Култура
Почнува „Крај Вардарот џез“: три фестивалски вечери и пет концертни настапи кои кокетираат со авангардни стилови
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/04/thumbnail_DSCF9436.jpg)
Денеска, во едукативниот културен центар „Лабораториум“ имаше конференција за печат во пресрет на петтото издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“, кој ќе се одржи од 20 до 27 април. Програмата се состои од 3 вечери и 5 концертни настапи, кои ќе се реализираат во Македонската филхармонија и во едукативниот културен центар „Лабораториум“.
Годинашното издание ќе се одржи во чест на Мирко Попов, кој заедно со Владан Дробицки е идеен творец на фестивалот. Со голема жар и посветеност Попов и Дробицки работеа на програмата на годинашниот фестивал, чија реализација Попов не успеа да ја дочека.
„Иновативноста во градење на фестивалската програма е присутна како во творештвото на авторите што настапуваат на фестивалот, така и во начинот на презентација на нивната музика. Ова е особено евидентно во годинашното фестивалско издание преку интердисциплинарниот пристап на програмата, која ги надминуваат границите на уметничките дисциплини и музичките жанрови спојувајќи џез, електроника, современа музика, поезија и проза“, рече Виолета Качакова, дел од тимот на КВЏ.
„Фестивалот е тесно поврзан со дискографската куќа ‘ПМГ џез’. Со 47 изданија македонска џез, светска и современа музика, освен како издавачи, континуирано организираме концертни и слушачки промоции. Домашната музика станува достапна до меѓународни музички професионалци и куратори, кои го признаваат нејзиниот квалитет, преку низа награди за најдобри џез-албуми и композиции на дел од изданијата за ‘ПМГ џез’, доделени од музичките платформи Bandcamp и All About Jazz. Непосредно пред почетокот на фестивалот ‘ПМГ џез’ излезе со 3 нови изданија на изведувачи, кои ќе настапат на фестивалот“, објасни Качакова.
На самото отворање на 20 април, во „Лабораториум“, во 21 часот ќе настапат Cobalt Code Unit, фракција од четири млади музички аскети, кои успеваат да ја спојат традицијата, современиот џез, африканскиот бит и бучавата на индустрискиот метеж.
На 23 април во Македонската филхамонија, во 20 часот, публиката ќе го проследи музичко-поетскиот проект „Мирисот на липите“ на Дуња Иванова на пијано и Тина Иванова како автор на текст и наратор на приказна.
„Иницијална каписла за овој проект се заедничките спомени со сестра ми Тина и мирисот на липите, кој нè потсетува на нашето детство и заедничката потреба да создадеме нешто храбро“, рече Дуња Иванова.
Веднаш потоа, во 21 часот, следува концерт на Биг бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски, со музика на еден од стожерите на современата џез-композиција – Кире Костов.
„Сè што научив за музиката и свирењето научив од Шпато и од Кире Костов и многу сум врзан за неговото творештво. Владан и Мирко направија избор од негови компизиции, кои под мојата палка ќе ги изведе Биг бендот“, изјави Мирковски.
На 27 април во „Лабораториум“, во 21 часот, вечерта ќе почне со концерт на Macedonian Free Society, нов креативен, (о)слободен, инспиративен, предизвикувачки израз и соработка помеѓу извонредни автори и инструменталисти, кои ја исцртуваат новата историја на македонската џез-музика. Во 22 часот ќе почне настапот на „Поетроника“. Еден од највозбудливите проекти, кој во форма на поетско-музички перформанс ја спојува македонската поезија со современа електронска музика. Модерен и динамичен поглед врз македонската поезија интерпретирана од актерот Оливер Митковски, во придружба на современа електронска музика во авторство и изведба на Андреја Ристески-Салпе.
„Музиката и поезијата се во совршена симбиоза. Музиката на Салпе, иако е електронска, има елементи и на џез и на етно. Тој креира совршена таписерија од звуци, а нарацијата, поезијата, ги крши сите клишеа. Целта ни беше да се сруши баналниот начин на интерпретација на поезија“, изјави Митковски.
