Култура
Почнува 15. јубилејно издание на музичкиот фестивал „Здраво млади“ во МКЦ
Во знак на долгогодишната посветеност кон новата музичка сцена и поддршка на млади артисти, ЈУ Младински културен центар го најавува 15-то јубилејно издание на фестивалот на нова музика „ЗДРАВО МЛАДИ“, кое ќе се одржи на 10 и 11 октомври 2025 во МКЦ.
„ЗДРАВО МЛАДИ“ е фестивал на независната и современа музичка сцена, создаден со цел да биде платформа за млади музичари, нови музички правци и иновативна програма. Овогодишната, 15-та јубилејна година, за “Здраво Млади” е “година со уште позасилена програма, многу нови и веќе познати изведувачи на домашната сцена и свежа енергија, која најавува настан на кој се поканети сите, бидејќи одамна се немаме видено.”
Првиот фестивалски ден е посветен на домашната млада алтернативна сцена, која ќе се реализира во соработка со Музичката младина на Македонија. Во рамките на овој проект, насловен “Imagine Macedonia” во кој МММ е партнер, e натпревар за млади музичари со авторска музика од сите жанрови, чија цел е здружување на млади луѓе од сите музички жанрови. “Imagine Music Experience” годинава се одржува во 9 земји (Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Македонија, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве) и е програма отворена за музичари на возраст од 13 до 21 година. Секоја година, победниците на националното финале од секоја од овие земји имаат шанса да настапуваат и да се натпреваруваат на меѓународното финале во Брисел, Белгија (11-15 декември) во салата на La Botanique.
Годинава Imagine Macedonia ќе се реализира во соработка со Малдинскиот Културен Центар во Скопје и фестивалот „Здраво Млади“ на кој ќе настапат следните млади музички состави: “LSD during war”, Големата вода, Мираж, “The Pot”, “Sunneater”, Корка, “Tsar Von Time” и “DENMV”.
Утре, 11 октомври, главната фестивалска вечер ќе ја отвори победникот од денешниот натпревар, Imagine Macedonia. Вечерта е поделена на 3 фестивалски бини: сала “25 Мај” (Денсинг сала), на која ќе настапат легендарниот белградски бенд “Repetitor”, митскиот либиски цар на “хабиби фанкот” – Ахмед Факрун, скопскиот состав “Pedro Horizonte”, хрватскиот алт-поп бенд во подем “Ki Klop”, и новите рокенрол ѕвезди на македонската сцена – Преку ред.
Втората фестивалска бина, лоцирана во Клубот МКЦ, оваа година се реализира во соработка со здружението на граѓани за промоција на женската активност “Tiiiit.Inc” од Скопје. Бината е посветена на фестивалот “Прво па женско” и во рамките на оваа програма, ќе настапат следните артисти: “Pocket palma”, “Suze od luka”, Katerinha, Gillespie, KEM, Lelee. Оваа програма, настанува како фузија на двата фестивали – “Здраво млади” и “Прво па женско”, кое годинава ќе го доживее своето 13 издание. Фестивалот “Прво па женско” е единствен фестивал во земјата посветен на феминистичката култура и активизам, кој промовира разновидни пристапи во промислувањето и репрезентацијата на родот во уметноста и критичките пракси. Програмата која ќе ја претстават во рамките на “Здраво Млади” e дел од есенското издание на “Прво па женско 13”. Благодарение на оваа соработка, дизајнот оваа година за фестивалот го изработи младата дизајнерка Ана “Април” Попоска.
Фестивалот “Здраво Млади” е поддржан од Министерството за култура и туризам, Град Скопје, мрежата Liveurope и Тиииит.инк, а влезот е слободен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

