Култура
Промоција на бугарското издание на романот „Турнеја“ од Сашо Огненовски во КИЦ на РСМ во Софија

Денеска, од 1830 часот, во галеријата на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија, ќе се одржи промоцијата на бугарското издание на романот „Турнеја“ (из. „Изида“) од македонскиот писател Сашо Огненовски. Романот ќе биде претставен од издавачот и книжевен критичар Пламен Тотев, преведувачот Маријан Петров и од самиот автор Сашо Огненовски.
Што се случува кога театар раководен од фатени за гуша медиокритети ќе тргне на светска турнеја?
Романот „Турнеја“ е безмилосна сатира за проблемите во театарската институција. Уметноста е уништувана малку по малку од желните за власт псевдоинтелектуалци.
Брилијантно конструираните ликови на Сашо Огненовски ги доживуваат своите лични трагедии на фонот на непрестаен распад, придружен со многу хумор и иронија. А загатката за тоа кој е мистериозниот Азазел (или Арлекин или Бегемот) кој потпишува смртни пресуди зад сцената го држи читателот на нокти до последната страница.
Кој ќе преживее последен? Тоа е прашањето.
Сашо Огненовски (1964, Битола) е актер, режисер и писател. Дипломирал на Факултетот за театарска уметност во Скопје 1987 година. Магистер по пиар и медиуми. Работел како наставник на Педагошкиот факултет во Битола. Има над 100 улоги во Народниот театар во Битола. Автор е на над 10 книги поезија, проза, драми и истражувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Драмски театар Скопје утре гостува на фестивалот РУТА во Тиват

Драмски театар со претставата „Хеда Габлер“ гостува во Тиват, Црна Цора. Од 7 до 12 април во организација на Центарот за култура Тиват се одржува црногорското издание на регионалниот театарски фестивал РУТА.
Премиерата на „Хеда Габлер“ беше на 20 април 2024. Гостувањето во Тиват ќе биде 12 изведба на претставата и второ гостување вон матичната сцена. Драмски театар со оваа претстава гостуваше на РУТА во Сараево во мај 2024 година и на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во јуни 2024г.
„Хеда Габлер“ е работена по текст на авторот Хенрик Ибзен. Режисер на претставата е Васил Христов, адаптацијата е на Викторија Рангелова Петровска и Васил Христов. Сценограф на претставата е Васил Христов и костимите се на костимографката Розе Трајчевска – Ристоска.
Улогите ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Хеда Габлер Тесман – Сања Арсовска, Судијата Брак – Зоран Љутков, Јерген Тесман – Владимир Петровиќ, Ејлерт Левборг – Дениз Абдула и ликот на Теа Тесман го игра актерката Сара Климоска.
Режисерот Васил Христов во програмската белешка за претставата го истакнува следното: „Во 1890 година Хенрик Ибзен ја скандализира театарската јавност и воопшто естаблишментот, создавајки уште еден женски лик кој отстапува од востановените општествени норми. Хеда Габлер како една од најпознатите (анти)хериоини во драмската литература одигрува значајна улога во подигнување на свеста за женските прашања. Ибзен создава женски лик кој одбива да живее и да им служи на конвенциите на патријархалното општество. Нејзината борба за автономност и потрага по совршенство како и нејзината амбиција да поседува „машка моќ“ да може да влијае како врз сопствената така и врз судбината на другите, резултира со убиство на самото совршенство. Нејзиниот чин остава трага кој ја симболизира борбата за родови права и еднаквост“.
Режисерот Христов посочува дека драмскиот текст „Хеда Габлер“, низ годините, многупати е поинаку режисерски толкуван и читан, драматуршки адаптиран, структурно видоизменуван, користен како мотив од автори вљубеници во неговото дело. Драмскиот материјал отвора можности внатре во него да се интервенира во согласност со современите театарски концепти, читања, толкувања условени и од општествените промени кои неминовно се случуваат. Денес кога менталното здравје, кризата на идентитет и морално – етичките норми се во фокус на интерес, драмата и Хеда Габлер како (анти)хероина стануваат дополнително актуелни и ги рефлектираат проблематизираните состојби во современото општество.
Претставата е на редовен репертоар во Драмски и наредната изведба ќе биде на 24 април 2025 година.
Култура
50-та јубилејна изведба на претставта „Разведи ме“ во МКЦ на 9 април

