Култура
Сара Климоска – актерско откритие во Европа за 2021 година
European Film Promotion оваа година ја избра македонската актерка Сара Климоска како една од десетте европски актерски откритија – European Shooting Stars 2021.
Оваа манифестација се одржува во рамките на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин и важи за една од најпрепознатливите обележја на Берлинале, каде актерите кои се избрани имаат неверојатно искуство и можност за воспоставување на контакти со европски кастинг агенции, филмски професионалци и етаблирани актери од Европа.
Оваа година 24. издание на European Shooting Stars, ќе се одржи дигитално во период од 23 до 25 февруари, една недела пред 71. издание на Берлинале, додека официјалната церемонија за доделување на наградите за European Shooting Stars ќе се случи во Берлин во јуни 2021, кога ќе се одржува и дел од програмата со проекции на филмовите на фестивалот.
Во оваа престижна селекција, Сара Климоска е избрана заедно со уште девет актерки имиња од Финска, Франција, Германија, Унгарија, Литванија, Ирска, Холандија, Португалија и Шведска, а поради нејзината улога во дебитантскиот филм на Игор Алексов – „Лена и Владимир”, во продукција на „Минд продукција“.
Во филмот „Лена и Владимир“, Сара ја глуми 16-годишната Лена, која никогаш се нема вљубено претходно, покрај средовечниот Владимир (Тони Науновски), кој, пак, има загубено сè што љубел претходно. Заедно доживуваат пролет во еден ладен јануари и се вљубуваат во животот. Сценариото е на Александар Русјаков. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм, којшто е завршен минатата година, но сè уште не е прикажан.
Во меѓународната организација European Film Promotion, каде Агенцијата за филм е членка, досега во оваа програма учествувале многу познати актери од Европа како: Matilda de Angelis (The Undoing), Carey Mulligan (Promising Young Woman, The Great Gatsby), Alba Rohrwacher (Happy as Lazzaro), добитничката на Оскар – Alicia Vikander (Tomb Raider), Maisie Williams (Game of Thrones), Riz Ahmed (Rogue One: A Star Wars Story, Mogul Mowgli- Berlinale 2020), George MacKay (1917), како и Louis Hofmann (Netflix’s Dark), а од С. Македонија досега од оваа програма биле дел Благој Веселинов во 2019 , Наташа Петровиќ во 2011 и Лабина Митевска 1998 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Факултетот за музичка уметност го најави годишниот концерт „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“
Факултетот за музичка уметност – Скопје го најави годишниот концерт насловен „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“, кој ќе се одржи во петок, 5 декември, со почеток во 20:00 часот во Големата концертна сала на Македонската филхармонија. Настанот е дел од одбележувањето на 59-годишнината од постоењето на институцијата.
ФМУ – Скопје истакнува дека како алма матер на голем број уметници од земјата и регионот, останува централниот столб на музичкото и балетското образование, создавајќи генерации изведувачи, педагози и творци кои го обликуваат уметничкиот живот во Македонија.
На концертната програма ќе настапат Симфонискиот оркестар на ФМУ, Мешаниот хор „Драган Шуплевски“, Камерниот гудачки оркестар „ФМУ Солисти“, Оркестарот од народни инструменти со солисти, студенти од Катедрата за балетска педагогија, од Катедрата за џез и популарна музика, како и дувачкиот ансамбл на ФМУ, под водство на проф. м-р Цанев, проф. м-р Татарчевски и доц. м-р Спироски.
Публиката ќе има можност да слушне дела од Пурсел, Сен-Санс, Прокофјев, Тиле/Вајс, Коен, Сусато, Горецки, Гершвин, македонска традиционална музика, како и нови композиции од студентите А. Голчева и М. Цветановска.
Влезот на настанот е слободен.
Култура
Сè што ни е заедничко“ – во МСУ изложба што го иницира прашањето „Дали навистина го дишеме истиот воздух?“
Сè што ни е заедничко (Институција во дишење) – нова изложба во МСУ-Скопје од 27 ноември
Во Музејот на современата уметност – Скопје на 27 ноември 2025 година, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Сè што ни е заедничко (Институција во дишење)“, кураторски проект на Мира Гаќина и Јованка Попова.
Во изложбата учествуваат Forensic Architecture, Денис Фереира да Силва и Арџуна Неуман, Дурмиш Ќазим, Џумана Мана, Зорица Зафировска и Палестинскиот музеј.
Проектот тргнува од прашањето дали навистина го дишеме истиот воздух. Изложбата го поставува воздухот како ресурс што формално го делиме, но не и еднакво, укажувајќи на токсичните атмосфери – буквални и политички – и на позицијата на маргинализираните заедници.
Инспирирана од концептот на Фанон за „борбено дишење“, поставката ги истражува уметничките практики што откриваат колонијални, империјални и капиталистички структури впишани во воздухот што го дишеме. Авторите визуелизираат токсични облаци, архиви на насилство и невидливи атмосфери што влијаат врз секојдневието.
Паралелно со изложбата, која ќе трае до крајот на февруари, ќе се одржат јавни програми. Во рамките на проектот „Институционални градини“ на Зорица Зафировска ќе има детски работилници за садење и изработка на семенски топчиња, активности за чистење и обновување на просторот околу МСУ, поставување компостна кутија и прикажување едукативни видеа.
Со оваа поставка МСУ-Скопје се претставува како „институција во дишење“ – отворена, инклузивна и ориентирана кон заедницата, со повик за заедничко размислување и акција. Визуелниот идентитет на проектот е дело на Албана Бектеши.
Култура
Промоција на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска
Во среда, 3 декември, со почеток од 19:00 часот во „Јавна соба“, Скопје, ќе се одржи промоцијата на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска, посветена на најпознатата и најуспешна македонска кореографка за современ танц ‒ Рисима Рисимкин. Изданието е на „ПНВ Публикации“ и објавено е со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Монографијата низ разговор со Јасна Франговска и Рисима Рисимкин ќе ја претстави Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.
Во ова обемно и луксузно издание, на 180 страници, опфатени се сите значајни аспекти од 45-годишната кариера на Рисима Рисимкин ‒ од самите почетоци како балерина, со сите предизвици со кои се соочувала, до големите успеси што ја дефинираа како истакната кореографка од областа на современиот танц, којашто со нејзината едукациска работа зад себе остава нови генерации танчари и кореографи. Рисима Рисимкин е клучна фигура во македонската култура, а нејзиниот труд годинава беше крунисан и со високото признание ‒ Витез на францускиот ред на уметностите и книжевностите што го доделува државата Франција.
Покрај извонредно питкото писмо на Франговска, што на многу топол и непосреден начин го доближува животниот и професионалниот пат на Рисимкин, извадоците од позначајните рецензии за нејзините дела и обраќањата до читателот од самата Рисима, изданието е збогатено и со неверојатни фотографии од личната архива на Рисимкин и од архивата на „Интерарт културниот центар“, чиишто автори се: Андреј Гиновски, Драган Перковски, Сашо Димоски, Сердар Ајдин, Aнтонио Пиштолов, Ивана Тасев, Олга Ибатулина, Зоран Велјаноски ‒ Летра, Емил Петров и Борис Грдановски.
„Би ја опишала како македонската Пина Бауш, потпрена на белиот балет, којашто во еден момент посакува да излезе од таа рамка и да оди во слободата на движењето…“, ќе изјави Мирјана Радочевиќ за „Политика“, Белград во 2003 г.

