Култура
Радован Павловски – добитник на повелбата „Блаже Конески“ за 2020 година
Поетот и академик Радован Павловски е добитник на повелбата „Блаже Конески“, која на секои пет години ја доделува Друштвото на писатели на Македонија.
Пред пет години Друштвото на писатели на Македонија ја започна традицијата за доделување повелба со името на нашиот најистакнат книжевник и лингвист – Блаже Конески. Повелбата се доделува за врвни творечки остварувања од парадигматски карактер, што оставиле трајни белези во развојните процеси на македонската литература и што имаат значајни проблесоци во литературните и културни центри во Европа и во светот. Прв добитник во 2015 година беше поетот и академик Матеја Матевски.
Годинашен добитник е Радован Павловски, еден од најпреведуваните и најнаградувани македонски поети. Согласно условите диктирани од пандемијата, Друштвото на писатели на Македонија, повелбата на Павловски свечено ќе му ја врачи во септември 2021 година во Небрегово, родното место на Конески. Во меѓувреме ДПМ го подготвува и првиот број од ревијата „Стожер“ за следната година, во која лице во фокус е токму Радован Павловски.
Акад. Радован Павловски е поет, есеист и патописец. Роден е на 23 ноември 1937 година во Ниш, Србија. Неговото семејство во 1940 година се враќа во Железна Река. Тука го завршил основното образовани, а средното во Гостивар. Студирал право и литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Во 1955 година се огласува со песни од Железна Река во весникот „Млад борец“ и во списанието „Млада литература“. Својот живот го посветува на поезијата, која ја твори повеќе од шест децении. Првите поетски објави му датираат од 1952 година, а веќе од летото 1955 година целосно се определува за светот на поезијата создавајќи ги првите песни од збирката „Суша, свадба и селидби“.
Член е на Друштвото на писатели на Македонија, на Македонскиот ПЕН-центар, а бил член и на Сојузот на писателите на СФРЈ. Во 2006 година е избран за редовен член на МАНУ.
Добитник е на наградите „Браќа Миладиновци“ (1965, 2002), „11 Октомври“ (1971), „Кочо Рацин“ (1975), „Повелба на печалбарите“ (1990), „Гоцевата повелба“ (1991), „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга (1995 и 2014), Жезолот на ДПМ (2002) и Благодарница од Струшките вечери на поезијата за унапредување и развој на поетскиот фестивал (2011). Американскиот биографски институт го прогласи за Личност на годината за 1997 како „еминентна личност наведена во меѓународно и национално признати биографски дела“.
Радован Павловски е добитник на светското признание за животно дело за 1998 година (АБИ – САД). Во тринаесеттата едиција – интернационалното издание „Кој е кој меѓу интелектуалците“ од Интернационалниот биографски центар со седиште во Кембриџ, Англија, во 1999 година е објавена детална биографија и библиографија на акад. Радован Павловски. Во континуитет во изминатите шест децении тој е еден од најпреведуваните македонски поети во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Факултетот за музичка уметност го најави годишниот концерт „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“
Факултетот за музичка уметност – Скопје го најави годишниот концерт насловен „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“, кој ќе се одржи во петок, 5 декември, со почеток во 20:00 часот во Големата концертна сала на Македонската филхармонија. Настанот е дел од одбележувањето на 59-годишнината од постоењето на институцијата.
ФМУ – Скопје истакнува дека како алма матер на голем број уметници од земјата и регионот, останува централниот столб на музичкото и балетското образование, создавајќи генерации изведувачи, педагози и творци кои го обликуваат уметничкиот живот во Македонија.
На концертната програма ќе настапат Симфонискиот оркестар на ФМУ, Мешаниот хор „Драган Шуплевски“, Камерниот гудачки оркестар „ФМУ Солисти“, Оркестарот од народни инструменти со солисти, студенти од Катедрата за балетска педагогија, од Катедрата за џез и популарна музика, како и дувачкиот ансамбл на ФМУ, под водство на проф. м-р Цанев, проф. м-р Татарчевски и доц. м-р Спироски.
