Култура
Промоција на книгата „Луѓенца“ од Лилјана Пандева
Културно-информативниот центар – Скопје,информира за промоција на книгата „Луѓенца“ од Лилјана Пандева, која се очекува да се одржи на 17.5.2022 година во 18 часот во „Култ парк“ (пред КИЦ – Скопје).
Штотуку објавената збирка раскази на Лилјана Пандева е со наслов „Луѓенца“. Наслов што интригира, составена е од седумнаесет раскази, што обработуваат теми од секојдневниот живот на еден урбан простор, поточно на Скопје. Но, темите се само подлога за стожерот на секој расказ, а тоа е обичниот, секојдневниот, незабележителниот, човек, кој е тука околу нас, а никој не му обрнува внимание. А тој е гладен („Ронка леб), тој има ретко заболување („Виолетовата китица“, Homo lupo lupus est), тој живее во страв („Аспиратор“), тој се бори да преживее („Ноќниот чувар“, „Импланти и слични такви нешта“), потчинет е во семејството („Послушна жена“), се обидува да се вклопи во нова средина („Петра и градоначалникот“), сака да биде разбран од околината („Аеродром“) итн.
Во оваа збирка раскази Лилјана Пандева ја преточува сета своја умешност во создавањето, односно во пресликувањето реалност во фикцијата. Или обратно, во нејзините раскази, особено во овие, реалноста и фикцијата се неразделни.
Книгата ќе ја промовира Владимир Мартиновски, модераторот на настанот Јулијана Величковска-Димоска, а делови од книгата ќе чита авторката.
Лилјана Пандева е родена 1964 година во Ново Село, Струмица, дипломирала 1989 година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Потоа магистрирала на тема „Поетските фигури на формата во македонската книжевност меѓу традицијата и иновацијата“, а со звањето доктор на филолошки науки се стекнува на Филолошкиот факултет при УКИМ со одбрана на докторската дисертација на тема „Адвербијализацијата во македонскиот јазик“.
Таа е автор на: „Новогодишни едночинки“, книга за деца; на поетската збирка „Љубов од А до Ш“; на збирката раскази „Канцелариски колумни“; на романите „Од агендата на Калина Калин“, „Возовите на Луцерн“ (преведени на германски јазик), „Доилката“ (добитник на наградата за најдобро прозно остварување „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за 2016 година, кој е преведен на српски јазик и на руски јазик).
Нејзиното најново прозно остварување е книгата „Дневници на една љубов“. Во 2020 го објавува романот „Два Божика“, во 2022 година збирката раскази „Заорани“, а во 2022 година збирката раскази „Луѓенца“. 2021 година е добитник на Првата награда за најдобар кус расказ, што традиционално ја доделува „Нова Македонија“ за расказот „Ронка леб“, објавен во збирката раскази „Луѓенца“, како и на наградата „13 Ноември“ од областа на културата, што ја доделува Град Скопје. Инаку, за оваа награда Лилјана Пандева беше предложена токму од КИЦ – Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Сиљановска-Давкова: Осумдесетгодишнината на ДЛУМ говори за огромното значење на уметноста за новосоздадената македонска држава
„Биеналниот „Зимски салон 2026“ е резултат на внимателно осмислениот концепт, што цели да обедини на едно место различни генерации сликари, со различни ракописи, насликани за различни генерации набљудувачи, сите гладни за уметност“, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка на 21 издание на оваа ликовна манифестација, во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, коешто годинава одбележува 80 години од своето постоење.

Во обраќањето, Сиљановска-Давкова го истакна огромното значење на ликовната уметност за културниот и духовниот развој на македонската држава. Според неа, „Зимски салон 2026“ е препознатлива и вредна ликовна манифестација што дава пресек на современите ликовни состојби, но и навестува нови правци во уметноста.

Според неа, уметничкото творештво има моќ да ги надмине географските и политичките граници, туркајќи ја македонската уметност во плоден дијалог со европските и светските текови: од модернистичките визии на Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, преку силниот израз на Петар Мазев и поетиката на Димитар Кондовски, до современите автори со иновативни форми и значења.

