Култура
Самостојна изложба на Иван Аџиевски во КСП Центар-ЈАДРО

„Форми на системот“ е мултимедијална концептуална изложба во која преку ликовната уметност, инсталациите, скулптурата, како и видеопроекција се прави обид на пошироката јавност да ѝ се покаже критицизам на реалната состојба на коруптивниот неправичен систем со праќање порака за надминување на таквата состојба.
Корупцијата се перципира како најголемо општествено зло и закана за правната држава. Феноменот на корупцијата се смета не само како морално штетен туку и како причина за нефункционирање на институциите на системот и како сериозен економски и политички проблем (la fraude erigee en systeme). Корупцијата го еродира владеењето на правото и сериозно ги повредува човековите права бидејќи со неа се врши пренасочување на јавните средства наместо за решавање на основните потреби на граѓаните, за коруптивни активности и за нелегално збогатување на поединци или групи (бизнисмени и други центри на моќ). Борбата против корупцијата значи заштита на основните човекови права, гарантирани со Универзалната декларација за човекови права, како што се правото на образование, здравствена заштита, социјална заштита, чиста животна средина, добра инфраструктура, сигурност и сл.
Изложбата „Форми на системот“ овозможува искористување на моќта на уметноста и културата за охрабрување на граѓанска акција против корупцијата. Таа процесира идеја/провокација кај уметниците, активистите и новинарите креативно да се вклучуваат во антикорупциските прашања, да изградат меѓусекторски релации и подобро да ја разберат улогата на креативната акција и како таа влијае врз перцепцијата на јавноста за корупцијата.
Цел на проектот е поттикнување на јавниот дијалог за надминување на корупцијата и неправичноста на централно и на локално ниво од правниот систем како социјален проблем, како и стимулирање повисока свест кај јавноста за овој проблем како пречка за евроинтеграција.
Уметничките слики претставени на изложбата се изработени во различни формати од алтернативни сликарски материјали на платно. На нив се застапени алуминиумски и бакарни плочи во неправилни форми на кои се принтани цитати /фрази од актуелното позитивно право, а јавноста може да се запознае со примери од судската правна практика и судската статистика. На дел од плочите се принтани и филозофски мисли на филозофи/мислители што имаат цел да потикнат креативен активизам против неправичноста на правниот состем.
Во централниот дел на галеријата е поставена скулптура – стилизирана претстава на божицата на правдата Јустиција изработена од кородиран метал симболизирајки го неправичниот корумпиран судски корозивен систем каде што правдата и правичноста се дефакторизирани и крајно маргинализирани. Сликите и скулптурата се придружени од инсталации – колаж од фотографии од пораки на активисти (CSU) против корупцијата поставени на јавен простор преку кои граѓаните на еден креативен начин го креваат гласот против овој општествен проблем.
Во видеопроекцијата се прикажуваат фрагменти од уметничките слики и таа завршува со приказ на скулптурата – божицата на правдата Јустиција.
Отворањето на изложбата „Форми на системот“ е на 9 декември – Светскиот ден за борба против корупцијата во КСП Центар-Јадро. Изложбата „Форми на системот“ е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, дел од „Програмата за визуелни уметности од национално значење за 2023 година“.
Иван Аџиевски (Скопје, 1985) завршува правен факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во 2009 година. Во водите на сликарството влегува во 2018 година со реализација на својата прва самостојна изложба „Beauty Spot“ во галерија Концепт 37 каде беа изложени дела работени во комбинирана техника акрил на платно со престава на женски лик и акт во експесионистички и кубистички манир.
На својата втора самостојна изложбa „Beauty Spot II“ во 2022 година во КСП Центар-Јадро престави 24 слики работени во различни сликарски медиуми и материјали со делумна апстракција и енформел кои беа продолжување на претходната матрица на насликани портрети на девојки и женски акти кубистички претставени.
На третата самостојна мултимедијална концептуална изложба „Форми на системот“ која е дел од програмата за визуелни уметности од национално значење за 2023 година авторот се преставува со слики, инсталации, скулптура и видео проекција кои имаат за цел потикнување на јавен диалог и креативен активизам за надминување на корупцијата како економски и политички проблем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Марко Виденовиќ и „Мевлем“ вечерва на „Бит-фест“

