Култура
„Оф фест“ се откажа од организација на фестивалот поради скратените средства од Култура, Ласкова ги враќа за да има мир
Фолк-пејачката Цветанка Ласкова побарала организаторот да не ги зема 300.000 денари од Министерството за култура со цел организација на концерт. Истовремено, организаторите на „Оф фест“ се откажаа од организација на годинешното издание на фестивалот за кој добија нешто над 1 милион денари со образложение дека парите се недоволни. Министерството за култура засега не излегло со став дали дополнително ќе се провери доделувањето на парите за културни проекти.
„Доделените милион денари за ‘Оф фест’, скратени на половина од минатогодишната сума, не овозможуваат ни најминимални финансиски услови за одржување на фестивалот. За жал, по 21-годишна убава фестивалска традиција, не ни останува друг избор“, велат од установата за уметнички дејности „Скопски џез-фестивал“.
Тие не се изненадени од министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, со оглед на нејзината изјава дека културните проекти во иднина ќе мора да водат повеќе сметка за својот „забавен карактер“.
„Ако во конкретниот случај на министерката не ѝ се познати долгогодишниот програмски растеж и континуираниот висок квалитет на фестивалите, како ‘Оф фест’ и ‘Скопскиот џез-фестивал“, јасно признаени кај нас, а уште повеќе во светот, има за тоа на дофат опсежни материјали во самото Министерство како дел од апликациите на годишните конкурси и програмските и финансиските извештаи“, се додава во реакцијата.
Претходно, Цветанка Ласкова посочи дека се откажува од средствата со цел да имала мир.
„Овој проект го прифатив со чест и задоволство, но и покрај одличната идеја, заради својот мир, инсистирам организаторот на проектот да ги врати одобрените средства во Министерството за култура“, напиша таа.
Цветанка Ласкова, освен музичар со многубројни награди, пловеше и во политичките води. Таа имаше функција во сега владејачкиот СДСМ, но и во владата на Зоран Заев. Ласкова му беше советник на тогашниот премиер, и тоа веднаш откога тој ја презеде власта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Реакција на Министерството за култура на соопштението од СКРМ за неисплатените плати на вработените во „Охридско лето“
Министерството за култура и туризам, почитувајќи ги кредибилитетот и реномето на НУ „Охридско лето“, а во врска со дописот на Синдикатот на културата на Република Македонија, информира дека Министерството за култура и туризам продолжува да дејствува во насока на почитување на правата од работен однос за вработените во НУ „Охридско лето“, но и да инсистира на законското постапување.
Институцијата е должна да постапи во врска со последното писмено известување добиено од Министерството за култура и туризам и да достави до Министерството коригирана пресметка на плата за месецот август 2024 г., во која нема да бидат содржани износи што се однесуваат на додаток на плата, без тој да биде претходно законски основан, велат од Министерството.
– Уште еднаш потенцираме дека Министерството за култура и туризам не спори да изврши исплата на основната плата на вработените во „Охридско лето“, се додава во соопштението.
Култура
„Јон Вардар против галаксијата” викендов беше премиерно прикажан во Шпанија
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ ја имаше својата светска премиера на 57. издание на „Ситџес фантастик филм фестивал“, еден од најголемите жанровски фестивали во светот.
Филмот во режија на Гоце Цветановски и во продукција на Алан Кастиљо од „Линкс студио“ беше прикажан во фамилијарната секција. Капацитетите на салата беа исполнети, главно со најмладата публика, која енергично ја дочека македонската анимација.
Режисерот Цветановски имаше кусо обраќање, при што на шпански јазик им кажа на децата дека се првите во светот што ќе го гледаат филмот, на што тие реагираа со воодушевување.
По настанот, Цветановски изјави дека фестивалскиот живот на „Јон Вардар против галаксијата“ почна возбудливо најавувајќи уште многу убави вести набргу.
„Премиерата ги оправда очекувањата. Ми беше драго што и децата и нивните родители уживаа во филмот и се смееја на глас. Во публиката запознав и Македонци од Барселона, кои допатуваа во Ситџес за да го проследат филмот. Ви благодарам многу што бевте дел од овој настан. Факт е дека со ‘Јон Вардар’ напишавме историја и верувам дека имаме производ со кој можеме да се гордееме. Одиме натаму, со нетрпение ја очекувам македонската премиера во ноември“, рече режисерот Цветановски.
Во рамките на фестивалот во Ситџес анимираниот филм ќе има уште една проекција следната сабота.
„Јон Вардар против галаксијата“ е хумористична приказна за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу, многу, мнооооогу вонземјани, кои се на мисија да ја спасат галаксијата од самите себе.
Арт-директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, браќата Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.
Анимираниот филм е изработен со поддршка од Агенцијата за филм, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и во Хрватска.
Филмот од 1 ноември ќе се прикажува во киносалите во Македонија.
Култура
Театар Куманово настапи на фестивалот „MOST“ во Германија
Претставата на Кумановскиот театар „Прво лице еднина“ вчера вечер настапи на Интернационалниот камерен театарски фестивал во Германија, „MOST“ кој од први до шести октомври се одржува во Хановер.
На огромно задоволство на германската публика актерката Владанка Крстевски потполно ги освои нивните срца со емоцијата која ја прикажа преку монодрамата – Прво лице еднина, во која на маестрален начин прикажа дванаесет женски ликови со своите проблеми, лични ставови и карактери.
Режијата на претставата е на Драгана Гунин.
Актерката доби признание за исклучително моќно и емотивно прикажување на карактерите во претставата.
-Околу нас има многу жени кои секојдневно се борат и работат по 12 часа дневно. Тие жени жртвуваат се за своите семејства, за своите деца, за да обезбедат подобар живот, а никој не зборува за нив. Ова е претстава во која зборуваме токму за тие жени. Ние денеска сме ќерки, а утре ќе бидеме мајки и сакаме да имаме поддршка, бидејќи не знаеме кај ќе не однесе животот. Инспирацијата за мојот текст е од книгата „Добра ноќ за бунтовни девојчиња“, во која се зборува за жени кои направиле многу за сите нас, но останале на маргините на општеството, – раскажува младата актерка Владанка Крстевски, пренесува Кумановски театар.