Култура
Промоција на книгата „Слободата на стихот“ во Кинотека

Денес во Кинотеката на Македонија во 19 часот ќе се одржи промоција на книгата „Слободата на стихот“, ретка научна студија за слободниот стих со анализа на стихови од современата македонска поезија.
Промотори на книгата се: проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска и д-р Атанас Чупоски.
Kнигата „Слободата на стихот“, студија за македонскиот слободен стих од Сузана В. Спасовска, претставува магистерски труд на авторката, одбранет на Филолошкиот факултет во далечната 2002 година.
Рецензенти на изданието се професорите д-р Венко Андоновски и д-р Славен Јуриќ од Загрепскиот универзитет.
Во рецензијата за оваа книга, меѓу другото, може да се прочита и следново: „Спасовска направила две нешта: прво, сумариум на досегашната стихологија на балканскиве, и потесно на македонските простори и второ, понудила своја типологија на слободниот стих. Тоа е крупен чекор не само за стихологијата, туку за филолошката наука воопшто“.
Книгата на 270 страници го проблематизира прашањето на слободниот стих во теориската литература и преку структуралистичко-семиотички пристап прави обид да го дефинира слободниот стих, да ги категоризира неговите карактеристики и да направи типологизација на видовите слободен стих.
Книжевните анализи во книгата се направени врз примери од поезијата на осум современи македонски поети: Конески, Шопов, Тодоровски, Матевски, Урошевиќ, Ѓузел, Павловски и Ренџов. Книгата „Слободата на стихот“ претставува една од ретките научни публикации посветени на прашањето на слободниот стих. …
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Поетско читање на фестивалот „Крик“ – фестивал за критичка култура

Во рамките на програмата на „Крик“, фестивал за критичка култура, вечерва ќе се одржи поетско читање и одбележување на двотомното издание на преводот од француски на англиски јазик на книгата на Нејтан Браун, „Сенката на Бодлер – есеј за поетската определба“. Ќе биде промовирано и придружното издание на анализата на преведувачот Џед Расула. Станува збор за заеднички издавачки меѓународен проект на Мултимедијалниот институт од Загреб и „Контрапункт“ од Скопје. Настанот ќе се одржи во предворјето на Даутпашиниот амам. За изданието ќе говори Петар Милат (Хрватска).
„Централна, неизбежна противречност, се провлекува низ цвеќињата на злото: да се биде одлучен, значи да се одреди. Во Бодлеровата сенка, Нејтан Браун го разјаснува и теоретизира овој дијалектички проблем на определување, кој се проткајува низ духовните, сексуалните, метафизичките, социјалните и естетските драми на обемот на Бодлер. Комбинирајќи блиска формална анализа на одредени песни со синтетичко разбирање на книгата како целина, притоа развивајќи филозофски пристап способен да се справи со нејзините сложени иронии, Браун ги проучува фигурите на посредување преку поглавјата фокусирани на смртта, празнината и актуелноста на општественото“, вели професорот Браун.
Синоќа, во магичниот простор на Сули ан се одржа настанот „Гозба или за љубовта“ – концептуален, перфромативен дијалог во духот на Платоновите симпозиуми, каде што Елизабета Шелева, Славчо Димитров, Никола Маџиров, Владимир Јанковски, Петар Милат (Хрватска), Милица Пекиќ (Србија) и Ивана Хаџиевска и Артан Садику со храна и пијалак заедно со публиката говореа за нивните сфаќања за демократија и слободата во 21 век. Како треба да изгледа вистински демократска заедница, дали развојот на технологијата ни донесе повеќе слобода, дали вистинската демократска заедница е утопија, каква е улогата на љубовта во политиката, беа некои од темите за кои се разговараше на овој настан.
„Крик“, фестивал за критичка култура, е платформа која се застапува за афирмација нa уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање општествените процеси.
Програмите на „Крик“ се креирани за да поттикнат во јавната сфера критичка дебата преку која би се промовирал социо-културниот капитал како јадро што е длабоко поврзано со најрелевантните политички и општествени теми.
Култура
Изложба на фотографии од Ник Кејв за почеток на „Скопје синема сити“

Осмото издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје синема сити“ ќе се отвори со изложба српскиот рок фотограф Немања Ѓорѓевиќ.
Изложбата има наслов They Long for the Light of Your Touch и е комплетно посветена на годинешниот лауреат на фестивалот, Ник Кејв, кој ќе добие признание за животно дело.
Изложбата ќе се одржи на 29 јуни со почеток во 20 часот во галеријата на КИЦ.
Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм, Министерството за култура на РСМ, Кинотеката на РСМ, Културно-информативниот центар, Здружението на Србите во Македонија „Спона“, а во организација на здружението „Номад-арт“.
концерти
„Лудориите на Чаплин“ – концерт на отворено во Градскиот парк

Вечерва, во 21 часот, во Градскиот парк, ќе се одржи традиционалниот концерт на отворено на оркестарот на Филхармонијата, посветен на генијалниот Чарли Чаплин.
Оркестарот ќе ја свири музиката од филмот „Детето“ од 1921 година, а паралено ќе оди и проекција на истоимениот филм. Диригент е Џијан Емин.
Со својата неверојатната умешност преку превезот на комичното да детектира и презентира разни човечки состојби и емоции, Чарли Чаплин целосно ја трансформира светската кинематографија, особено во жанрот на комедијата, на која ѝ даде сосема нова естетска и социјална димензија.