Култура
Почнува фестивалот „Крај Вардарот џез“

Годинешното трето по ред издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“ ќе се одржи на 23 и 24 септември во Македонската филхармонија.
„Крај Вардарот џез“ е меѓународен фестивал на современ џез, светска и етномузика, а оваа година е селектиран како еден од 10-те фестивали од Балканот, кои ќе учествуваат во Програмата за размена на фестивали и клубови (FEX – Festival & Club Exchange Program), која се имплементира во рамките на платформата „МОСТ-музика“ (MOST music). Целта е да се поттикне музичкиот пазар на Балканот преку поврзување и поддршка на уметници, менаџери, фестивали и институции и да го доближи до светскиот музички пазар. Ова му овозможува на КВЏ во текот на 2023 година програмска соработка со „Тандем фестивал“ од Европа во рамките на која ќе се овозможи гостување на домашни музичари на фестивалот во Европа и обратно, директна соработка помеѓу организаторите на обата фестивала, отворање нова мрежа на соработници со другите учесници во програмата и секако поголема видливост и препознаеност на „Крај Вардарот џез“ во поширокиот европски музички контекст. Работата на платформата ‘МОСТ-музик’ е поддржана од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.
Идејни творци на „Крај Вардарот џез“ се џез-музичарот Владан Дробицки и музичарот и продуцент Мирко Попов.
На денешната конференција за печат Попов истакна дека фестивалот произлегол од потребата да поддржат една нова генерација домашни музичари, чија музика во себе ги интегрира и балансира автохтониот и светски современ израз.
„Со две изданија зад себе и публика, која брои и до 2.000 посетители, ‘Крај Вардарот џез’ успеа да воспостави континуитет и стана еден од очекуваните годишни настани во Скопје. Фестивалот е една од активностите на ‘ПМГ џез“ (суплејбл на издавачката куќа ‘ПМГ рекордингс’), кој ги следи мисијата и работата на издавачката куќа со цел да воспостави континуирана, вибрантна и динамична џез-сцена во нашата земја“, вели Попов.
Заложбата на „ПМГ џез“ е, пред сè, пронаоѓање, продукција, издавање и промоција на современа џез и етно (world) музика од домашни квалитетни автори.
Во пресрет на фестивалот Дробицки истакна дека досега имаат издадено 34 изданија.
„А покрај вообичаениот формат на издавање ЦД и во дигитална форма, ‘ПМГ џез’ досега има и 2 изданија на винил (грамофонска плоча): музичка компилација од разни изведувачи ‘Крај Вардарот џез 1’ и ‘Стела’ на ‘Љубојна’. Оваа година ќе се појави и третиот винил, музичка компилација од разни изведувачи ‘Крај Вардарот џез 2 – нов бран’“, вели Дробицки.
Првата интернационална фестивалска вечер на 23 септември во Македонската филармонија ќе почне во 20 часот со извонредни музичари од регионот и настап на „Спејс трио“ (Space Trio) од Бугарија и најреномираниот српски џез-состав, „Ејот“ (Eyot) од Ниш.
„Спејс трио“/Space Trio (Бугарија) е формација од добро познати музичари од бугарската вибрантна фри-импро сцена. Групата работи по принципот на инстант-композиција, а ја води спонтаноста во изразот. Специјално за настапот во Скопје на составот ќе му се придружи истакнатиот џез-музичар од помладата генерација од Скопје, Дени Омерагиќ, („Светлост“, „Одрон ритуал оркестар“).
„Ејот“ (Србија) е најреномираниот српски џез-состав во последната деценија, во регионот и на светската сцена. Нивната музика претставува еклектичен звук помеѓу рок и џез, панк и амбиент, импресионизам и романтизам, во исто време цврсто потпирајќи се на традиционалната музика на Балканот и источна Европа.
Втората фестивалска вечер ќе се одржи на 24 септември во Македонската филхармонија, со почеток во 20 часот, со концертен настап на сега веќе култниот состав „Сетстат“, кои одбележуваат 30 години јубилеј од своето постоење како џез-формација. Оваа вечер публиката ќе има уникатна можност да ги слушне во досега невидено издание во проширен состав-оркестар. „Сетстат“ ќе се претстави со специјална селекција на музички материјал од својот три децениски опус, кој ќе биде наново аранжиран за ваков состав. Ова ќе биде единствен и прв настап од ваков тип поставен во Филхармонијата. „Сетстат“ има издадено 9 студиски албуми, а во пресрет на фестивалот ќе се појави нивниот нов, 10-ти албум по ред.
Во оваа специјална вечер пред „Сетстат оркестар“ ќе настапи Toka Shitet (ака Идриз Амети), фронтмен на групата Blla Blla Blla, со соло изведба на авторска музика на шаркија.
Фестивалот се организира во соработка со Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје и се реализира со поддршка на Министерството за култура на РС Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концертна промоција на албумот „Егрерор“ на ФИН Проект и Тања Царовска

