концерти
Премиерна изведба на дела од Перт, Ротару и од Ахо во Филхарамонијата

Овој четврток, во 20 часот, оркестарот на Филхарамонијата, ќе одржи концерт со наслов „Сеќавање на Б. Б.“, на кој како солист на флејта ќе настапи Матеј Јоакимеску од Романија, а диригент е маестро Габриел Бебешелеа. На програмата се дела од современата музика – првпат ќе прозвучат „Кантус во сеќавање на Бенџамин Бритн“ од Арво Перт и Концертот за флејта и оркестар на Дојна Ротару, а светска премиера ќе доживее Концертот за алт-флејта и гудачи бр. 2 од финскиот композитор Калеви Ахо.
„Кантус во сеќавање на Бенџамин Бритн“ (1977) е композиција од естонскиот композитор Авро Перт, напишана по смртта на англискиот композитор Бенџамин Бритн.
„Зошто ме погоди толку силно смртта на Бенџамин Бритн во 1976 година? Во ова време бев во фаза кога можев да ја препознам магнитудата на човечката загуба. Ме облеаја многу силни емоции. Токму пред неговата смрт почнав многу ја ценам едноставноста на неговата музика. Многу сакав да го запознам, но, за жал, тоа не се случи“, вели Арво Перт за ова дело.
Калеви Ахо (1949) е фински композитор, кој во своето творештво има дела напишани во разни стилови – од неокласицизам до модернизам и постмодернизам. Поради неговата иронична употреба и мешањето разни стилови и жанрови во музиката што ја пишува, го споредуваат со Густав Малер и Алфред Шнитке. Концертот за алт-флејта го напишал по иницијатива на романскиот флејтист Матеј Јоакимеску.
Дојна Ротару има уникатен и препознатлив стил, кој е изграден на архетипска естетика, која ги комбинира звуците и боите од романскиот фолклор. „Флејтата отсекогаш за мене беше волшебен инструмент, кој е присутен во повеќе култури, омилен инструмент што воспоставува софистициран дијалог меѓу луѓето и боговите. Емотивно сум врзана со звукот на овој инструмент, кој е толку топол, чист, рафиниран и богат со боја, можности и експресии. Досега сум напишала повеќе од 30 дела за флејта, меѓу нив и пет концерти“, вели Ротару.
Матеј Јоакимеску е еден од најпознатите романски флејтисти. Публиката и критиката ги оценува неговите настапи како авантуристички и восхитувачки. Редовно настапува на светските сцени како солист, но и во камерни состави, изведувајќи барокен, современ и кросовер репертоар.
Неговото деби-цеде Lumiére (2014), со пијанистката Каталина Буткару со музика од француски автори, доби одлични критики. Јоакимеску е носител на титулата амбасадор на интеграција, што му ја додели австриската влада за неговиот придонес во многу уметнички проекти што ја поттикнуваат интеркултурната размена.
Тој е исклучителен педагог и редовно одржува мастер-класи во Австрија, Полска, Хрватска, Унгарија, Романија… Член е на жирито на Интернационалниот музички натпревар во Романија и на Интернационалниот натпревар во Вараждин, Хрватска.
Јоакимеску е дипломец на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, во класата на проф. Барбара Гислер-Хасе. Добитник е на многу интернационални награди.
Многу композитори пишуваат дела специјално за него, еден од нив е и Концертот за алт-флејта и гудачи од Калеви Ахо, кој премиерно ќе прозвучи на вечерашниот концерт. „Матеј Јоакимеску е уметник што ги освојува нашите срца со својата силна енергија, со суптилниот израз и исклучителната сензитивност. Тој е многу талентиран и харизматичен музичар“, вели за него композиторот Калеви Ахо.
Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на оркестарот на Филхармонијата. Неговата музичка репутација бргу почнала да расте по воодушевувањата на критиката и публиката за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кои ги предводи оркестрите. Со Симфонискиот оркестар на Берлинското радио тој сними цеде со сè уште необјавената опера на Жорж Енеску – „Духови“, како и со својата „Пасторала – фантазија за мал оркестар“. На 30-годишна возраст маестро Бебешелеа беше етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната деценија во Романија. Добитник е на првата награда на натпреварот за диригенти „Ловро фон Матачиќ“ во Загреб (2015), како и на првата награда на натпреварот на Музичката младина во Букурешт (2011), а тој е и полуфиналист на натпреварот за диригенти „Донатела Флик“ на Лондонскиот симфониски оркестар (2014) и полуфиналист на натпреварот „Густав Малер“ со Бамберг симфонискиот оркестар (2016). Забележлив е и како оперски диригент и во 2011 година е именуван за шеф-диригент на Романската национална опера, со што ќе стане најмладиот шеф-диригент кога било во Романија. Во 2014 година ќе ја добие наградата „Најдобар диригент“ на оваа куќа. Својата репутација како диригент на опери ќе ја зацврсти со реализација на новата продукција на „Царска невеста“ од Римски-Корсаков на „Росини опера фестивалот“ во Пезаро, изведба што ќе добие високопозитивни критики. Во 2015 година Бебешелеа работел со едни од двајцата најценети диригенти во светот – Курт Мазур и Бернард Хаитинк. Во 2011 година ќе му биде доделена стипендија за да стажира со престижниот „Концертгебау оркестар“ во Амстердам, каде што имал можност да работи со големи диригентски имиња, меѓу кои и со Марис Јансонс, Хаитинк, Херберт Бломштед, Кристоф фон Донани, Давид Зинман… Една од големите пасии на Бебешелеа е да работи со млади музички уметници. Од 2011 година тој е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар, а редовно работи и со Романскиот младински оркестар. Дипломира оркестарско диригирање во 2010 година со Кум Лауде на Музичката академија во Клуж-Напока. Две години подоцна магистрира на Националниот музички универзитет во Букурешт, а потоа и докторира на истиот универзитет. Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