Битолското културно лето „Бит фест“, вечерва во Офицерскиот дом во Битола со почеток во 21:00 часот, ќе биде домаќин на прекрасна вечер во која музиката низ Проектот „Мевлем“ ќе зборува за љубовта, болката и надежта…
Проектот „Мевлем“, претставува уникатен спој на авторска музика и поезија од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој наиде на извонреден прием и сериозен одек меѓу публиката и културната јавност, како во земјава така и надвор од неа.
Со секој од досега реализираните концерти, „Мевлем“ не само што ја потврдува својата уметничка автентичност, туку и се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет. Неговата досегашна реализација покажа дека публиката, без оглед на културниот контекст, препознава искреност, длабочина и убавина.
Музичкиот состав „Мевлем“ е составен од музичарите: Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело, и самиот автор Марко Виденовиќ – пијано и глас, кои досега концерти одржале во: Загреб, Белград, Скопје, Битола, Охрид, Гевгелија и Велес.
Во вечерашната програма се вбројуваат композиции кои се специјално создадени за проектот „Мевлем“ и претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија.
„Мевлем“ е повеќе од концерт – тој е уметничка исповед, место каде поетскиот збор не се чита туку се чувствува, каде што музиката не се слуша туку се доживува. Создаден од композиторот и поет Марко Виденовиќ, овој проект е интимен дијалог помеѓу музиката и зборот, меѓу солистите и тишината, меѓу публиката и нејзините најдлабоки емоции.
Композициите, инспирирани од лична и колективна болка, љубов, надеж и тишина, се изведуваат од музичари кои со секој тон ја раскажуваат таа внатрешна вистина. Влијанието што овој проект го има врз публиката е од оние ретки, длабоки уметнички впечатоци што долго остануваат со човекот.
„Мевлем“ во својата суштина има потреба – да се понуди лековитост преку уметноста, да се овозможи допир со нешто исконско, нешто што ги надминува жанровите и формите.
„Целта никогаш не беше само да се приреди концерт, туку да се отвори простор за уметнички дијалог, за разбирање и заедништво. Резултатите од тоа не се само мерливи преку број на публика, аплаузи или медиумски интерес – туку преку тишината меѓу две композиции, преку солзите по последниот акорд, преку луѓето што приоѓаат по концертот не за да честитаат, туку за да споделат своја приказна. А токму тоа, всушност, беше и крајната цел“, вели Марко Виденовиќ, автор на Проектот „Мевлем“, кој вечерва ќе биде претставен пред публиката во Битола.
Култура
Концертна промоција на албумот „Егрерор“ на „ФИН проект“ и Тања Царовска

Концертната промоција на албумот „Егрерор“ на Никола Стојковски (ФИН Проект) и Тања Царовска ќе се одржи денеска со почеток во 20:30 часот во Куршумли ан.
На концертот, како гости ќе настапат и Петар Христов (саксофон и кларинет) и Горан Трајкоски – Готра, на пијано Билјана Петровска, бас и контрабас Андреа Мирческа, како и Илија Јовчев – виолина, Ева Ристеска – виолина, Ангела Винтовска – виола, Александар Ицковски – виолончело.
Албумот „FIN Project Orchestra“ е издаден во декември 2022 година од М-Сол Рекорд и е поддржан од Министерството за култура на Р.С. Македонија. Следуваше „FIN Project – Contemplation“ кој е издаден во јануари 2024 година.
Музичкиот материјал на албумот е подготвен во соработка со кларинетистот Петар Христов. А, како последно издание во 2024 година, FIN Project во соработка со светски реномираниот композитор и продуцент на извонредната Лиза Жерар, Марсело Ди Франсиши, го објави „Indie Monastery – One Big World (remixes)“ каде како вокален интерпретатор се појавува иранската дива Бахар Шах.
Култура
Љутков: Културното наследство не е минато што го чуваме по инерција, туку иднина што ја градиме со свест

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, австрискиот амбасадор Мартин Памер, претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Волфганг Мајер, и директорката на Археолошкиот музеј на Македонија, Магдалена Манаскова, го посетија археолошкиот локалитет Тумба Маџари по повод потпишување Договор за долгорочно користење на парцела во сопственост на ЕВН што е во рамките на локалитетот.
Локацијата што денес се отстапува за долгорочно користење, во рамките на археолошкиот локалитет Тумба Маџари, станува дел од живата мрежа на научна работа, теренски истражувања, едукација и развој.
Кога јавниот и приватниот сектор застануваат на иста страна, на страната на заедничките општествени вредности, тогаш и ефектот никогаш не изостанува. Со потпишувањето на денешниот договор, локалитетот Тумба Маџари добива нова перспектива.
Љутков упати благодарност до Волфганг Мајер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија, до ЕВН како компанија и до австрискиот амбасадор Мартин Памер за континуираната соработка во областа на културата.
Министерството за култура и туризам стои зад оваа иницијатива, активно поддржувајќи ја соработката меѓу јавниот и приватниот сектор, создавајќи широк круг на поддршка и ангажман. Оваа партнерска врска не само што го зајакнува нашиот културен идентитет туку, исто така, го поттикнува развојот на туризмот и на економијата, притоа создавајќи нови можности за локалните заедници. Потпишувањето на денешниот договор не е само правен акт, ова е чин на зрелост на заедницата што го препознава културното наследство како вредност што има смисла само кога заеднички се чува и се споделува.