Култура
Ревија филмови на Митко Панов во Кинотеката

Кинотекатата организира ревија филмови на режисерот, сценарист и продуцент Митко Панов на 9, 10 и 11 декември во кинотечната сала. Филмофилите ќе имаат можност да ги видат неговите кратки филмови „Со кренати раце“ (креативен документарец) и „Ливада“ (игран), долгометражниот документарец „Земјаци“ и долгометражните играни филмови „Војната заврши“ и „Сведок“ (во кој славниот актер Бруно Ганц ја оствари неговата последна главна улога на филм). Панов ќе биде присутен на проекциите и ќе одговара на прашањата на публиката.
Митко Панов (Скопје, 17.4.1963) студирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Во периодот од 1983 до 1988 студира филмска режија на Високото државно училиште за филм, телевизија и театар во Лоѓ, Полска. Неговите остварувања се емитувани на многубројни телевизиски станици, како PBS, А & Е, ZDF, Channel + и Channel 4. Првиот негов краток филм „Леб и сол“ е снимен 1986 во бродоградилиштето „Ленин“ во Гдањск, местото каде што во 1980 година е формиран независниот синдикат „Солидарност“ и жариште на демократките промени во Полска во осумдесеттите години.
Митко Панов со својот студентски филм „Со кренати раце“ (во полска продукција), снимен во 1985 година, е сосема нетипичен изданок. Тој филм по шест години, во 1991, учествува на фестивалот во Кан и ја добива „Златната палма“ за најдобар краткометражен филм. Претходно, филмот исто добивал награди на фестивалите во Краков, Минхен, Тел Авив, Римини и Монте Касино, но наградата во Кан ја заокружи неговата приказна. За краткиот документарец „Бериќет“ (кој е дел од трилогијата „Човекот и трудот“) во 1995 на Меѓународниот филмски фестивал „Исмаилија“ (Египет) доби гран при за режија.
Панов со децени предава филм на универзитети во САД и Европа. Еден од неговите студенти бил и режисерот Стив Меквин (Steve McQueen) од Англија, оскаровец со филмот „12 години ропство“ (12 Years a Slave, 2014) и еден од најуспешните режисери во последната деценија во светот.
Екранизацијата на романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски останува негов сè уште неостварен филмски сон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Изложба на Друштвото на ликовните уметници на Македонија во македонскиот КИЦ во Софија

На 19 септември, со почеток од 18:30 часот, во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи отворањето на изложбата на Друштвото на ликовните уметници на Македонија со наслов „Експериментален цртеж“.
Изложбата ќе биде отворена во присуство на претседателката на ДЛУМ – проф. д-р Јана Манева Чупоска, претставници на управниот одбор, совет и членови на Друштвото.
Учествуваат 42 ликовни уметници: Синиша Новески, Иво Пецов, Јасмина Главинче, Стефан Младеновски, Татјана Ристовска – Керакамика, Јана Јакимовска, Ана Ивановска, Ненад Тонкин, Ирена Паскали, Дејан Иванов – Маргуш, Дијана Томиќ-Радевска, Марина Цветановска-Мартиновска, Стефан Јакимовски – Стеф, Марија Сотировска-Богдановска, Марија Мицова-Гацова, Кирил Гегоски, Валентина Илијевска, Ристо Мијаковски, Љубица Мешкова-Солак, Гоце Божурски, Ивона Велковска, Страхил М. Петровски, Борче Богоевски, Трајче Чатмов, Ангел Димовски, Душан Георгиевски, Златко Глигоров, Ана Спасова, Христина Зафировска, Ацо Таневски, Стефан Анчевски, Филип Јовески, Јана Манева-Чупоска, Јовица Мијалковиќ, Шќипе Мехмети, Софија Грабулоска, Златко Хаџи Пецов, Анета Стојчевска, Драган Вреговски – Алпи, Марија Чепешиева, Слободан Милошески, Љупка Делева.
Култура
МНТ со „Ничија земја“ ќе го отвори новиот европски фестивал „Acting Europe – театар без граници“ во Ќустендил