Годинашното издание на „Зимски салон“ е курирано од реномираната словенечка ликовна критичарка Лилјана Степанчиќ.

Култура
Дијалози на современиот авторски филм: регионални гласови и европски кинематографски традиции во програмата на Кинотека на Македонија – март 2026
Во месец март 2026 година, Кинотека на Македонија ја обликува својата програма како промислен и концептуално заокружен циклус на проекции посветени на современите регионални продукции и нивните дијалози со пошироките европски и светски филмски традиции. Оваа селекција не е само репертоар на актуелни остварувања, туку куриран простор за критичко преиспитување на авторскиот филм, неговата општествена релевантност и неговата способност да го артикулира искуството на поединецот во контекст на колективните историски, културни и емотивни трауми на регионот. Програмата ја потврдува улогата на Кинотеката како институција што ја негува филмската меморија и, истовремено, активно го поттикнува современиот авторски израз и дијалогот меѓу генерациите и кинематографиите.
Во фокусот на програмата се филмови што, преку различни естетски пристапи и наративни стратегии, го обработуваат прашањето на идентитетот – личен, семеен и општествен. Публиката повторно ќе има можност да го проследи Утре наутро во режија на Јани Бојаџи, интимен портрет на современиот човек заглавен меѓу инерцијата на секојдневието и тивката, но упорна потреба за промена. Филмот, со суптилна режисерска рака, ја истражува кревката линија меѓу надежта и разочарувањето, при што секојдневните гестови и погледи стануваат носители на подлабоки егзистенцијални дилеми и неми внатрешни конфликти.
Исто така, на програмата во март ќе можете да ја погледнете и моќната драма „Sentimental Value“ („Сентиментална вредност“) на Joachim Trier — суптилна и емотивна приказна за остарен филмски режисер и неговата отуѓена ќерка-актерка, која отвора прашања за уметноста, семејството и помирувањето. На 38. издание на European Film Awards во Берлин, филмот беше прогласен за најдобар европски филм, освојувајќи вкупно шест награди. Меѓу признанијата се најдоа и наградите за:
Со Приказната за Силјан на Тамара Котевска, програмата го проширува својот тематски регистар кон полето на митот, традицијата и колективната меморија. Преку својот препознатлив сензибилитет за човечката ранливост и односот меѓу човекот и средината, Котевска создава филм што функционира како поетска рефлексија за корените и нивното значење во современиот контекст. Во таа смисла, делото делува како мост меѓу минатото и сегашноста, меѓу колективниот наратив и личната приказна, отворајќи простор за преиспитување на начинот на кој традицијата се пренесува, трансформира и преживува во современоста.
Во истата линија на интимно и политички ангажирано авторство, проекцијата на Мајка на Теона Стругар-Митевска ја продлабочува програмската оска на мартовската селекција преку силен и бескомпромисен женски авторски глас. Режисерскиот пристап на Митевска е остар, но емпатичен, создавајќи филм што истовремено провоцира, вознемирува и повикува на солидарност, отворајќи прашања за телото, изборот и општествените притисоци што се впишуваат во интимните простори на женското искуство.
Кулминацијата на програмата доаѓа со проекцијата на Нов бран во режија на Richard Linklater, кинематографско рекреирање на пионерските денови на францускиот нов бран. Овој филм не е носталгична реплика, туку интелигентен омаж на еден од највлијателните периоди во историјата на европската кинематографија, кога младите автори радикално ги преиспитуваа формата, нарацијата и односот меѓу филмот и реалноста. Преку динамична визуелна структура и рефлексивен наратив, „Нов бран“ го актуелизира духот на бунтот и експериментот, потсетувајќи дека кинематографијата е жив медиум што постојано се обновува преку дијалог со сопственото минато. Вклучувањето на овој филм во програмата создава продуктивен контрапункт со регионалните остварувања: додека локалните филмови ги артикулираат специфичните социјални и културни контексти на Балканот, „Нов бран“ ја отвора перспективата кон пошироката историја на европскиот авторски филм и неговите естетски револуции.
