Култура
Отворен повикот за учество на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија 2021“
Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ повторно во живо. По минатогодишното онлајн-издание, деветтото издание на „Џифони Македонија“ ќе се одржи од 7 до 12 октомри во Скопје на добро познатите локации: во Кинотеката, во Младинскиот културен центар и во киното „Милениум“. Веќе неколку дена е објавен повикот со кој се повикуваат сите ученици од средните и од основните училишта да се пријават за учество во меѓународното жири.
Во намален број поради протоколите за безбедност, околу 180 ученици од основните и средните училишта од градот заедно ќе гледаат филмови и ќе учествуваат на креативни работилници, мастер-класи и други интересни содржини.
За учесниците од странство и од другите градови во Македонија ќе биде обезбедена видеоконекција преку која ќе им се приклучат на своите врсници во активностите.
Пријавувањето е отворено до 4 октомври (понеделник).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
На премиерата присуствуваше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која оцени дека филмот е моќна приказна за семејството, односот меѓу човекот и природата и борбата за достоинствен живот, додавајќи дека делото добива особена тежина пред домашната публика.
„Честитки за Тамара Котевска и целата филмска екипа за достоинствената промоција на високите македонски филмски вредности. Добивме вредно филмско остварување, коешто верувам дека ќе биде инспирација за идни успеси!“, порача Давкова.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека филмот уште еднаш потврдува оти македонската кинематографија има глас што одекнува надвор од државните граници, опишувајќи го остварувањето како „светско, а наше“.
„Вечерва имав чест да присуствувам на филмот „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска дело кое уште еднаш потврдува дека македонската кинематографија има глас што одекнува далеку надвор од нашите граници, светско, а наше! Филм што допира од Скопје до Њујорк, од Скопје до Лондон. Искрени честитки за брилијантното остварување и надеж дека ова е само еден од многуте идни успеси со кои ќе се гордееме“, порача Мицкоски.
Министерот за култура Зоран Љутков нагласи дека филмот претставува тивко, но длабоко емотивно филмско патување и потсети дека својата светска фестивалска авантура ја започнал во Венеција, каде освоил престижна награда, по што бил прикажуван на фестивали ширум светот и откупен од „Нешнал географик“.
„Приказната за Силјан“ е филм за издржливоста, грижата и малите дела што менуваат животи. Во фокусот е земјоделецот Никола, кој пронаоѓа ранет бел штрк и решава да му помогне, а нивниот однос прераснува во врска што му ја враќа смислата на животот, ги обновува заедничките врски и го оживува односот кон природата.
Филмот беше македонски кандидат во трката за Оскарите.
Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ со почесна награда за визуелна имагинација во Кина
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ доби меѓународно признание во Кина, каде што беше одликуван со Почесна награда за Визуелна Имагинација во главната натпреварувачка селекција на Blue Planet Sci-Fi Film Festival.
Наградата ја доделува Организацискиот комитет на фестивалот и претставува признание за исклучителниот визуелен концепт и иновативниот пристап во градењето на изгледот на филмот. Blue Planet Sci-Fi Film Festival е меѓународен фестивал специјализиран за научна фантастика, со фокус на нови визуелни јазици, авторски израз и технолошки иновации во филмот и анимацијата.
Посебен придонес во визуелниот идентитет на филмот има арт директорот Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, еден од најпрепознатливите македонски илустратори. Тхе Мичо е познат по својот уникатен стил кој често комбинира хумор и карикатурална динамика на ликовите, а неговите дела се изложувани и присутни во бројни меѓународни проекти и фестивали.
Режисерот и сценарист на филмот, Гоце Цветановски, изјави дека визуелниот пристап бил клучен уште од најраната фаза на развојот на проектот:
„Во овој филм свесно експериментиравме со различни анимациски техники. Нашата цел беше да ги приближиме 2D и 3D технологијата и да создадеме свет во кој коегзистираат повеќе визуелни естетики. Користењето на различни стилови беше планирано уште при самото пишување на сценариото, како дел од карактеризацијата на световите и ликовите.“
Ова е седма меѓународна награда за „Јон Вардар против Галаксијата“, кој досега беше прикажан на преку 40 фестивали.
Сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.
Култура
Македонска премиера на филмот „Приказната за Силјан“ од Тамара Котевска
За денеска е закажана македонската премиера на документарниот филм „Приказната за Силјан“ од режисерката Тамара Котевска. Премиерата на македонскиот кандидат за Оскар ќе се одржи во Македонскиот народен театар од 20:30 часот.
На премиерата пред домашната публика, најавено е присуство на целата филмска екипа која работеше на еден од најдобрите документарни филмови во македонската кинематографија.
Доказ за тоа се наградите што ги пронижа филмот на меѓународните фестивали и откупувањето на филмот од страна на National Geographic. Филмот досега доби голем број значајни и релевантни награди и номинации на фестивалот во Венеција, NYDOC, IDA, Spirit, PGA Award, Eye Cinema Audience Award и други.
„Приказната за Силјан” е филм за издржливоста, грижата и малите дела кои менуваат животи. Земјоделецот Николa случајно наоѓа ранет бел штрк на депонија и решава да му помогне. Нивниот кревок, полека граден однос со доверба се претвора во спасоносна врска која му ја враќа смислата на Никола, ги обновува врските со заедницата и ги буди старите преданија и односот кон природата.