Утревечер, на 18 септември, Македонскиот народен театар ќе ја отвори првата фестивалска вечер на новиот европски фестивал „Acting Europe – Театар без граници“, кој ќе се одржи од 18 до 21 септември во Ќустендил, соседна Бугарија.
Тамошната публика ќе има можност да ја погледне претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ, во режија на Александар Морфов, со искусните актери: Сашко Коцев, Тони Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Борче Начев, Оливер Митковски, Софија Насевска-Трифуновска Александар Михајловски, Томе Станковски, Александар Ѓорѓиески, Ненад Анѓелковиќ, Никола Стефанов, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Ивановски и Марија Кондовска.
Првото издание на фестивалот „Acting Europe – Театар без граници“ ја нагласува улогата на меѓукултурната разновидност на европската театарска сцена, преку претставување класични и современи продукции од различни земји.
„МНТ со задоволство ја прифати поканата да го отвори првото издание на новоформираниот меѓународен фестивал во Ќустендил, чија мисија е да прерасне во активна европска сцена за уметничка размена, меѓукултурен дијалог и заедничко креирање, поттикнувајќи ја соработката помеѓу театарски ансамбли, режисери, актери и сценски работници од регионов. Фестивалот има убава цел ̶ да создаде жива европска сцена, над националните и културните рамки, со идеја да постави основа за долгорочен и меѓународен уметнички дијалог“, вели Никола Кимовски, директор на МНТ.
Како што велат организаторите на фестивалот, фокусот е насочен кон копродукции создадени или адаптирани во духот на меѓународната соработка, кои го демонстрираат потенцијалот на вмрежување, интердисциплинарни пристапи и обединување преку границите.
Во првото издание ќе учествуваат реномирани театарски куќи од Македонија, Србија и Бугарија, кои ќе ја презентираат својата работа пред меѓународната публика.
Разновидната придружна програма, пак, ќе понуди низа професионални и културни активности насочени кон едукација, инспирација и професионална размена. Ќе се одржат работилници и обуки со претставници на Генералниот директорат за образование и култура на Европската комисија од Брисел, и тоа на теми посветени на европско финансирање и мобилност за театри, како и на новите трендови и предизвици поврзани со дигиталниот, одржлив и колаборативен театар во 2025 година.
Во рамките на програмата ќе се одржи и тркалезна маса со режисери, актери и културни менаџери од регионот, изложби на сценографија, костими, постери, фотографии и архивски материјали, проекции на документарни филмови посветени на театарскиот живот и прекуграничната културна соработка, презентации на студентски проекти и настапи на млади уметници од академиите за сценски уметности, како и креативни настани и неформални средби, кои ќе поттикнат создавање нови партнерства и можности за соработка.
Настанот се реализира под покровителство на Европската Унија, со поддршка на Претставништвото на Европската комисија во Бугарија, општина Ќустендил и Сојузот на артисти во Бугарија.
Гостувањето на Македонскиот народен театар се реализира со поддршка од Министерството за локална самоуправа на Р. С. Македонија, во рамки на Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија, финансирана од Европската Унија преку интегриран развој на прекуграничниот регион.
Култура
„Јон Вардар“ со премиери во Кина, Германија и во Романија

Македонскиот анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ продолжува со својата меѓународна фестивалска авантура. Во наредните недели филмот ќе биде прикажан на три престижни фестивали: Меѓународниот филмски фестивал на патот на свилата (Silk Road International Film Festival) во Кина, Фестивалот за детски и младински филмови Шлингел (SCHLiNGEL International Film Festival for Children and Young Audiences) во Германија и Галактички Имагинариум (Galactic Imaginarium) во Романија.
Silk Road International Film Festival е еден од најголемите културни настани во Азија и вистинска раскрсница на светските кинематографии. На неговите досегашни изданија учествувале големи имиња како Лук Бесон, Асгар Фархаади, Софи Марсо. Амос Гитаи и Џеки Чен.
Со своето 30-то јубилејно издание, SCHLiNGEL е еден од најголемите и најзначајни европски фестивали за детски и младински филм. Таму се прикажуваат внимателно селектирани остварувања што ја слават креативноста и разновидноста во светското детско кино.
Романскиот Galactic Imaginarium пак, се одржува во Тимисоара и е специјализиран фестивал за фантастика и научна фантастика.
„Неверојатно е чувството да видиш како една македонска приказна за помалку од две недели патува од Кина, преку Германија, па сè до Романија. Овие три фестивали се различни по својот карактер – еден е светски гигант, другиот е европска институција за детска публика, а третиот е специјализиран за фантастика. За мене тоа е доказ дека филмот зборува универзален јазик. Се надевам дека публиката насекаде ќе ја почувствува иста радост и возбуда како и ние кога го создававме.“ – изјави режисерот Гоце Цветановски.
Од екипата на филмот најавуваат дека во октомври ќе бидат објавени уште нови фестивалски селекции, и дека меѓународното патување на Јон Вардар против Галаксијата допрва продолжува.