Култура
Свечено затворање на 55. издание на фестивалот „Илинденски денови“
Со вечер на интернационална музика и игра исполнета со прекрасна музика и изведби, на Платото пред Офицерскиот дом, синоќа свечено беше затворено 55 издание на Фестивалот „Илинденски денови“, кој како значајна традиционална манифестација и оваа година беше дел од програмата на Битолското културно лето БИТ ФЕСТ.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, им се заблагодари на организаторите, учесниците и гостите на фестивалот, нагласувајќи дека, изминатите две недели преку Фестивалот „Илинденски денови“, Битола ги живееше деновите кои не се мерат со време, туку со вистинска емоција, исполнета со пулсот на еден народ кој културата и традицијата ги поставил на пиедесталот на највисоките вредности.
„Боите, звуците и душата на светскиот фолклор, одекнаа од најпрепознатливите агли на нашиот град – сцена, почнувајќи од Старата чаршија, Плоштадот Магнолија, преку Широк Сокак, па се до Офицерскиот дом. Од чекорот на орото, преку шевот на носијата, погледот на младите кои ги учат песните и играта на предците, бројните работилници и едукативните средби, покажавме дека во Битола фолклорот е жив, длабок, топол ритам што трае, но и вистински мост што ги поврзува генерациите и народите.
Нашето 55 издание на фестивалот „Илинденски денови“, токму на еден таков импресивен начин ни покажа уште едно моќно испреплетување на македонската традиција со традициите и културните обележја на Швајцарија, Индонезија, Мексико, Грузија, Полска и Хрватска.
Благодарност до сите кои беа дел од ова фестивалско издание, до ансамблите и уметниците, до нашите партнери и институции, а посебна благодарност до публиката која за време на секој настан го исполнуваше просторот со љубов, восхит и силни аплаузи.
Ова фестивалско издание нека ни биде потсетник дека она што го правиме денес, останува за утре, дека културата е светлина што не се гасне, а фолклорот не е само традиција, туку иднина што ги чува корените.
Со срце полно гордост, со љубов кон нашиот град и со поглед свртен кон идното издание – ве поздравувам и Ви благодарам што бевте дел од Програмата на 55 издание на Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ – рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Директорот на Центарот за култура, Сашо Илковски, нагласи дека во изминатите две недели Битола повторно пулсираше во ритамот на народната музика, во боите на носиите, во живиот збор и изразот на традицијата. Тој додаде дека, мисијата на институцијата не завршува тука, напротив веднаш започнуваат подготовките на новото издание на фестивалот, кое повторно ќе биде мост помеѓу генерации, култури и простори.
„Нека живее фолклорот, нека живее културата. Да ја негуваме и одржуваме традицијата, а со тоа и фестивалот „Илинденски денови“. До ново видување со уште повеќе љубов, музика и традиција“, порача Илковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на новата детска претстава „Металковци патуваат“ на Малата сцена во МОБ
На 7 март во 11:00 часот, на Малата сцена на Македонската опера и балет, премиерно ќе биде изведена новата интерактивна музичко-сценска претстава „Металковци патуваат“, дел од проектот „Фамилија Металковци“. Истата ден ќе следи реприза во 13:00 часот, а следните изведби се закажани на 14 март во 11:00 и 13:00 часот.
Станува збор за нова продукција наменета за деца од 4 до 10 години, во изведба на брас квинтет составен од музичари од Македонската опера и балет. Претставата трае речиси еден час и комбинира музика во живо, сценска игра и постојана интеракција со публиката.
„Металковци патуваат“ ги носи најмладите на музичко патување низ различни култури, при што децата активно учествуваат, учат за дувачките инструменти и ја откриваат нивната звучна палета.
Проектот има јасна едукативна и културна мисија – поттикнување интерес за запишување во музички училишта и развивање културна публика од најмала возраст.
„Со проектот ‘Фамилија Металковци’ сакаме да создадеме одржлива културна публика уште од најрана возраст. Нашата цел не е само да поставиме нова претстава, туку да изградиме движење што ќе ја доближи класичната музика до децата на природен и современ начин. Доколку барем едно дете по претставата посака да запише музичко училиште, тогаш знаеме дека мисијата е исполнета.“
Со капацитет од 200 посетители по изведба, се очекува значителен интерес од семејната публика.
„Кога Металковци зборуваат – дечињата слушаат.
Кога Металковци свират – дечињата патуваат.“
Претставата е во организација на здружението Мак Брас, во копродукција со Македонската опера и балет.
Билетите се достапни онлајн на: https://mktickets.mk/event/metalkovci/ како и во сите книжарници на Литература.
Култура
Последна, 30. по ред изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“ во Битолски театар
На 04.03.2026 во 20:00 часот, сцената на Народен театар Битола ќе ја пречека 30-тата и воедно последна изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“, во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во истата заедно со актерот Александар Копања.
По тој повод, билетите се со 50 проценти попуст, по цена од 100 денари.
„Ова не е само промоција. Ова е покана. Покана да бидете дел од една завршница што се случува само еднаш. Последните изведби имаат посебна енергија – актерите играат со срце што знае дека за последен пат ја раскажува приказната, а публиката станува сведок на момент што повеќе нема да се повтори“, велат од битолскиот театар.
Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.
Култура
Љутков во Брисел на средба со Нела Рајхл: Фокус на младите, дигитализацијата и развојот на креативните индустрии
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во рамките на посетата на Брисел, денеска оствари работна средба со Нела Рајхл, претседателка на Комитетот за култура и образование при Европскиот парламент.
На средбата, Љутков ја истакна цврстата заложба на Министерството за култура и туризам за унапредување на културните политики, со акцент на младите, дигитализацијата и современата промоција на културното наследство, како и на системски развој на креативните индустрии.
Министерот ја потенцираше активната вклученост на Македонија во користењето на европските инструменти за помош и програмите за соработка со земјите членки на Европската Унија, вклучително и ТАЕКС (TAIEX) и другите ИПА-инструменти за претпристапна помош. Тој рече дека Министерството за култура и туризам ги имплементира програмите „Креативна Европа – Култура и Медиа“, кои овозможуваат поддршка за копродукции, мобилност на уметници, европски мрежи и градење институционални капацитети, додека Министерството за образование и наука ги спроведува програмите „Хоризонт“ (Horizon) – за истражувања во технологиите за дигитално наследство и „Еразмус +“ (Erasmus+) – насочена кон образовна и младинска мобилност.
Љутков нагласи дека Македонија ја препознава сѐ поголемата економска и општествена вредност на креативните индустрии, кои претставуваат стратегиски двигател на економскиот раст, иновациите и меѓународната видливост. Во таа смисла, ќе се интензивира соработката со европските земји кои ги препознаваат културните и креативни индустрии како приоритетен сектор.
Според министерот Љутков, акцент е ставен врз дигитализацијата и дигиталната трансформација, особено во заштитата и промоцијата на културното наследство. Тој рече дека како земја со исклучително богато културно наследство, Македонија посветува големо внимание на зачувувањето на јазикот, фолклорот, традиционалните занаети, фестивалите и музиката како континуитет на културниот идентитет.
Дополнително, тој информираше дека Министерството за култура неодамна го презеде и секторот туризам во својата институционална структура, со што се отвораат нови стратегиски цели за развој на културниот туризам и за воспоставување рамнотежа меѓу заштитата на наследството и современиот креативен развој.
На средбата соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно продлабочување на соработката, со цел унапредување на европските културни политики и зајакнување на улогата на културата во процесите за европска интеграција.

