Култура
„Принцезата Ксенија од Црна Гора“ на Охридско лето: приказна за егзилот и траумата на малите народи и култури
Култната театарска претстава „Принцезата Ксенија од Црна Гора“ во адаптација и режија на Радмила Војводиќ, а во изведба на Црногорскиот народен театар од Подгорица вчеравечер беше на драмскиот репертоар на 65. издание на фестивалот „Охридско лето“.
На сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ играа Варја Џукиќ, Ана Вучковиќ, Дејан Иваниќ, Изудин Бајровиќ, Горана Драгашевиќ, Александар Радуловиќ, Јелена Лабан, Слободан Маруновиќ, Душан Ковачевиќ, Лазар Ѓурѓевиќ и Нада Вукчевиќ. Драматург на претставата е Божо Копривица, сценографијата е на Марија Калабиќ, а костимите ги изработи Борис Чакширан.
Истакнатата црногорска режисерка и драмска писателка Радмила Војводиќ, оваа драма ја поставува вторпат, во 1994 година и годинава, по три децении од првата изведба.

-Принцезата Ксенија ја работам вторпат и во секој случај станува збор за вонредна ситуација, од една страна затоа што сум автор на драмата а воедно и режисер, и не е чудно кога работите друг автор, но кога по вторпат ќе се најдете во некоја транспозиција, малку е чудно и има поголема одговорност , повеќе предизвици и поголеми ризици. Во подготовката се одлучив на некој начин да се контекстуализира тој театар и театарското искуство со претходната Ксенија и во таа смисла да допишам нешто, да го вклучам тоа во некој вид пролог и тоа отвори сосема нов пристап со самото тоа што е контекстуализиран самиот театар и театарското искуство. Така, има и глумци кои играа во првата претстава и сега, пред сè Варја Џукиќ која тогаш ја играше младата Ксенија, а сега ја игра старата Ксенија. Тоа создаде голема одговорност бидејќи претставата беше преполна, се играше во тие тешки времиња, во 1994 година, а и понатаму, и се бараше карта повеќе. Тоа е огромна одговорност но и некој вид дијалог на таа претстава со сопственото време што се случи преку прологот што го напишав. И самиот приод претставува еден вид театарски омаж но и еден критички дијалог со реалноста и современието, вели авторката и режисерка Војводиќ.
Претставата обработува теми за егзилот и траумата на малите народи и малите култури. Го отвора прашањето за контроверзноста на политичката моќ врз малите народи што е актуелно и денес, токму преку гласот на црногорската принцеза Ксенија кој останува жив и во современието.

-Темата е несреќата на една мала држава и на еден мал народ која постојано се повторува и се однесува на овие простори. Верувам дека приказната, не само во Црна Гора и во Македонија, туку на темата внатрешен егзил може да комуницира универзално. Значи, не станува збор само за несреќата на црногорскиот народ, туку и на сите мали народи бидејќи ние одново и одново мораме да се докажуваме и да започнуваме од нула. Тоа е судбината на малите народи и малите култури.Приказната е и химна на политичка непослушност на една жена со која можеме да се идентификуваме и во денешно време, приказна за тоа колку политиката може да биде деструктивна, немилосрдна, колку може да ги раздвои и да ги осами луѓето, појаснува Војводиќ.
Радмила Војводиќ е автор на повеќе драмски текстови. Режира текстови од класичната и современата драматургија и авторски драмски адаптации во театарските куќи во Црна Гора, Србија и Хрватска. Нејзините претстави се едни од најгледаните и најнаградуваните на голем број фестивали.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на новата детска претстава „Металковци патуваат“ на Малата сцена во МОБ
На 7 март во 11:00 часот, на Малата сцена на Македонската опера и балет, премиерно ќе биде изведена новата интерактивна музичко-сценска претстава „Металковци патуваат“, дел од проектот „Фамилија Металковци“. Истата ден ќе следи реприза во 13:00 часот, а следните изведби се закажани на 14 март во 11:00 и 13:00 часот.
Станува збор за нова продукција наменета за деца од 4 до 10 години, во изведба на брас квинтет составен од музичари од Македонската опера и балет. Претставата трае речиси еден час и комбинира музика во живо, сценска игра и постојана интеракција со публиката.