Концертната промоција на албумот „Егрерор“ на Никола Стојковски (ФИН Проект) и Тања Царовска ќе се одржи денеска со почеток во 20:30 часот во Куршумли ан.
На концертот, како гости ќе настапат и Петар Христов (саксофон и кларинет) и Горан Трајкоски – Готра, на пијано Билјана Петровска, бас и контрабас Андреа Мирческа, како и Илија Јовчев – виолина, Ева Ристеска – виолина, Ангела Винтовска – виола, Александар Ицковски – виолончело.
Албумот „FIN Project Orchestra“ е издаден во декември 2022 година од М-Сол Рекорд и е поддржан од Министерството за култура на Р.С. Македонија. Следуваше „FIN Project – Contemplation“ кој е издаден во јануари 2024 година.
Музичкиот материјал на албумот е подготвен во соработка со кларинетистот Петар Христов. А, како последно издание во 2024 година, FIN Project во соработка со светски реномираниот композитор и продуцент на извонредната Лиза Жерар, Марсело Ди Франсиши, го објави „Indie Monastery – One Big World (remixes)“ каде како вокален интерпретатор се појавува иранската дива Бахар Шах.
Култура
Љутков: Културното наследство не е минато што го чуваме по инерција, туку иднина што ја градиме со свест

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, австрискиот амбасадор Мартин Памер, претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Волфганг Мајер, и директорката на Археолошкиот музеј на Македонија, Магдалена Манаскова, го посетија археолошкиот локалитет Тумба Маџари по повод потпишување Договор за долгорочно користење на парцела во сопственост на ЕВН што е во рамките на локалитетот.
Локацијата што денес се отстапува за долгорочно користење, во рамките на археолошкиот локалитет Тумба Маџари, станува дел од живата мрежа на научна работа, теренски истражувања, едукација и развој.
Кога јавниот и приватниот сектор застануваат на иста страна, на страната на заедничките општествени вредности, тогаш и ефектот никогаш не изостанува. Со потпишувањето на денешниот договор, локалитетот Тумба Маџари добива нова перспектива.
Љутков упати благодарност до Волфганг Мајер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија, до ЕВН како компанија и до австрискиот амбасадор Мартин Памер за континуираната соработка во областа на културата.
Министерството за култура и туризам стои зад оваа иницијатива, активно поддржувајќи ја соработката меѓу јавниот и приватниот сектор, создавајќи широк круг на поддршка и ангажман. Оваа партнерска врска не само што го зајакнува нашиот културен идентитет туку, исто така, го поттикнува развојот на туризмот и на економијата, притоа создавајќи нови можности за локалните заедници. Потпишувањето на денешниот договор не е само правен акт, ова е чин на зрелост на заедницата што го препознава културното наследство како вредност што има смисла само кога заеднички се чува и се споделува.
Култура
Концерт на Дони Мекаслин и националниот џез-оркестар

На 14 јули 2025 година, со почеток во 21:00 часот, во Македонскиот народен театар, љубителите на џезот ќе имаат можност да присуствуваат на извонреден концерт, заеднички настап на еден од најсмелите и највпечатливи саксофонисти и композитори на современата џез сцена, Дони МекКаслин и Националниот џез оркестар. Диригент на концертот ќе биде маестро Владимир Николов.
Името на Дони МекКаслин (САД) стои зад едно од најзначајните музички изданија на 21 век – Blackstar, последниот албум на Дејвид Боуви, на кој токму МекКаслин беше една од клучните креативни сили што го обликуваа неговиот експериментален звук. Од тој момент, МекКаслин продолжува да ги редефинира границите на џезот, создавајќи музика која живее на пресекот меѓу жанровите – каде електрониката, арт-рокот и импровизацијата се среќаваат со слободата на изразот. За тоа сведочат албумите Blow. (2018) и I Want More (2023) – хибриден звук кој не припаѓа на еден жанр, туку на уметноста како процес на преобразба.
New York Times за еден негов концерт напиша: „Сè започна со синтисајзер што пулсира во слободен ритам, за потоа да премине во тенор-соло што звучеше и како бура и како молитва.“
Билетите за концертот може да се набават online на MKTickets и на продажните места на МКТикетс. На самиот ден на концертот билетите ќе бидат достапни и на билетарницата на Македонскиот народен театар (МНТ).