Публиката ќе има можност да слушне дела од Пурсел, Сен-Санс, Прокофјев, Тиле/Вајс, Коен, Сусато, Горецки, Гершвин, македонска традиционална музика, како и нови композиции од студентите А. Голчева и М. Цветановска.
Влезот на настанот е слободен.
Култура
Сè што ни е заедничко“ – во МСУ изложба што го иницира прашањето „Дали навистина го дишеме истиот воздух?“
Сè што ни е заедничко (Институција во дишење) – нова изложба во МСУ-Скопје од 27 ноември
Во Музејот на современата уметност – Скопје на 27 ноември 2025 година, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Сè што ни е заедничко (Институција во дишење)“, кураторски проект на Мира Гаќина и Јованка Попова.
Во изложбата учествуваат Forensic Architecture, Денис Фереира да Силва и Арџуна Неуман, Дурмиш Ќазим, Џумана Мана, Зорица Зафировска и Палестинскиот музеј.
Проектот тргнува од прашањето дали навистина го дишеме истиот воздух. Изложбата го поставува воздухот како ресурс што формално го делиме, но не и еднакво, укажувајќи на токсичните атмосфери – буквални и политички – и на позицијата на маргинализираните заедници.
Инспирирана од концептот на Фанон за „борбено дишење“, поставката ги истражува уметничките практики што откриваат колонијални, империјални и капиталистички структури впишани во воздухот што го дишеме. Авторите визуелизираат токсични облаци, архиви на насилство и невидливи атмосфери што влијаат врз секојдневието.
Паралелно со изложбата, која ќе трае до крајот на февруари, ќе се одржат јавни програми. Во рамките на проектот „Институционални градини“ на Зорица Зафировска ќе има детски работилници за садење и изработка на семенски топчиња, активности за чистење и обновување на просторот околу МСУ, поставување компостна кутија и прикажување едукативни видеа.
Со оваа поставка МСУ-Скопје се претставува како „институција во дишење“ – отворена, инклузивна и ориентирана кон заедницата, со повик за заедничко размислување и акција. Визуелниот идентитет на проектот е дело на Албана Бектеши.
Култура
Промоција на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска
Во среда, 3 декември, со почеток од 19:00 часот во „Јавна соба“, Скопје, ќе се одржи промоцијата на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска, посветена на најпознатата и најуспешна македонска кореографка за современ танц ‒ Рисима Рисимкин. Изданието е на „ПНВ Публикации“ и објавено е со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Монографијата низ разговор со Јасна Франговска и Рисима Рисимкин ќе ја претстави Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.
Во ова обемно и луксузно издание, на 180 страници, опфатени се сите значајни аспекти од 45-годишната кариера на Рисима Рисимкин ‒ од самите почетоци како балерина, со сите предизвици со кои се соочувала, до големите успеси што ја дефинираа како истакната кореографка од областа на современиот танц, којашто со нејзината едукациска работа зад себе остава нови генерации танчари и кореографи. Рисима Рисимкин е клучна фигура во македонската култура, а нејзиниот труд годинава беше крунисан и со високото признание ‒ Витез на францускиот ред на уметностите и книжевностите што го доделува државата Франција.
Покрај извонредно питкото писмо на Франговска, што на многу топол и непосреден начин го доближува животниот и професионалниот пат на Рисимкин, извадоците од позначајните рецензии за нејзините дела и обраќањата до читателот од самата Рисима, изданието е збогатено и со неверојатни фотографии од личната архива на Рисимкин и од архивата на „Интерарт културниот центар“, чиишто автори се: Андреј Гиновски, Драган Перковски, Сашо Димоски, Сердар Ајдин, Aнтонио Пиштолов, Ивана Тасев, Олга Ибатулина, Зоран Велјаноски ‒ Летра, Емил Петров и Борис Грдановски.
„Би ја опишала како македонската Пина Бауш, потпрена на белиот балет, којашто во еден момент посакува да излезе од таа рамка и да оди во слободата на движењето…“, ќе изјави Мирјана Радочевиќ за „Политика“, Белград во 2003 г.