Во среда на 09. април, со почеток од 20:00, во МКЦ- Скопје, ќе биде одиграна 50-тата, јубилејна изведба на претставта РАЗВЕДИ МЕ, во режија на Роберт Ристов. Оваа комедија, во последните неколку години, со право можеме да кажеме дека го освои регионот а беше и наградена со ГРАНД ПРИ на Меѓународниот фестивал на дуодрама во Топола, Р. Србија. Претставата освен тоа што е изведувана, скоро низ сите градови низ Македонија, гостуваше и во: Трелеборг (Шведска), Белград, Нови Сад, Шабац, Рума, Шид, Врање, Сараево; Бања Лука, Вараждин…
Во претставата играат актерите Мирјана Ристов и Роберт Ристов, а во видеата, кои се дел од дејствието учество земаа: Зорица Панчиќ, Благоја Чоревски – Чоре и Љубомир Свановиќ (гостин од Бања Лука).
Не пропуштајте ја можноста да уживате во јубилејната 50-та изведба на урнебесната комедија „Разведи ме“, која експлицитно и без цензури ги отвара темите за неверството и разводот, ставајќи ве во ситуација да ги преиспитате воспоставените општествено -морални вредности.
Оваа 50 -та изведба е уште една потврда за достигнувањата на „Театар Провокација“, кој веќе 6-та година, успешно ја испишува својата приказна, како независен театар, чија мисија е да провоцира и биде совеста на општеството во кое живееме.
ПР
Култура
Музичко-поетска вечер со Марко Виденовиќ и триото „Мевлем“

Овој четврток, со почеток во 20 часот, во Камерната сала на Филхармонија ќе се одржи музичко –поетска вечер со Марко Виденовиќ и триото „Мевлем“.
Проектот „Мевлем“ е уникатна симбиоза на музика и поезија, создадена од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој преку своите дела создава извонредна уметничка комуникација помеѓу звуците и зборовите. Проектот вклучува премиерни изведби на композиции кои се специјално создадени за оваа прилика, што го прави овој циклус клучен за промовирање на домашното музичко творештво, со фокус на македонскиот културен идентитет. Во фокусот на „Мевлем“ е музичката содржина, која е внимателно дизајнирана за да го рефлектира духовното и естетското наследство на македонската култура.
Музичкиот состав кој учествува во „Мевлем“ е составен од врвни музичари: Памела Велкова (виолина), Верица Ајтовска (виола), Енис Аљи (виолончело) и самиот автор Марко Виденовиќ (пијано и глас). Овие уметници, со својата професионалност и посветеност, ќе ја пренесат креативната визија на проектот преку изведба на композиции и поетски рецитации, создавајќи уникатна уметничка атмосфера. Специјално за овој проект, Виденовиќ има компонирано 15 оригинални композиции кои совршено ја надополнуваат неговата поезија, што ја прави програмата богата и полна со емоционални и уметнички детали.
Виденовиќ, чија работа веќе има доживеано успех низ претходни концерти и поетски изданија, го гледа „Мевлем“ како начин за продлабочување на својата врска со публиката, која го следи неговото творештво преку социјалните мрежи и издадени книги. Проектот е плод на долгогодишна работа, со намера да се претстават културните и естетските вредности пред поширок аудиториум.
Со „Мевлем“, уметноста се претставува како составен дел од животот, нудејќи духовни, морални и емоционални вредности, а проектот овозможува уникатен простор за културна промоција на камерното музицирање во Македонија.