Култура
Отворен е повикот за наградите на МАИ за 2024 година

Македонската асоцијација на издавачи го распишува осмиот по ред конкурс за наградите на МАИ за најдобри достигнувања во издаваштвото во периодот меѓу двата саема на книгата.
Осма година по ред Македонската асоцијација на издавачите (МАИ) за време на Саемот на книгата ќе ги додели наградите на МАИ. На Саемот на книгата, кој ќе се одржи од 18 до 24 овој месец, МАИ ќе додели признанија за најдобрите изданија, автори и издавачки проекти, кои го одбележаа периодот од саемот минатата година до годинешниот саем (мај 2023 – април 2024 година).
„Поканата за учество на конкурсот за наградите на МАИ е отворена за сите издавачи од РС Македонија, кои може да конкурираат со своите најдобри изданија, автори и проекти во следниве категории: (1) Признание за најдобра едиција; (2) Признание за најдобар дизајн на корица; (3) Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание; (4) Признание за најдобра книга за деца; (5) Признание за автор на годината; (6) Признание за најкреативно издание; (7) Признание за поттикнување на општествена одговорност и (8) Специјално признание за промотор на читачката култура.
И оваа година МАИ сака да оддаде признание на издавачите и уметниците (писатели, графички дизајнери, илустратори…), кои од ланскиот саем до овој успеале да создадат единствени и оригинални дела, преку кои се подигнува нивото на издаваштвото и културата во нашата земја.
Македонската асоцијација на издавачите со наградите на МАИ и оваа година сака да им оддаде признание на оние што оствариле највисоки уметнички, креативни и културни резултати во сферата на издаваштвото, како и патоказ на читателите за најзначајните книги од изминатата година што треба да ги имаат во своите библиотеки“, вели Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачите.
За наградите на МАИ ќе одлучува независна жири-комисија, оваа година составена од три членки, истакнати професионалки во сферата на книжевноста и на графичкиот дизајн:
· Николина Андова-Шопова, писателка, добитничка на наградата „Роман на годината“
· Биљана Стојановска, поетеса и новинарка
· Ива Јованова, графичка дизајнерка
Издавачите што сакаат да конкурираат документот за апликација може да го побараат на електронската пошта [email protected].
Крајниот рок за испраќање на апликациите е 10 април 2023 година, а свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 19 април во рамките на Саемот на книгата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.