Култура
Премиера на „Смртта на еден човек на Балканот“ во Домот на културата во Кавадарци
Театарот при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, вечерва, со почеток од 20 часот, премиерно ќе ја одигра претставата „Смртта на еден човек на Балканот“, работена според текст на Мирослав Марјановиќ. Преводот, адаптацијата и режијата се на Александар Малинков
Претставата е црна комедија која ја истражува рамнодушноста и апсурдот на современото општество преку приказната за човек кој извршува самоубиство во својот стан. Наместо сочуство, настанот предизвикува… Проверете сами и уживајте!
Играат: Диме Коцевски, Видан Станоев, Диме Боцев, Сузана Димова, Елена Илова, Благица Боцева, Сашко Орешков, Никола Колев Зезо, Томе Атанасов, Петар Јованов, Драган Кабранов, Александар Видиков, Цветанка Прочков, Слободан Прочков и Александар Малинков.
Камера/тон/светло – Пепи Ангелов; Инспициент – Марјан Тодоровски; Сценска изведба – Тони Туриманџов; Соработник на сценографија/плакат – Билјана Соколова Тодоровска; Гардеробер/реквизитер – Благица Илиева.
Првите репризи се закажани за 29 и 30 октомври 2025 од 20 часот. Во меѓувреме, претставата доби покана за учество на In Vinica Veritas, кој традиционално се оддржува секоја година во Виница. Пред фестивалската публика во Виница, кавадаречкиот Театар со претствата “Смртта на еден човек на Балканот“ ќе настапи во сабота, на 25 октомври 2025.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Сина сенка“ во режија на Тамара Стојаноска премиерно в четврток
В четврток (13.11) во Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одигра праизведбата односно премиерата на текстот „Сина сенка“ („Blue Shade“) од Брајан Рејнолдс во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, а во продукција на независниот театар „Златен Елец“ со почеток во 20 часот.
„Сина сенка“ е проект во соработка со американскиот автор Брајан Рејнолдс кој за првпат се поставува во Македонија. Делото продира длабоко во реалноста на денешното општество, времето во кое опстануваме, системот во кој живееме и начинот на кој тој систем создава насилство. Кој ги создава насилниците и кој има корист од нашиот страв? Текстот отвора прашања за тоа како медиумите нè трујат со лажни вредности, како фармацевтската индустрија и големите бизниси го користат човечкиот страв за поголем профит, и како поединецот станува жртва, но и продукт на една болна општествена машина. Ова е современа приказна за човекот во системот, истовремено жртва и соучесник, борец и сенка. Може да се доживее и како ехо на култните драми за „малиот човек“, современ „Војцек“ или „Хинкеман“, каде хуманоста се губи под тежината на стравот, контролата и манипулацијата. Ова дело создава свет во кој реалноста и илузијата се преплетуваат, а секоја сцена пулсира со прашањето: дали навистина живееме, или само преживуваме? „Сина сенка“ не завршува со спуштањето на завесата, таa продолжува во секојдневието, во вестите, на улиците, во тишината со која го прифаќаме апсурдот како нормален. Но вистинската борба не е само против системот, туку против стравот во нас самите. Претставата нè води таму каде што започнува секое насилство, во човечката свест, во нејзината сенка – вели режисерката Тамара Стојаноска.
Играат актерите: Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ. Оригиналната музика е на Мајкл Хукер а новите аранжмани се на Лука Тошев, рекламниот материјал е на Бојана Цилевска. Преводот на оригиналниот текст е на Сашо Огненовски.
Проектот е финансиран од авторот Брајан Рејнолдс и Универзитетот во Калифорнија, Ирвин. После премиерата претставата ќе продолжи со редовни изведби , гостувања и учества на фестивали.
Култура
Две нови награди за „Неми Филмови“ на Господиновски во Русија и Тајван
Анимираниот филм „Неми Филмови“ на Крсте Господиновски, минатата недела освои две нови награди на меѓународни фестивали, наградата за „Најдобар интернационален краток филм“ на „Меѓународниот фестивал за краток филм Вижн“ во Кемерово, Русија и „Почесно признание“ на „Меѓународниот фестивал за анимиран филм КУАНДУ“ кој се одржува во Тајпеј, Тајван.

Ова е втора по ред награда во Русија и втора награда во Тајван, по октомвриската награда на престижниот ТИАФ кој се одржува во Тајчунг.
Во септември филмот ги освои Гранд При наградата на „Меѓународниот фестивал за анимиран филм Аниматор Фест“ во Јагодина и наградата од домашната публика на „Меѓународниот фестивал за краток филм Ѕирни“ во Скопје.

Од премиерата на фестивалот Анеси во јуни, „Неми Филмови“ досега е прикажан на 28 меѓународни фестивали и има освоено 7 награди.
Филмот е во продукција на Фокус Покус Филм и во копродукција на Флипбук Продакшнс, а е поддржан од Агенцијата за филм на Република С. Македонија.
Култура
Кавадарци го слави „Месецот на театарот“ со премиера на Чехов и богата програма во Домот на културата
Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци го очекуваат повеќе настани од областа на театарската уметност.
Во четврток, на 13 ноември 2025, со почеток од 19 часот, Театарот при Домот на културата Кавадарци, премиерно ќе ја одигра претставата “Предлог за брак/Мечка“ по текст на Антон Павлович Чехов. Претставата е состав на две едночинки. Режијата е на Микица Илова.
Во првата едночинка играат: Александар Малинков , Ивана Секуловска ,Саше Орешков, а во втората едночинка: Елена Илова, Петар Стојанов , Мартина Илиевска. Суфлер: Дијана Мишова; Костимограф: Сара Милевска; Сценска подршка: тим на Дом на култура Кавадарци; Светло/тон: Пепи Ангелов.
Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци е и организатор на манифестацијата “Месец на Театарот“ која годинава се оддржува по петти пат. Манифестацијата ќе биде отворена со изложба на избор плакати од претстави на Театарот при Домот на кутурата Кавадарци изминатите децении.
Официјалниот распоред е:
15.11 (сабота) Свечено отворање на манифестацијата со Изложба на театарски плакати
15.11 (сабота) “Ухљеби“, ДРАФТ Театар, Тузла, Босна и Херцеговина
17.11 (понеделник) “Петок 13“, Народен Театар Струмица
19.11 (среда) “Предлог за брак/Мечка“, Театар при Дом на култура “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци
22.11 (сабота) “Госпоѓа Министерка“, Театар “Џинот“, Велес
25.11 (вторник) “Смртта на еден човек на Балканот“, Театар при Дом на култура “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци
Сите претстави започнуваат од 19 часот.

