Култура
Промоција на нов хумористичен роман од Кацаров во „Матица македонска“
Во рамките на манифестацијата „Книга во секој дом“, утре, во книжарницата на „Матица македонска“ на Булеварот на книгите Св. Климент Охридски, со почеток во 12 часот, ќе се одржи промоција на новиот хумористичен роман на Трајче Кацаров, „Романот за Чарли Офтика – Туркачот“.
Роман во кој комичните ситуации, градени преку ликовите предадени на емпатијата, љубовта, љубомората, зависта, се нижат како на филмска лента, веродостојно и нужно, притоа правејќи ја содржината лесно читлива, односно, лесно видлива.

Новото дело на Кацаров, всушност е роман за киното. За киното како празник што го следи современиот човек. Киното како инкубатор на емотивни стерсови и реакции најчесто изрзени низ извици: „Аууу! Уааа! Ејјјј! Бреее! Тууу! Пу јазк!“ Но, и антологија на случките во киното и надвор од него приредена од протагонистите во „Романот за Чарли Офтика – Туркачот’ на туѓи терети и сопствени заблуди и адвокатот, докторот по правни науки Алексеј Миро. Роман што ви овозможува читајќи да гледате, а гледаното да го видите.
„Поради големата застапеност на хумор во него, романот е забранет за оние што не знаат да се смеат, но и за оние што се смеаат до зајдување. Ако го набавите денес, смеењето ќе ви почне од вчера!“ – стои во најавата на промоцијата, на која читателите ќе можат и да поразговараат со Кацаров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот проект „Балада за лонецот и капакот“ доби 9.000 евра за развој на сценарио
Филмот „Балада за лонецот и капакот“ во режија на Вардан Тозија, а во продукција на Ивана Шекуткоска и Минимал Колектив Продукција, е меѓу избраните проекти што ќе добијат финансиска поддршка во рамки на 2025 Funding Round на SEE Cinema Network.
Официјалната најава беше објавена во рамки на 66. Меѓународен филмски фестивал во Солун (TIFF66), каде што SEE Cinema Network ги претстави добитниците на овогодинешниот развоен фонд, соопшти Агенцијата за филм.
Секој од поддржаните проекти ќе добие 9.000 евра наменети за развој на сценарио и подготовка на продукција.
Култура
Нова меѓународна награда за „Златната пеперутка“ со Биби и Боби
Проектот за долгометражен анимиран филм „Златната Пеперутка“, со омилените детски херои Биби и Боби, освои ново меѓународно признание – наградата „Млади Хоризонти“ (Young Horizons Award) на престижниот CEE Animation Forum, што се одржа од 4 до 6 ноември во Плзењ, Чешка.
На форумот беа претставени 29 проекти од 15 земји, пред повеќе од 200 претставници од европската анимациска индустрија: продуценти, режисери, телевизиски уредници и дистрибутери.
Ова е втора награда за „Златната Пеперутка“, по MIA Development Award која проектот ја доби во октомври годинава на MIA Market во Рим – еден од водечките европски филмски пазари.
„Франција ги има Астерикс и Обеликс и Мињоните, Англија ги има Валас и Громит, Русија ги има Маша и Медо, Хрватска го има Балтазар, а Белгија го има Тин-Тин. Нашата цел е децата од светот да слушнат за Македонија преку Биби и Боби“ – изјави режисерот Гоце Цветановски.
„Златната Пеперутка“ е еколошка авантура за целото семејство. Во филмот, Биби и Боби патуваат во амазонската џунгла во потрага по легендарната златна пеперутка, симбол на рамнотежа меѓу човекот и природата. Нивната мисија ги води кон митскиот град Ел Дорадо, каде ќе мора да ги здружат своите сили за да ги победат темните сили што демнат во џунглата.
Македонски продуценти на проектот се Македонска Крепост, Светот на Биби и Тун Моушн Студиос, а филмот ќе се реализира во копродукција со Аргентина, Шпанија, Колумбија и Бразил.
Култура
Балетското дело во два чина „Госпоѓа Бовари“ на 18 ноември на сцената на Националната опера и балет
На 18 ноември со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетот „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер. Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.

Диригент на изведбата е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Климент Тодороски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.

Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз и Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство.

