Изложби
Ретроспективна изложба на Симон Узуновски во Музејот на современата уметност

На 13 септември, со почеток во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена ретроспективната изложба „Пат за Волкодери – Ретроспектива“ со дела од македонскиот уметник Симон Узуновски.
Тим од петмина историчари на уметноста: Марика Бочварова-Плавевска, Зоран Петровски, Љиљана Неделковска, Валентино Димитровски и Лазо Плавевски, блиски пријатели на Узуновски и директни сведоци на неговото дејствување уште од 70-тите години, ќе го претстават творештво на еден од пионерите на уметничките партиципативни инсталации во Македонија. Куратор соработник на изложбата е Благоја Варошанец, а во подготовките свој придонес дадоа и конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.
„Ретроспективната изложба на Узуновски има цел не само историографски ретроспективно да го презентира неговото творештво туку и теоретски да ја осветли неговата исклучителна појава. Фокусот на изложбата е сепак насочен на најзначајниот за него период на седумдесеттите години на ХХ век, период кога на локалната сцена, како дел од југословенскиот културен простор, продираат алтернативните уметнички практики. Симон Узуновски е клучната фигура на овие нови уметнички практики во нашата средина. Со своето уметничко дејствување Узуновски отвори еден сосема инаков пристап кон сфаќањето на уметноста, со што беа доведени во прашање воспоставените конвенционални јазични и естетски нормативи на традиционалните ликовни дисциплини“, велат кураторите на оваа поставка.
Во поставката ќе бидат изложени повеќе од 100-ина дела, кои вклучуваат објекти, фигурини, колажи, цртежи и асамблажи и апликации изведени со леплива лента или селотејп на стакло или хартија, материјал по кој е најчесто препознатливо делото на Симон Узуновски. Неповторливите, ефемерни инсталации, перформанси и акции со кои Узуновски инволвира широк круг пријатели, колеги, познајници и публика во создавањето или изведбата на повеќе негови дела, ќе бидат претставени со обемна фотодокументација, која истовремено ќе го прикаже и времето на 70-тите години и ентузијазмот и енергијата со кои Узуновски успеваше заразно да ја шири идејата за демократизацијата на уметноста и нејзиното приближување со манифестациите на секојдневниот живот.
Узуновски беше активен на сцената речиси 50 години, а повеќе години работеше и живееше на италијанскиот остров Капри.
Најрадикалните уметнички пробиви Симон Узуновски ги оствари во втората половина на 70-тите години со реализација на редица изложби, акции и партиципативни просторни инсталации, како тие во аулата на Филозофскиот факултет (1977 и 1978 година) во рамките на активноста на Естетичката лабораторија, потоа во галеријата „Кора“ (1977 година), уличната акција (1977 година) и легендарната изложба/инсталација во подрумскиот простор на улицата „Максим Горки“ (1978 или 1979 година). Во 1984 година учествува на изложбата „Нови појави во македонската ликовна уметност во последната деценија“, одржана во Домот на младите „25 Мај“, Скопје. Истата година ја реализира својата самостојна изложба/амбиентална инсталација во Домот на младите „25 Мај“. Во 1994 во Музејот на град Скопје е прикажано неговото дваесетгодишно творештво, а во 1995, 1996 и 1997 година учествува на изложбите во Чифте амам. Од 2003 година зачестува неговото присуство во Музејот на современата уметност кога е дел од проектот „Идеја-тека“ (Избор на документи од концептуалниот дискурс во Македонија), „Невидливиот пејзаж“ 2013 година, „Солидарноста – недовршен проект“ (постојаната поставка), 2014 година и „Главните пунктови на македонската ликовна уметност во 70-тите и во 80-тите“, 2020 година. Со својата неуморна енергија, подготвеноста за акција и отвореноста кон вклучувањето во современите уметнички текови Узуновски и во изминтите години беше присутен во алтернативните пробиви на дел од помладите генерации уметници собрани околу неформалното колективно дејствување, иницијативата „Кооперација“ и нивната активност свртена кон критика на институционалната и идеолошки и политички детерминирана културна политика.
Узуновски беше еден и од првите соработници на сценографот Крсте Џидров-Џиби од крајот на 70-тите и во текот на 80-тите години. Тие заедно работеа на 15-ина сценографии, а десеттото издание на Млад отворен театар – МОТ беше отворено токму со нивна заедничка изложба.
Изложбата во МСУ ќе биде отворена до 25 октомври 2022 година.
Поставката се реализира со поддршка на Министерството за културна на Северна Македонија и „ЕВН Македонија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Изложби
Изложба „Животи обликувани од вода“ во Културно-информативниот центар во Скопје

