Култура
Промоција на романот „Последните денови на Ханс“ од Михајло Свидерски

Македонскиот писател Михајло Свидерски ќе гостува во КИЦ на РС Македонија на 25 октомври (петок) од 18:30 часот по повод својот роман „Последните денови на Ханс“. Ќе го претстави издавачот и книжевен критичар Пламен Тотев. На настанот ќе учествува и преведувачката Тања Попова.
Во романот има загатка која веднаш ја зграпчува љубопитноста, извонреден психологизам кој го пленува читателот и пророчка длабочина со видение за невидливите кукловоди кои владеат со општеството.
Германски емигранти се населиле во едно зафрлено село некаде во Јужна Америка. Тие живеат во изолација, исклучувајќи ги посетите на малиот Сантијаго, кој му служи на стариот и болникав господин Ханс. Двајцата стануваат пријатели и момчето ги впива знаењата на беспомошниот и никому нужен старец. И додека селото е потресено од насилното преземање на власта во земјата (хунта, тоталитаризам), во болната свест на старецот, кој го крие својот вистински идентитет, вилнеат сеќавања од неговото минато – како понижено, малтретирано и угнетено дете, неостварен уметник, психопат диктатор, кој го потчинил половина свет со своето влијание. Зарем тој не е поврзан и со убиствата на луѓе од селото?
Роман во кој загатката не се открива до последната страница. Референците за конкретната историска личност се очигледни, но дали ликот е навистина тој, Адолф Хитлер? Читателот се претвора во детектив, во лавиринтите на психолошката драма.
Модерен европски роман кој може да се постави до делата на Шницлер, Џојс и Волф, неслучајно номиниран за најпрестижната македонска книжевна награда – „Роман на годината“ како и за Европската награда за литература, вели организаторот.
Покрај маестрално извајаниот наратив, романот импресионира со своите болно прецизни размислувања за слободата, осаменоста, стравовите и насилството што раѓа насилство.
Михаjло Свидерски создал роман кој го надминува балканскиот регион и е дело од светска класа, се истакнува во информацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Неколкудневна турнеја на Театар Провокација низ регионот со „Земја на штркови“

Театар Провокација ја најавува својата неколкудневна турнеја низ регионот, со претставата „Земја на штркови“, која започнува на 13-ти мај, со учеството на фестивалот „Друмеви театрални празници“ во Шумен, Р. Бугарија, по кое следуваат и гостувањата во Србија (од 15.05 до 18.05) низ градовите: Белград, Вршац и Панчево.
Претставата „Земја на штркови“ отворено зборува за големиот бран на иселување на македонците во последниве неколку години и за очајната потреба од системски промени, како главна причина за заминување на младите во поразвиените земји.
Скопската публика оваа претстава ќе може да ја погледне во среда, 23-ти април во МКЦ со почеток од 20:00.
Во претставта играат: Мирјана П.Ристов, Радо Алексовски, И.Јакимова и Р. Ристов. Текстот е работен по мотиви од „Топлината во ноември„ од Јана Добрева, костимите се на Елена Лука, автори на музиката е на Оливер Јосифовски и Давор Јордановски, вокалот е на Вера Милошебвска – Љубојна, сценските движења на Кренаре Невзати а адаптацијата на текстот, сценографијата и режијата се на Роберт Ристов.
Култура
Почина Тоше Поп-Симонов

Истакнатиот македонски композитор, продуцент и аранжер, Тоше Поп – Симонов почина денеска на 63 годишна возраст.
Поп-Симонов својата музичка кариера ја започна во 1980-тите, како еден од основачите и гитарист на култната скопска рок група „Бастион“, а потоа и гитарист на рок бендот „Асторија“.
Тој остави силен белег на македонската музика во периодот на 1990-тите, кога соработуваше со речиси сите позначајни имиња од поп, рок, како и од фолк сцената во земјава и изведувачи од регионот, меѓу кои и Тоше Проески, Мизар, Архангел, Меморија, Анастасија, Дарио, Верица Пандиловска, Силви бенд, „Фрајле“ и Алка Вуица.
Неговите пријатели и соработници се простуваат од него со објави на социјалните мрежи.
Погребот на Поп-Симонов ќе се одржи во вторник, на 22 април 2025 година, на градските гробишта во Бутел од 11:30 часот.
Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ се прикажува на меѓународниот филмски фестивал во Москва

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ на Гоце Цветановски синоќа беше премиерно прикажан во Москва, во рамки на престижниот Moscow International Film Festival (Меѓународен филмски фестивал – Москва).
Московскиот фестивал важи за еден од најголемите во светот и е класифициран во А листата на филмски фестивали, заедно со Кан, Берлин, Венеција.
Основан е во 1935 година, a редовно почна да се одржува од 1959 година. Фестивалот е познат по тоа што комбинира светски премиери, авторски филмови и амбициозни независни продукции од различни земји.
„Јон Вардар против галаксијата“ денес ќе има уште една проекција во Москва.
Првиот македонски долгометражен анимиран филм успешно го продолжува својот фестивалски живот, откако минатата недела се прикажуваше и на меѓународниот фестивал во Буенос Ајрес, БАФИЦИ, кој се смета за најголемиот и најважен фестивал за независен филм во Латинска Америка.
„Јон Вардар против Галаксијата“ е поддржан од Агенцијата за филм, со копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо од „Линкс студио”, Ева Конрад, браќа Калинови и Ладо Скорин, арт директор е Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Во главните улоги настапуваат Жарко Димовски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска.