концерти
Рецитал на кросовер и класичниот пијанист Евгениј Генчев

„Фантазија“ е наслов на рециталот на бугарскиот пијанист Евгениј Генчев, кој во вторник, 23 февруари, во 20 часот, ќе настапи во Камерната сала на Филхармонијата. На програмата се дела од елегичниот Албинони и романтичните Шопен и Лист.
Бугарскиот пијанист Евгениј Генчев настапува во Европа, Северна Америка, Азија и од Австралија и е добитник на повеќе од педесеттина национални и интернационални награди на натпревари за пијано. Неговите изведби биле пренесувани и на телевизиски програмки како РТЛ, АРД, ЗДФ, „Дојче веле“ и др. Исто така, настапувал и на телевизиското шоу на Хајди Клум – „Топ-модел“, на фестивалот „Парус“ во Дубаи заедно со Лука Шулиќ и Филип Киркоров…
Генчев настапувал во многу концертни сцени во светот – „Кофман центар“ во Њујорк, во Филхармонијата во Минхен, „Алтре Опер“ во Франкфурт, „Бриџвотер хол“ во Манчестер, „Мерцедес арена“ во Берлин, Центарот на национални уметности во Мексико Сити, филхармониската сала „Глинка“ во Санкт Петербург, Националниот центар за изведувачки уметности во Пекинг…
Последната сезона настапуваше со Филхармонискиот оркестар во Мексико Сити, со полската филхармонија „Фредерик Шопен“ во Гданск, со филхармонискиот оркестар ЛИСМА во Њујорк, со Симфонискиот оркестар во Пловдив соработувајќи со диригенти, како Максимилијано Калди, Аркади Лејтуш, Језус Месина, Жан-Паскал Тортелие…
Евегениј Генчев е роден во Бугарија, а пијано учел во Националното училиште за музика и танц „Добрин Петков“ во Пловдив. Својата едукација ја продолжува на Кралската академија во Лондон и на Интернационалната пијано академија Incontri col Maestro во Имола, Италија. Исто така, ја има завршено и програмата за уметничка диплома на училиштето за музика и драма „Гилдхол“ во Лондон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

концерти
Уште еден концерт „Филхармонија за Филхармонија“

По првиот камерен концерт кој се одржа на крајот од минатата година, на кој настапија музичари од оркестарот на Филхармонија, овој четврток во 20 часот ќе се одржи уште еден од серијата насловена „Филхармонија за Филхармонија“.
На програмата се дела од Бетовен, Шнитке, Девиен, Шуберт, Премру, Глинка и Барток. Во рамки на програмата ќе настапат квартет „Вива Стрингс“ (Елена Талевска – виолина, Димитар Михајловски – виолина, Дубравка Зајкова – виола, Дејан Теодосиевски – виолончело); триото во кое свират Илза Бафтијари (виола), Илинка Велкова (флејта), Маја Михајловска (виолончело); Пијано трио со Маријана Николовска на пијано, Даниел Лазаровски на виолина, Драган Гоневски на виолончело;Групата виолончела на Филхармонија; Трио тромбони (Бранко Илиевски, Никола Ристески и Александар Ниниќ) и триото во кое свират Елена Талевска(виолина), Паскал Краповски (виолончело) и Мерсиха Шукри (харфа).
концерти
Танго-магија со Астор Пјацола

Оркестарот на Филхармонија в четврток, во 20 часот, ќе одржи концерт на кој ќе биде изведен Концертот за хармоника и оркестар „Аконкагва“ од Астор Пјацола, а како солистка ќе настапи Анна Коловска од Русија. Диригент е Борјан Цанев, а на програмата се и „Песна и танец“ од македонскиот композитор Томе Манчев, и „Орава“ од полскиот композитор Војчех Килар.
Астор Пјацола (1921 – 1992) е еден од најзначајните аргентински композитори, кој го револуционаризираше традиционалното танго, носејќи го во нов стил што го нарече „нуево танго“ (ново танго) во кое инкорпорираше елементи од џезот и класичната музика. Првиот концерт за бандонеон и оркестар, познат како „Аконкагва“ (така го насловил неговиот издавач Алдо Пагани, како асоцијација за врв во неговото творештво, аналогно на највисокиот врв во Јужна Америка), Пјацола го создава во 1979 година.
Војчех Килар (1932 – 2013) е еден од најзначајните современи полски композитори, автор на класична и филмска музика. Добитник е на повеќе награди за неговата музика за филм, а негово најголемо остварување е музиката за „Дракула“ на Френсис Форд Копола. Автор е и дел од музиката за филмот „Пијанист“ на Роман Полански. „’Орава’ е едниственото мое дело во кое не би сменил ниту една нота. Тоа најдобро ме одразува како композитор“, изјави полскиот композитор Војчех Килар во едно интервју направено во Краков во 1997 година. Насловот на делото не сугерира само на географскиот регион, сместен меѓу Полска и Словакиа, туку и на реката која тече во овој регион. Музичката прогресија во „Орава“ може да се дефинира како поток кој тече од планинските предели низ различните пејзажи.
Томе Манчев (1950 – 2020) е еден од најистакнатите претставници на македонската музика од преминот меѓу 20 и 21 век. Автор е на обемен творечки опус во речиси сите музички жанрови, но главниот белег го остави во оркестарското творештво. Благодарение на своите темелни и систематски студии во Македонија (Властимир Николовски) и во странство (Чешка – J. Дворжачек и Ј. Церемуга и Бугарија – Д. Сагаев) Манчев имаше можност темелно да ги изучи и истражи техниките на компонирање и оркестрирање на дваесеттиот век кои ги примени и адаптира во своето музичко творештво. Во „Песна и танец“ за гудачки оркестар (2000), Манчев ја инкорпирира својата суштинска препознатливост како автор која се рефектира преку фузија на македонската музичка и духовна традиција со европската авангарда.
Добитникот на македонското признание „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа, Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а ќе биде поканет да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис на Кралскaта оперска школа. Добитник е на наградата „Аугуст Манс“ за најдобар диригент токму на Кралскиот музички колеџ, за потоа да диригира со Лондонскиот симфониски оркестар како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис. Во наредните години маестро Цанев има многубројни концерти со Македонската филхармонија, како и со нејзиниот Камерен оркестар во Македонија и во странство (Рим, Париз, Истанбул, Прага, турнеја во Полска, Загреб, Њујорк).Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година му носи постојани ангажмани со овој виден оркестар, а во 2006 година е назначен и за негов постојан гостин-диригент. Во 2005 година, Цанев дебитира во Македонската опера и балет, каде што следната година ја поставува премиерата на „Волшебната флејта“ од Моцарт. Покрај гореспоменатите, Цанев диригирал и со Црногорскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Арад, Симфонискиот оркестар „Вагнер“ од Токио, Симфонискиот оркестар на Војводина, „Синфониета“ – Софија, Хрватскиот камерен оркестар, Задарскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, со ансамблот за современа музика „Алеа“ и др.Борјан Цанев како диригент се појавува во САД, Англија, Јапонија, Италија, Франција, Чешка, Полска, Хрватска, Србија, Бугарија, Црна Гора, Турција, Романија…
Анна Кришталева Коловска е родена во Армавир, Русија, во 1996 година и уште од рани години се врзува за музиката, редовно концертирајќи и настапувајќи на интернационални и на домашни натпревари. Основното музичко образование го завршува во новокубанското детско музичко училиште, во класата на проф. Михаил Бојко. Во 2014 година, пак, се запишува во Ростовскиот музички колеџ во класата на познатиот професор и заслужен артист на Русија – Јури Шишкин. Нејзиниот репертоар е богат и вклучува композиции од различни музички епохи, дела од Менделсон, Григ, Московски, Лекуона, Кусјаков, Бах, Шчедрин, Семионов…, како и композиции од руската народна музика. Инаку, Анна Кришталева редовно настапува на натпревари, како и на концерти во Русија и надвор од земјата, а нејзините изведби се високо позитивно оценети од страна на критиката и опишани како „интерпретации исполнети со страст и длабочина, во комбинација со долги и драматични скали, деликатен опсег на звукот и брилијантна техника…“ Кришталева е добитник на Гранд при на натпреварот „Акордеон плус“ во Ростов на Дон, Русија, во 2012 година, потоа победник е во сениорска категорија за класична музика на Интернационалниот натпревар „Кастелфридардо“ во Италија во 2015 година, а има освоено и прво место на вториот Интернационален натпревар за хармоника во Алкобаса, Португалија, како и прво место на натпреварот „Гридин“ во Курск, Русија, во 2016 година.
концерти
Виенскиот Новогодишен концерт годинава без публика

Традиционалниот виенски Новогодишен концерт ќе се одржи оваа година, но без публика, а што се однесува до сезоната на балови во главниот град на Австрија, поради пандемијата на коронавирусoт тие се откажани.
Овој 1 јануари музичарите под диригентската палка на Италијанецот Рикардо Мути ќе настапат пред празна сала, првпат од основањето на концертот во 1939 година. За да се надополни тишината, особено забележлива по живата полка, јавната телевизија ОРФ ќе емитува аплаузи во живо од гледачите, а 7.000 луѓе ќе можат да го споделат своето воодушевување од своите дневни соби.
„Откажувањето би испратило страшен сигнал до целиот свет“, изјави Даниел Форшауер, директор на Филхармонискиот оркестар, на крајот на октомври кога се стравуваше дека може да се откаже концертот поради зголемениот пораст на бројот на инфекции.
Тој сметаше дека е едноставно незамисливо да се откаже тој престижен концерт. Форшауер се ангажираше да не се откаже концертот, дури и кај канцеларот Себастијан Курц. Виенската филхармонија е за Австрија исто како и фудбалот за Германија, рече тој.
- Книги2 месеци
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Црна хроника3 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Македонија3 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Македонија2 месеци
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Регион2 месеци
(Видео) Прекината прес-конференција на градоначалникот на Бања Лука: „Луѓе ова е сериозен земјотрес“
- Регион2 месеци
(Видео) Снимен моментот на потресот во Петриња – луѓе не можат да се задржат на земјата
- Европа5 дена
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран