Култура
Прво издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во организација на дискографската куќа ПМГЏЕЗ, на 23 и 24 јули, во паркот позади Младинскиот културен центар ќе биде одржаното првото издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“. Фестивалот е производ на оваа дискографска куќа, која постои од 2018 година и досега има издадено 14 изданија современ македонски џез, а идејни творци се џез музичарот Владан Дробицки и музичарот и продуцент Мирко Попов.
Културолошката заложба на ПМГЏЕЗ е пронаоѓање, создавање, снимање, издавање и промоција на квалитетна македонска џез, етно, кросовер музика (pmgjazz.bandcamp.com). Поголем дел од музичките автори, кои имаат издадено за оваа дискографска куќа ќе настапат на фестивалот, кој е поддржан од Министерството за култура.
„Инспирирани од одличната работа на нашиот лејбл ПМГЏЕЗ во изминативе неколку години, цврсто верувавме дека треба да направиме и џез фестивал. Успеавме да ја материјализираме нашата идејна замисла. Фестивалот нема да биде строго ограничен на канонско сфаќање на џезот, туку ќе биде отворен за музички излети и авантури. Во центарот на нашиот интерес се македонските џез-музичари и амбицијата да се подигне квалитетот на нивниот перформанс, но секако и подигнување на нивниот профил во очите на домашната јавност. Незадоволни од односот на нашето општество кон оваа култура, а пред сè кон нејзините локални чинители, ПМГЏЕЗ и Крај Вардарот… се во мисија за подобрување на атмосферата и условите за работа, издаваштво и промоција на македонската џез-музика“, велат организаторите на фестивалот.
Првата фестивалска вечер ќе почне во 19:45 часот со настапот на скопскиот џез-музичар Филип Букршлиев, кој ќе отвири композиции од неговиот соло гитарски албум „Don’t go away mad because the Duke is not coming back“.
По него настапува веројатно најквалитетниот џез-состав во земјава, ветераните „Сетстат“. Музичари, кои 30 години се френетично активни на музичката сцена. Квалитетот на нивните изданија е во постојан подем, а нивниот настап во живо е уникатно музичко доживување, нешто што се памети и за кое долго се дискутира низ возбуда.
Скопските „Зулу 3.4“ кои неодамна го издадоа својот втор албум се еден од најинтересните млади џез-состави, кои се обидуваат да се стекнат со кредибилитет на нашата сцена. Извонредно свежи, интересни и квалитетни, ќе бидат вистински предизвик за џез-гурманите и добронамерната публика.
Вечерта ќе ја заокружи „Кантон6Квартет“ техно-џез хибрид, во состав Мирко Попов, Синиша Евтимов, Владан Дробицки и Панче Бујуклиев.
https://pmgjazz.bandcamp.com/album/interactive-music-lab-skopje-sessions
Следната вечер фестивалот ќе почне во 20 часот. Настапува светски реномираниот, македонски џез-хармоникаш и мултиинструменталист Јордан Костов со неговиот квинтет, кој поголемиот дел од времето го минува патувајќи, компонирајќи и соработувајќи со голем број музичари од светот. Досега има издадено два албума за ПМГ џез „Sanfona de grapa“ и „Plush pig“. Костов ѝ припаѓа на генерацијата млади македонски уметници кои имаат раскрстено со предрасудите и кои го имаат надминато стравот од нормалната творечка комуникација со глобалниот свет. Извонреден композитор и наобразуван инструменталист на хармоника, од родното Квадарци досега го има свртено целиот свет со своите настапи. Неговата номадска кариера вбројува најмногу настапи низ Јапонија и Кина. Неговите досегашни соработки не вклучуваат само музичари од тој дел на светот, туку и Американци, Германци, Индијанци и при тоа за него основен услов е да се чувствува слободата на мислата и изведбата.
https://www.youtube.com/watch?v=eiFnGD9kLFE
По него џез-триото „Cobalt code unit“, кое го сочинуваат музичарите Благојче Томевски (кларинет, перкусии, вокал), Благоја Глигоровски (гитара) и Драган Теодосиев (тапани). Поимот „уникатно“ е врзан за нивните изданија. И никогаш не бил посоодветен отколку сега. Извонредно трио, кое произведува шамански импровизациски звуци длабоко вкоренети во ритуалната музика на истокот. Нивниот албум „Ритуал“ е издаден за ПМГ џез.
https://www.youtube.com/watch?v=P7wNUE4lxM0
За крај, скопскиот состав „Светлост: Одрон ритуал оркестар“, луѓе кои со нивниот албум „Odron Ritual Orchestra“ издаден за ПМГЏЕЗ минатата година, успеаја да влезат во сите порелевантни светски топ-листи за најдобар џез-албум за 2019 година. Ова придонесе за неверојатен успех во продажбата на нивниот албум на Band Camp (светски познат онлајн сервис за музички артисти и лејблови), што дефинитивно ги прави најпродаван македонски музички продукт во светот за 2019 година. Во „Светлост“ членуваат 11 музичари на сцена, што го прави нивниот настап вистинска атракција за публиката.
https://www.youtube.com/watch?v=EzMqNEOUCwk&t=536s
Билетите се симболични 100 денари, а двете фестивалски вечери ќе се одвиваат според сите протоколи предвидени за организација на настани од овој тип, поради актуелната ситуација со коронавирусот. Задолжително е носење маска, столчињата ќе бидат поставени на 2 метра растојание.
Организаторите на фестивалот апелираат до публиката да се држи до сите норми на однесување со цел да се заштитиме меѓу себе и наедно да покажеме пример дека настаните од културата можат да се одвиваат безбедно и во вакви услови. Бројот на посетители е ограничен на 300 седишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Приказната за Брижит Бардо и синот што не го посакувала: се помириле дури во подоцнежните години
Филмската икона Брижит Бардо, која почина на 91-годишна возраст, зад себе остави еден син – Никола-Жак Шарије, дете чијшто доаѓање никогаш не го посакувала. Нивниот однос со децении бил исполнет со горчина, дистанца и судски спорови.
Бардо го родила синот во 1960 година, во брак со актерот Жак Шарије, нејзин колега од филмот „Бабет оди во војна“. Бременоста ја доживувала како најголема трагедија во животот и никогаш целосно не ја прифатила улогата на мајка. Во тоа време абортусот во Франција бил нелегален, а актерката, преплашена и очајна, безуспешно се обидувала да најде лекар што би ѝ помогнал да ја прекине бременоста.
Во своите мемоари „Initiales B.B.“ од 1996 година, Бардо го опишала детето што го носела како „мал тумор“. Напишала: „Го гледав мојот рамен, виток стомак во огледало како драг пријател, на чиј ковчег токму требаше да го спуштам капакот“. Во едно интервју изјавила дека „подобро би родила мало куче“.
За време на бременоста се удирала во стомакот, а од лекарите барала морфиум со надеж дека ќе предизвика абортус. Патела од мачнини и депресија и се криела од јавноста, бидејќи не сакала никој да ја види бремена.
Породувањето било вистински медиумски циркус што дополнително ја трауматизирало. „Беше лудило. Во мојата куќа беше поставена импровизирана породилна сала, фотографи зад прозорците, некои маскирани како лекари. Немаше никаква приватност. Беше ужасно“, напишала таа. Само осум месеци по породувањето, Бардо се обидела да си го одземе животот.
По разводот со Шарије во 1962 година, целосното старателство над синот му припаднало нему. Никола со години не ја гледал мајка си, а кога на 12-годишна возраст побарал да живее со неа – таа го одбила.
Односот со децении бил напнат. Никола не ја поканил мајка си на својата свадба во 1984 година, а по објавувањето на нејзината автобиографија целосно го прекинале контактот. Поради навредливите изјави ја тужел и добил отштета. Во 1990-тите се судриле и поради алиментација, кога судот ѝ наложил да му исплати 250.000 франци.
Сепак, во подоцнежните години односите се подобриле. Во интервју за „Var Matin“ во 2018 година, Бардо изјави: „Редовно се слушаме. Живее во Норвешка и ме посетува еднаш годишно, сам или со семејството, сопругата и моите внуки“. Додаде: „Го сакам на посебен начин. И тој ме сака мене“.