Дробицки, кој заедно со Попов ја креира програмата за годинешниот фестивал, вели дека основна водилка им била: „Да понудиме програма, која ќе се разликува од сè што работевме досега – храбра и оригинална музика. Промовираме нови проекти, кои кокетираат со авангардните музички стилови – „Кобалт код унит“ и „Маседонијан фри сосајати“. Со „Поетроника“ ни се виде интересен спојот на избрана македонска поезија и музичка подлога, сублимат на модерни електронски стилови. Како контраст избравме камерен концерт со музика на една од најпродуктивните македонски композиторки, Ана Пандевска, во изведба на Дуња Иванова и надополнета со текст и нарација на Тина Иванова. Истовремено, му оддаваме почит на еден од најголемите македонски музичари, кој творел и работел во областа на џезот и оставил огромна трага во современата поп-музика, господинот Кире Костов“, вели Дробицки.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура и се реализира во соработка со Македонската филхармонија и „Лабораториум“. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на Општина Центар. Онлајн-продажбата на билетите е достапна преку bileti.mk. Програмата за 20 април е бесплатна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Култура
Објавена програмата на 36. поетска ноќ во Велестово
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/thumbnail_velestovo-poster-mkD-1.jpg)
36. Поетска ноќ во Велестово ќе се одржи од 16 до 18 август на локации во Велестово и Охрид. Со поетски портрет годинава ќе биде претставено творештвото на Елизабета Баковска, а во интернационалната програма ќе гостуваат поети од шест земји, и тоа: Велика Британија, Ирска, САД, Хрватска, Србија и Македонија.
‒ Од годинава, за наредниот 4-годишен циклус имаме неколку концепциски промени, имено, наместо преку беседа, творештвото не поетот во фокус ќе биде претставувано преку разговор, во дослух со современите трендови. Исто така, се воведува настанот „Поетско интермецо“ преку кој странските поети ќе имаат можност да читаат и пред публиката во Велестово, а не само во Охрид ‒ истакна програмскиот директор на фестивалот, Јулијана Величковска.
Годинешното издание ќе биде отворено на 16 август од 21 часот на сретсело во Велестово со „Езеро“ ‒ мал музички концерт на хрватската кант-авторка Нина Ромиќ во придружба на Јелена Галиќ. Ќе следува поетскиот портрет на Елизабета Баковска, а потем и настанот „Поетско интермецо“. Вечерта ќе биде затворена со изложбата на фотографии „Паметници на заборавот“ од Сашо Димоски, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Автор на постерот за годинешното издание е Андреј Павлов.
На 17 август со почеток од 19 часот во кафе и бар „Шила“ во Охрид ќе се одржи интернационалното поетско читање „Мозаик“ на кое ќе настапат: Патрик Котер (Ирска), Фиона Сампсон (Белика Британија), Иван Херцег (Хрватска), Марко Ѓорѓевиќ (Србија), Минг Ди (Кина/САД), Елизабета Баковска, Владимир Мартиновски и Христина Цветаноска од Македонија, а по читањето, публиката ќе има можност да ужива во уште еден настап на Нина Ромиќ и Јелена Галиќ.
Фестивалот ќе заврши на 18 август со организрано разгледување на културно-историското наследство на градот Охрид и природните убавини на планината Галичица, придружено со неформални поетски читања.
Фестивалот го овозможија Министерството за култура, Општина Охрид, Традуки и Комерцијална банка АД Скопје, а негови помагатели се Хрватското друштво на писатели (ХДП), кафе и бар „Шила“ од Охрид, Пелистерка АД Скопје, вила „Сансет“ од Велестово, ресторан „Домаќинска куќа Велестово“ и пицерија „Немо“ од Охрид.