Како целина, програмата на Кинотеката во март 2026 година функционира како внимателно куриран наратив за современиот филм и неговите корени. Таа ги поврзува интимните приказни на регионалните автори со историските пресврти на европската кинематографија, создавајќи простор за дијалог меѓу различни генерации, поетики и културни искуства. Преку оваа селекција, Кинотеката не само што нуди платформа за промоција на регионалните продукции, туку и ја потврдува својата мисија како културна институција што го третира филмот како уметнички и општествен чин. Мартовската програма, со својата тематска кохерентност и естетска разновидност, претставува покана до публиката за продлабочено гледање, критичко размислување и активно учество во живиот дијалог што го создава филмската уметност.
Култура
Патување низ различни музички светови со осмомартовскиот концерт на „Охридско лето“
По повод 8. Mарт, Денот на жената, во организација на НУ „Охридско лето“ ќе се одржи свечен осмомартовски концерт со настап на гитаристот Дејан Милевски. Концертот, кој ќе се одржи на 7. март во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 20 часот, ќе понуди богата стилска палета, од барокна елеганција, преку романтична лирика, до шпански и латиноамерикански музички колорит, создавајќи свечена атмосфера достојна за одбележување на празникот на жената. Влезот за концертот е слободен.
„Овој концерт претставува музичка честитка за сите жени. Преку убавината на класичната гитара и преку делата кои истовремено носат нежност, страст и сила сакаме да ја пренесеме токму таа симболика. Веруваме дека културата и уметноста се највисоката форма на оддавање почит, а овој концерт е симболичен, но искрен гест на благодарност кон сите жени. „Охридско лето“ останува доследно на својата мисија да создава настани што афирмираат вредности и почит преку врвната уметност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно одбрана музичка програма со делата на Агустин Бариос Мангоре, Франсоа де Визе, Антонио Хименес Мањон, Астор Пјацола, Мигел Љобет, Франц Шуберт, Јохан Каспар Мерц и Хоакин Малатс.
„Програмата нуди патување низ различни музички светови, од префинетата барокна елеганција на Франсоа де Визе, преку романтичната лирика на Шуберт и Мерц, и шармот на шпанската традиција кај Мањон, Љобет и Малатс, до страствените ритми на латиноамериканската гитара со Бариос и Пјацола“, вели Цуцковски.
Дејан Милевски е роден 1996 година во Охрид, Македонија. Своето музичко и гитарско образование го започнува на единаесетгодишна возраст во државното музичко училиште во Охрид во класата на проф. Александар Крстаноски. На четиринаесет години музичкото образование го продолжува во државното средно музичко училиште во Скопје (ДМБУЦ) како музичар изведувач- гитара во класите на проф. Дарко Багески и проф. Борче Наумоски.
За време на своите средношколски денови, Дејан освојува неколку награди на државни и интернационални натпревари по гитара. Истовремено е дел од неколку камерни состави со инструменталисти и соло пејачи, со кои настапува на многу настани во средното музичко училиште, но и надвор од него.
Во 2017 година го положува приемниот испит за додипломските студии на Факултетот за музика и танц во Келн, Германија, а во 2021 дипломира со највисоката оцена. Веднаш по завршниот испит го положува приемниот испит за магистерските студии на истиот факултет во Келн, Германија (“Hochschule für Musik und Tanz-Köln”) во класата на професорот Герхард Рајхенбах, а во 2024 година магистрира со највисокото признание.
Има учествувано на многу познати народони и меѓународни гитарски фестивали и натпревари како Guitar Art Festival Belgrade, Sarajevo Guitar Festival, Peja Guitar Festival- Kosovo, Gorizia Guitar Competition (Италија) и Tirana Guitar Festival, каде има освоено неколку награди.Исто така, учествувал и на многу семинари со реномирани професори и уметници од светската сцена.
Од 2019 до 2021 година предава класична гитара во музичкото училиште во Линторф, Германија, а во 2020 до 2022 година започнува да предава и да го води гитарскиот оркестар и во музичкото школо во Шпрокховел, Германија.
Дејан Милевски има настапувано на многу концерти во Македонија, Австрија, Италија, Германија, САД. Од 2022 година е вработен како професор по гитара во музичкото училиште „Helmut Schmidinger” во Грац, Австрија.