концерти
75 години организиран фолклор во Вевчани

Културно уметничкото друштво ,,Дримкол” од Вевчани вечерва во Домот на култура во Вевчани, ќе одржи Свечен јубилеен концерт посветен на: ,,75 години организиран фолклор во Вевчани”. На концертот ќе настапат сите ансамбли на друштвото: фолклорните, народниот оркестар, пејачката група Каданка, а гости на концертот ќе бидат членовите на КУД ,,Илинден” од Битола.
– Започнат од некогашните Вевчански скоевци и скоевки во далечната 1947 година, преку ученичките од нашата школа ,,Страшо Пинџур”, потоа преку младинската организација, прво до КУД ,,Печалбар”, а веднаш потоа до КУД ,,Дримкол” се движел и развивал фолклорот цели 75 години. Секој период низ годините – различен, секоја генерација – уште поразлична, низ времето, подеми, некогаш падови, но, ентузијазмот и љубовта кон фолклорот и кон Вевчани секогаш и кај сите била иста и непрестајна. Денес фолклорот е главно обележје на нашето место. КУД,,Дримкол” успеа да го подигне фолклорот на високо ниво со кое се гордееме сите ние кои истото го работиме, а за среќа гордоста е присутна и кај секој Вевчанец. Ова за нас е чест, но, во исто време обврска да продолжиме да ја негуваме, развиваме и презентираме фолклорната традиција во Вевчани, низ Македонија и насекаде низ светот – изјави Кирил Бебекоски, член на Управниот одбор на КУД ,,Дримкол” од Вевчани.
Поради интерес на публиката концертот ќе се прикажува во два термини, во 18,00 и во 20,00 часот. Оваа година концертот е под покровителство на Министерството за култура на Република С.Македонија кој го категоризира како проект од национален интерес за нашата држава.
концерти
ТРИПТИХ – современ звук и танцов перформанс преку мислата на Горан Стефановски

На 18 мај, со почеток во 20 часот, на скверот „Јас и ти“ во Дебар Маало во Скопје, ќе се реализира проектот ТРИПТИХ, кој претставува спој на три изразни видови уметност. Учесниците Дуња Иванова, Јована Зајкова и Горазд Китановски ќе ги обединат современиот звук за пијано и танцот преку мислата на единствениот Горан Стефановски.
Проектот е дел од Годишната програма за култура на Министерството за култура на РС Македонија.
Дуња Иванова е магистар по пијано, доктор на науки по филозофија, наставник и автор. Концертира со репертоар на современиот звук за пијано, музика од филмското платно, постминимализам. Остварува многубројни премиерни изведби на делата на Збигњев Прајснер, Филип Глас, Лудовико Еинауди, Арво Перт, Руичи Сакамото, Мајкл Најман, Тери Рајли, Стив Рајх, Микаел Сапин, Давид Федел, Бјанка Бан, Јан Тирсен, Макс Рихтер.
Јована Зајкова е танчарка и кореографка од Скопје. Дипломира при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип на катедрата за современ танц. Учествува во програмата на „Скопје танцов театар“ како стажист и настапува на реномирани фестивали во Македонија и странство.
Горазд Китановски е автор, поет, гласник на позитивната вибрација. Тој е национален победник во слем-поезија за 2021 година.
концерти
Меморијален концерт во чест на Александар Николовски

Утре, во МКЦ ќе се одржи меморијален концерт во чест на Александар Николовски, истакнат македонски музичар, кој твореше и настапуваше со повеќе џез-состави. Тој остави значаен белег во македонската џез-музика со својот единствен и препознатлив лиричен звук и овој настан преставува можност да се изведе музиката што тој сакаше да ја свири.
На концертот ќе настапат групите со кои тој создаваше разни форми на џез-музика – Next to Silence, Sethstat и FIN Project, како и нивните гости Ади Имери, Сашо Гигов-Гиш, Калина Велковска, Петар Христовски, Сенад Усеин, Горан Трајковски, Зарина Првасевда и Иван Петровски. Воедно, овој настан ќе биде убава можност на едно место да се соберат неговите соработници и пријатели и со музика да се поздрави она што Александар Николовски го остави зад себе.
Влезот на концертот е бесплатен, но поради ограничените места за седење, ќе биде неопходно да се набави билет. Билети може да се набават на интернет-страницата на МКЦ, кој исто така учествува во реализацијата на овој настан (https://mkc.mk/event/memorijalen-koncert/).