Во галеријата на Културно-информативниот центар во Скопје овој четврток во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Животи обликувани од вода“. На изложбата ќе бидат претставени дела на седум етаблирани фотографи од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија и од Србија.
Преку објективите на седум фотографи од регионот, изложбата „Животи обликувани од вода“ раскажува приказна за непрекинатите врски меѓу луѓето и реките. На фотографиите се забележани моменти крај реките, како и разни гласови и идентитети, кои ја откриваат комплексноста на нашиот однос со реките.
Изложбата е дел од иницијативата „Заедно за реките“, која има цел да заштити повеќе од 400 километри реки во регионот. Иницијативата е поддржана од една од најважните меѓународни организации за заштита на природата, The Nature Conservancy, а се реализира во соработка со „Екосвест“ од Македонија, како организациите Центар за животна средина, „Нови вал“ и „Динарика“ од Босна и Херцеговина, „Екотим“ од Црна Гора и Еколошкото здружение „’Рзав“ од Србија.
Преку оваа изложба членовите на иницијативата сакаат да ја запознаат јавноста со својата работа, со конкретните реки на чија заштита активно работат, како и со гласовите на локалните заедници, без кои нема долгорочна и одржлива заштита на реките. Со рано вклучување на локалните заедници и разбирање на нивните потреби заштитата на природата може да донесе и нови развојни можности за жителите на овие области.
Во рамките на оваа иницијатива, организацијата „Екосвест“, во соработка со Општината Демир Капија и Министерството за животна средина и просторно планирање, почна процедура за повторно прогласување на Демир Капија за заштитено подрачје, со што ќе се обезбеди активна заштита на Демиркаписката Клисура и дел од долниот тек на реката Вардар со нејзините притоки.
Изложбата ќе биде отворена до 15 октомври 2023 година, а влезот е бесплатен за сите посетители.
Изложби
Изложба на уметникот Митко Панов во „Мала станица“

Во „Мала станица“, на 5 октомври, со почеток во 20 часот, ќе се отвори изложбата на Митко Панов, концептуален, мултидисциплинарен уметник. Посетителите ќе имаат можност да присуствуваат на отворањето на проектот со наслов „Наместо вовед“. Изложбата ќе биде поставена до 29 октомври.
Изложбата на Митко Панов е осмислена да прикаже два елемента од неговото творештво – сликарството и филмот. Всушност, концептот е приказ на творештвото, каде што авторот е визуелен раскажувач.
Митко Панов е посветен на своето творештво во истражувањето нови изразни форми, каде што прави синтеза помеѓу класичните сликарски дисциплини, филмот и современите текови на идејата и концепт во уметноста. Експериментирањето со идејно концептуалните премиси овозможува оригинален ликовен продукт со продлабочени естетски резултати. Визуелното восприемање на светот што го опкружува преплетено со неговата имагинација создава ликовен свет во кој се обликуваат визуелните претстави.
Панов ја вткајува реалноста како инспирација во својата специфична творечка експресија. За него, реалноста е простор за преиспитување на емоционалното присуство на човекот и потрагата на лична вистина и суштина на постоењето. Во неговиот ликовен универзум реалноста е пренесена преку сопственото искуство, сфаќање и чувствување за светот, сопственото битисување во него создавајќи личен императив за еден друг реалитет, каде што не ги менува фактите на реалноста, туку го менува начинот на размислување во однос на стварноста. Перцепцијата преку окото на уметникот создава внатрешен свет, кој преку естетизираната визуелност станува слика што го отсликува домот на уметникот, т.е. неговата лична архива и опстојување.
Изложби
Прва самостојна изложба „Мрак“ на скулпторот Озбек Ајваз

На 23 август 2023 година, во 19.30 часот, во мобилната/монтажната галерија при Центарот за современи уметности во Паркот на франкофонијата, ќе биде отворена првата самостојна изложба „Мрак“ на скулпторот Озбек Ајваз, на која ќе бидат изложени скулптурите изработени од рециклирано железо.
„Среде темнината што се шири една светилка се појавува како симбол на надеж. Незиниот нежен сјај се пробива низ мракот, кој го открива патот пред нас, давајќи чувство на утеха…“
Изложбата е финансиски поддржана од Министерство за култура на РСМ.
Озбек Ајваз е роден 1999 година во Скопје, РС Македонија. Дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Факултет за ликовни уметности во Скопје, отсек вајарство, со модул сценографија во 2021 година, под менторство на проф. м-р Жарко Башески и проф. м-р Беди Ибрахим. На магистерски студии е на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, остек вајарство, под менторство на проф. м-р Жарко Башески.
Во периодот од 2019 до 2023 година учествува на повеќе групни изложби, симпозиуми и колонии во Македонија, Турција, Косово и во Црна Гора.
Во 2021 година ја добива наградата за надежен млад уметник во Истанбул, Р. Турција.
Од 2023 година е член на ДЛУМ – Друштвото на ликовните уметници на Македонија.
Скулптурите што ги изработува се од рециклирано железо во апстрактна и геометриска форма. Неговиот уметнички израз е под влијание на Пабло Пикасо, Александар Архипенко, Марсел Дишан, и Џулио Гонзалес.