел ќе одржи мастерклас на 22 август, од 11 до 13 часот, кој ќе се одвива онлајн и ќе може да се проследи преку платформата „Зум“.
Фестивалот „Македокс“ е поддржан од програмата МЕДИА на Креативна Европа, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Кралството Холандија, Град Скопје, Амбасадата на Република Чешка во Софија. Пријатели фестивалот се Музеј на РСМ и Археолошкиот музеј.
Коорганизатори на 11. „Македокс“ се МКЦ и Кинотека на РСМ. Партнери на „Македокс“ се „Петра Пан филм продукција“ и „Кино Култура“.
Медиумски покровители на Македокс 2020 се: МТВ – Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Плус Инфо, СДК.мк, МКД.мк, Офф.нет, Окно, Е-магазин, Плагиј.ат, Его, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Музичко радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Гледај.мк, Лице в лице, Види Вака и Поп ап.
Билети за проекциите во он-лајн продажба може да се набават преку мрежата mktickets.mk.
Проекциите и настаните на отворен простор се организираат согласно протоколите за заштита од коронавирусот Ковид-19:
– задолжително носење заштитна маска за време на целиот настан
– мерење температура при влезот во фестивалските простори
– одржување растојание од 1,5-2 метри
– дезинфекција на рацете пред и по одржувањето на проекциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Пеколот е мало место“ – нова стихозбирка од Тихомир Јанчовски

Поетот Тихомир Јанчовски, во поетската едиција на Книгоиздателството Макавеј го објави новиот поетски ракопис со наслов „Пеколот е мало место“, којшто на интересен начин се надоврзува на неговиот претходен поетски опус.
Новата стихозбирка на Јанчоски донесува педесетина нови песни и е поделена на циклусите „Обиди се да сфатиш“, „Годините врват“, „Секогаш од љубов“ и „Куќа за птици.
Оваа нова поетска објава на Јанчовски е проследена со поговор на авторот Душко Крстевски, кој, меѓу другото, со своите оценки поентира:
– Збирката поезија „Пеколот е мало место“ од Тихомир Јанчовски претставува општествена критика, егзистенцијална размисла како и нуркање и истражување на човековите емоции. Секоја песна одекнува со чувство на итност и длабока интроспекција од страна на поетот, одразувајќи ја сложеноста на човековата состојба во свет полн со очај и разочарување.
За потсетување, македонскиот поет, професор, преведувач и колумнист Тихомир Јанчовски завршил општа и компаративна книжевност на УКИМ има објавено петнаесет книги поезија, три романи, две книги за деца и една книга колумни.
Култура
Изведбата на моќното ремек-дело „Набуко“ од Џузепе Верди во рамките на 53. издание на Мајските оперски вечери

Моќното ремек-дело од Џузепе Верди, операта „Набуко“ ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 19 мај со почеток во 20.00 часот во рамките на 53. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“. Операта ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Грција, Мирон Михаилидис, режијата е на Ренато Бонајуто (Италија), сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а светло дизајн, Милчо Александров.
Насловната улога (Набуко) ќе ја толкува, Луис Кансино од Шпанија, во улогата на Абигаиле ќе настапи Ханјинг Цо од Кина, Николина Јаневска ќе ја толкува улогата на Фенена, Уго Тарквини (Италија) ќе настапи како Исмаил, а во улогата на Захарие ќе настапи Џовани Пароди (Италија), во останатите улоги ќе настапат Диме Петров, Ана Ројдева, Дејан Стоев, хорот, оркестарот, балетскиот ансамбл на Националната опера и балет и ученици при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.
„Набуко“е лирско-драматична опера во четири чина, едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди и е омилено кај публиката. Својата праизведба оваа опера ја имала во 1842 година во Миланска Скала. Тоа е третата опера на Верди за која што се смета дека трајно ја воспоставила неговата репутација како композитор. Темата на операта е тешката историја на еврејскиот народ, нападнати и поразени, протерани од својата татковина, иако историските настани се користат само како позадина на романтичниот и политички заплет. Верди во една ноќ ја напишал надалеку познатата хорска арија која станала драматуршки и музички столб на делото „Va, pensiero, sull’ali dorate“ („Летај на златести крилја”).
Култура
Објавен првиот том на Правописно-нормативниот речник на македонскиот стандарден јазик

Во издание на „Бата прес“ објавен е првиот том на Правописно-нормативниот речник на македонскиот стандарден јазик, на кој автори и редактори се осум универзитетски професори. Објавувањето на речникот е поддржано од Министерството за култура како проект од национален интерес за 2024 година.
Својата прва промоција речникот ќе ја има на годинешниот Саем на книгата во арената „Борис Трајковски“, на штандот на издавачот, во вторник, во 11.30 часот. Речникот ќе го претстават рецензентката проф. д-р Весна Костовска и авторката редактор проф. д-р Елизабета Бандиловска.
Во првиот том се поместени зборовите од буквата А до буквата Ж, а авторите (универзитетските професори) и соработниците постојано работаат, така што во наредните изданија ќе бидат обработени зборовите до буквата Ш, и правописно-нормативниот речник како плод на повеќегодишен труд ќе биде комплетиран.
Овој капитален лексикографски зафат се надоврзува на повеќето изданија од овој вид, почнувајќи првиот македонски правописен прирачник Македонски правопис со правописен речник од Блаже Конески и Крум Тошев (1950) до Правопис на македонскиот јазик во издание на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и издавачката куќа „Култура“ (2015 и 2017 година).
Автори и редактори на изданието се: Лидија Аризанковска, Елизабета Бандиловска, Снежана Велковска, Виолета Јанушева, Елена Јованова-Грујовска, Искра Пановска-Димкова, Симон Саздов, Људмил Спасов.
Соработници на проектот се Марија Антевска, Филип Белчев и Македонка Додевска.