Култура
Поетски фестивал и изложба во рамките на одбележувањето 61 година од скопскиот земјотрес
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/02/MKC.jpg)
Во рамките на одбележувањето 61 година од катастрофалниот земјотрес се одржуваат повеќе активности и манифестации.
Со почеток во 19 часот, во ЈУ Младински културен центар ќе се одржи првиот интернационално традиционален поетски фестивал „Заедно за Скопје“, посветен на земјотресот од 1963 година, а учество зедоа 130 поети од 40 држави.
Во Музејот на Град Скопј,е во 20.30 часот ќе биде отворена изложбата „Културните институции во Скопје по земјотресот во 1963 година“, која е подготвена по повод одбележувањето 61 година од катастрофалниот земјотрес, кој се случил во Скопје на 26 јули 1963 година. Изложбата зборува за земјотресот во Скопје од 26 јули 1963 година и состојбата на културните институции. Поголемиот дел од скопските музеи претрпеле големи и неповратни штети. Народната и универзитетска библиотека, Народниот театар и други културни институции биле толку многу оштетени што немале ни најелементарни услови за работа. Разурнатите згради на издавачките и новинско-издавачките претпријатија до крајни граници го отежнувале нормалното работење. Многу од спомениците на културата, како и тврдината Кале, биле целосно разурнати. Ударот уништил многу значајни историски документи и уникатни експонати. Под урнатините останале значајни артефакти – сведоци на многубројни цивилизации, кои опстојувале на скопската почва.
Изложбата по повод одбележувањето на овој значаен датум од поновата историја на градот Скопје е посветена на културата и културните институции, на последиците од земјотресот и на нивното функционирање во постземјотресни услови.
Култура
Докуметарецот „Лука“ прикажан на мултимедијалниот алтернативен фестивал „ГИГА фест“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/thumbnail_850_2513.jpg)
На втората фестивалска вечер од мултимедијалниот алтернативен фестивал „ГИГА фест“, која се одржа на платото пред Градскиот музеј, беше прикажан документарниот филм „Лука“, во продукција на „Транзен“, а потоа следуваше музичкиот перформанс „Ставро и Џејд“.
Режијата на документарецот „Лука“ е на Ице Виранов, сценариото на Бинева Џејд, костимограф е Столе Ангелов, камерман Иво Јанков, а музиката ја потпишуваат Ставро Ангелаков и Љубен Маџиров.
Филмот, кој веќе е прикажан на повеќе фестивали и има освоено специјална награда од жирито на Jeju Movie Concert Festival во Јужна Кореја, е бунт против конзумеризмот и против отпадот и ѓубрето во уметноста наспроти уметноста што се создава од отпад и ѓубре во обид млади музичари од Струмица да најдат место и израз за своите креативни идеи.
„Сигурно дека ова време што го живееме носи свои ѓубриња. Мислам дека во секој жанр на музика и во секоја уметност воопшто 99 проценти од она што се создава не чини, а оној еден процент е она што вреди, тоа е мое лично мислење“, изјави Ставрос Ангелков, музичар.
По проекцијата на филмот, следуваше музичка вечер на авторска музика со Ставро (гитара), еден од главните протагонисти во документарецот, и Џејд (вокал), која всушност е и сценаристка на ова филмско остварување.
Јулската фестивалската програма на „ГИГА фест“ продолжува на 31 јули со проекција на документарно-музичкиот филм The Hip – Brainstorm , во режија и продукција на Јане Алтипармаков, по оригинална идеја на Љубиша Петрушевски. Камерата е на Наташа Гелева и Ања Илиева, а монтажата на Михаил Димитров. Во август следуваат нови фестивалски вечери посветени на ликовната и музичката уметност.
Мултимедијалниот алтернативен фестивал „ГИГА фест“ е посветен на прерано починатиот режисер Глигор Цветковски, а е поддржан од Општина Крива Паланка. Годинава се реализира во рамките на Кривопаланечко културно лето и манифестацијата „Крива Паланка – град на културата“.