Култура
Отворање на македонскиот павилјон на венециското биенале со просторната инсталација на Јанешлиева
Последните подготовки за отворањето на македонскиот павилјон на 60. Венециско биенале, со проектот Inter Spem et Metum на уметничката Славица Јанешлиева во објектот Scuola dei Laneri привршуваат и официјалното отворање ќе биде денес во 18 часот.
Годинешното биенале го курира Адријано Педроса, а генералната тема е „Странци насекаде“.
Генералии за павилјонот:
Проект: Inter Spem et Metum
Уметник: Славица Јанешлиева
Носител на проектот: НУ Национална галерија на Република Северна Македонија
Комесар: д-р Дита Старова-Ќерими, директор на НУ Национална галерија
Куратор: д-р Ана Франговска, кустос советник во НУ Национална галерија
Поддржано од: Министерство за култура на Република Северна Македонија
Локација: Scuola dei Laneri
Концепт
Mожеме ли зборот убавина да го замениме или израмниме со зборовите почит, слобода, љубов, толеранција, прифаќање? Можеме ли да прифатиме некого поради сето она што тој/таа/тоа е и затоа што го познаваме суштински?
Трансмедијалниот и транснаративен проект INTER SPEM ET METUM на Славица Јанешлиева претставува визуелно прочистена и концептуално осмислена просторна инсталација која не флра во цивилизацискиот дебрис на еден мошне сензитивен и бајковит начин. Низ повеќедимензионални медиумски платформи и материјали, како пердуви, лед-неонски натписи, проекции, огледала, Јанешлиева не впушта во неколку концептуално-наратолошки матрици каде не соочува со чувството да си странец и тоа оној кој е насекаде, во мене, во тебе, во нив, во нас. Поточно таа не соочува со прифаќањето или неприфаќањето на одвоените кфалификативи од оние на мноштвото, без оглед дали различноста се базира на полот, сексуалната определба, изгледот, појавата, однесувањето, болест, националност, религија, јазик, политичко убедување…
Нè соочува и со чувството на самостигматизација, автоцензура и самокритика поради наметнатите очекувања.
Сепак, да се биде поинаков, носи потенцијал и за трансформација. Исто како и во природната селекција, мутацијата ја зголемува веројатноста дека ќе се случи или неуспех во адаптацијата или дека се појавила нова варијанта што е посупериорна од она што било претходно. Или некој би можел да ја објасни трансформативната моќ на различното како што произлегува од психолошката болка и страдање, кои се различни причини од кои може да се црпи инспирација и мотивација за издигнување над осудата и острацизмот што различноста од другите ги предизвикува.
Од секој од нас зависи да го најдеме својот пат до нашиот внатрешен лебед.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.
Култура
Распишани конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“
Денеска се распишани конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2024 година.
Со државната награда „11 Октомври“ се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес на државата. Наградата се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава.
Со државната награда „22 Ноември“, пак, се оддава признание на личностите од политичкиот, културниот и општествениот живот во нашата држава кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебно разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2024 година траат од 1 до 31 мај 2024 година.
Конкурсите се објавени и на веб–страницата на Министерството за култура на следните линкови:
Државна награда „11 Октомври“ – https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2023/10/odluka-3.pdf
Државна награда „22 Ноември“ – https://kultura.gov.mk/22-%d0%bd%d0%be%d0%b5%d0%bc%d0%b2%d1%80%d0%b8/
Култура
Мајските оперски вечери немаат никакви примеси на економски ниту политички стремеж, организаторите го најавија 52-рото издание
Мајските вечери немаат никакви економски ниту политички стремеж, еден ваков уникатен собир ќе го обележи и Скопје и Македонија, соопштија организаторите на прес-конференција.
„Оваа манифестација датира од крајот на 60-тите години. Тогаш имало криза со публика, која не била изразена само во Скопје. Во првите години мајските оперски вечери се празни, но со текот на годините заинтересираноста расте“, изјавја организаторите.
Како што велат оттаму, ова е еден од најголемите фестивали во регионот и со квалитетна програма сите овие години.
„Оваа година ќе има екслузивна програма. Очекуваме одлични резултати“, додаваат оттаму.
Реномираниот македонски режисер Иван Поповски, со успешна кариера во Русија, ја поставува операта „Трубадур“ од Џузепе Верди, со чија премиера ќе се отворат 52. Мајски оперски вечери (МОВ) на 9 мај во Националната опера и балет (НОБ). Диригент ќе биде Енрико Довико (Италија), сценографијата ја работи реномираниот Миодраг Табачки од Србија, костимите Марија Пупучевска, а кореографијата Саша Евтимова.
Во рамките на 52. Мајски оперски вечери, во фоајето на Националната опера и балет, од 9 до 31 мај ќе биде поставена и изложбата „Оперска одисеја“ – наследството на Милка Ефтимова. Изложбата ќе ја сочинуваат донирани лични предмети од движно материјално и нематеријално културно наследство, класифицирани во категоријата лични предмети како и голем број награди, признанија, уметнички портрети и фотографии кои во детали ја прикажуваат нејзината богата музичка кариера.
„Оперска одисеја“ е резултат на институционалната соработка помеѓу Музејoт на македонската борба за самостојност и Националната опера и балет. Автор на изложбата е Василија Чали, соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.