Никола-Жак денес има 65 години, живее во Норвешка со сопругата, има две ќерки и во меѓувреме станал и дедо.
Фото: Илустративна фотографија (Pexels)
Култура
Герасимовски: „Џез под ламба“ ги сплоти скопјани, незаборавна џез вечер и празнична магија во Центар
На пјацетата пред Италијанската амбасада граѓаните уживаа во музика, греано вино и печени костени.
Настанот „Џез под ламба“, во организација на Општина Центар, создаде пријатна празнична атмосфера, исполнета со џез верзии на познатите божиќни песни и стари шлагери во изведба на бендот на Мартина Елиора.
„Ме радува што настанов и годинава привлече голем број посетители. Овие радосни и среќни луѓе се доказ дека на градот му недостигаат вакви содржини. Џез под ламба прерасна во убава традиција, која ја збогати културната сцена во градот“, рече градоначалникот, Горан Герасимовски, кој заедно со скопјани уживаше во празничниот амбиент и џез атмосферата.
Герасимовски, ја искористи можноста да ги покани сограѓаните на централниот предновогодишен настан во организација на Општина Центар.
„Ги поканувам сите скопјани на 29 декември на големата предновогодишна забава “Вечер под ѕвездите” на Боемска улица! Преку ден подготвивме богата детска програма, а во вечерните часови музичка журка со Brass Brothers и Либеро бенд. Ветувам добра забава за сите генерации“, порача градоначалникот.
Култура
Почина Брижит Бардо
Француската актерка Брижит Бардо починала денеска на 91-годишна возраст, пренесе „Гардијан“.
Бардо, француска актерка и пејачка која стана меѓународен секс-симбол, а подоцна ѝ го сврте грбот на филмската индустрија и се посвети на борбата за правата на животните, починала во 91. година од животот.
Меѓународната слава ја стекна со филмот And God Created Woman од 1956 година, кој го напиша и режираше нејзиниот тогашен сопруг Роже Вадим. Во наредните две децении, Бардо беше олицетворение на архетипскиот „секс-симбол“. На почетокот на 1970-тите, таа објави дека се повлекува од глумата и стана сè поактивна во јавниот и политичкиот живот.
Нејзината отворена поддршка за правата на животните со текот на времето беше проследена и со контроверзни изјави за етничките малцинства и јавна поддршка на францускиот крајнодесничарски Национален фронт, поради што беше осудувана за расна омраза.
Родена во 1934 година во Париз, Бардо пораснала во богато, традиционално католичко семејство. Како талентирана танчерка, ѝ било дозволено да студира балет и добила место на престижниот Париски конзерваториум. Паралелно работела како манекенка и во 1950 година, на само 15 години, се појавила на насловната страница на списанието „Ел“.
Манекенската кариера ѝ ги отворила вратите кон филмот, а на една аудиција го запознала Роже Вадим, за кого се омажила во 1952 година, откако наполнила 18 години. По неколку помали улоги, се истакна и во филмот Doctor at Sea од 1955 година, кој беше голем хит во Велика Британија.
Филмот And God Created Woman, во кој ја играше улогата на ослободена тинејџерка во Сен Тропе, го зацврсти нејзиниот имиџ и ја претвори во светска икона. Филмот доживеа голем успех во Франција и во светот и ја лансираше Бардо меѓу најголемите француски филмски ѕвезди.
Во 1960-тите години, Бардо се појави во низа значајни француски филмови, меѓу кои The Truth на Анри-Жорж Клузо, номиниран за Оскар, Very Private Affair на Луј Мал и Contempt на Жан-Лик Годар. Подоцна прифати и холивудски понуди, како Viva Maria! и вестернот Shalako со Шон Конери.
Во интервју за „Гардијан“ во 1996 година, Бардо изјави дека притисокот од славата го доживувала како товар, велејќи дека никогаш не била подготвена за живот на ѕвезда. Од глумата се повлече во 1973 година, на 39-годишна возраст. Потоа целосно се посвети на активизмот за заштита на животните, учествуваше во протести против ловот на фоки и во 1986 година ја основа Фондацијата „Брижит Бардо“.