„Металковци патуваат“ ги носи најмладите на музичко патување низ различни култури, при што децата активно учествуваат, учат за дувачките инструменти и ја откриваат нивната звучна палета.
Проектот има јасна едукативна и културна мисија – поттикнување интерес за запишување во музички училишта и развивање културна публика од најмала возраст.
„Со проектот ‘Фамилија Металковци’ сакаме да создадеме одржлива културна публика уште од најрана возраст. Нашата цел не е само да поставиме нова претстава, туку да изградиме движење што ќе ја доближи класичната музика до децата на природен и современ начин. Доколку барем едно дете по претставата посака да запише музичко училиште, тогаш знаеме дека мисијата е исполнета.“
Со капацитет од 200 посетители по изведба, се очекува значителен интерес од семејната публика.
„Кога Металковци зборуваат – дечињата слушаат.
Кога Металковци свират – дечињата патуваат.“
Претставата е во организација на здружението Мак Брас, во копродукција со Македонската опера и балет.
Билетите се достапни онлајн на: https://mktickets.mk/event/metalkovci/ како и во сите книжарници на Литература.
Култура
Последна, 30. по ред изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“ во Битолски театар
На 04.03.2026 во 20:00 часот, сцената на Народен театар Битола ќе ја пречека 30-тата и воедно последна изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“, во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во истата заедно со актерот Александар Копања.
По тој повод, билетите се со 50 проценти попуст, по цена од 100 денари.
„Ова не е само промоција. Ова е покана. Покана да бидете дел од една завршница што се случува само еднаш. Последните изведби имаат посебна енергија – актерите играат со срце што знае дека за последен пат ја раскажува приказната, а публиката станува сведок на момент што повеќе нема да се повтори“, велат од битолскиот театар.
Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.
Култура
Љутков во Брисел на средба со Нела Рајхл: Фокус на младите, дигитализацијата и развојот на креативните индустрии
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во рамките на посетата на Брисел, денеска оствари работна средба со Нела Рајхл, претседателка на Комитетот за култура и образование при Европскиот парламент.
На средбата, Љутков ја истакна цврстата заложба на Министерството за култура и туризам за унапредување на културните политики, со акцент на младите, дигитализацијата и современата промоција на културното наследство, како и на системски развој на креативните индустрии.
Министерот ја потенцираше активната вклученост на Македонија во користењето на европските инструменти за помош и програмите за соработка со земјите членки на Европската Унија, вклучително и ТАЕКС (TAIEX) и другите ИПА-инструменти за претпристапна помош. Тој рече дека Министерството за култура и туризам ги имплементира програмите „Креативна Европа – Култура и Медиа“, кои овозможуваат поддршка за копродукции, мобилност на уметници, европски мрежи и градење институционални капацитети, додека Министерството за образование и наука ги спроведува програмите „Хоризонт“ (Horizon) – за истражувања во технологиите за дигитално наследство и „Еразмус +“ (Erasmus+) – насочена кон образовна и младинска мобилност.
Љутков нагласи дека Македонија ја препознава сѐ поголемата економска и општествена вредност на креативните индустрии, кои претставуваат стратегиски двигател на економскиот раст, иновациите и меѓународната видливост. Во таа смисла, ќе се интензивира соработката со европските земји кои ги препознаваат културните и креативни индустрии како приоритетен сектор.
Според министерот Љутков, акцент е ставен врз дигитализацијата и дигиталната трансформација, особено во заштитата и промоцијата на културното наследство. Тој рече дека како земја со исклучително богато културно наследство, Македонија посветува големо внимание на зачувувањето на јазикот, фолклорот, традиционалните занаети, фестивалите и музиката како континуитет на културниот идентитет.
Дополнително, тој информираше дека Министерството за култура неодамна го презеде и секторот туризам во својата институционална структура, со што се отвораат нови стратегиски цели за развој на културниот туризам и за воспоставување рамнотежа меѓу заштитата на наследството и современиот креативен развој.
На средбата соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно продлабочување на соработката, со цел унапредување на европските културни политики и зајакнување на улогата на културата во процесите за европска интеграција.

